1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Пожар во болница во Романија однесе седум човечки животи

БГ
1 октомври 2021

Трет пожар во болница во Романија со човечки жртви во последнава година. Жртвите во болницата во Констанца се пациенти на интензивна нега.

https://p.dw.com/p/418eF
Rumänien Brand in Krankenhaus in Constanta
Потврдена е смртта на најмалку седум пациенти во пожарот во болницата во РоманијаФотографија: IGSU Romania/AP Photo/picture alliance

Во пожар во болница во романскиот град Констанца загинаа најмалку седум пациенти, а десетици биле евакуирани. Пожарот го зафатил интензивното одделение во болницата во кое, во тој момент, се наоѓале 10 пациенти. Само неколкумина успеале да се спасат од огнената стихија. Околу 100 луѓе биле евакуирани од болницата.

Аматерски снимки на очевидци покажуваат очајнички обиди на пациенти и вработени да се спасат од пожарот во болницата.

Властите првично соопштија дека настрадале 9 лица, но во меѓувреме бројката е намалена, а како причина се наведува недоразбирање меѓу пожарникарите и болничкиот персонал.

Rumänien Brand in Krankenhaus in Constanta
Итна медицинска служба им помага на повредените во пожарот во болницата во Костанца, РоманијаФотографија: IGSU Romania/AP Photo/picture alliance

Причината за пожарот сѐ уште не е позната, изјави министерот за здравство Атила Чеке, додавајќи дека ќе се отвори истрага за трагедијата.

„Историјата се повторува“ 

Собрани пред влезот на болницата, роднините на жртвите ги обвинија властите за „неспособност“.

„Историјата се повторува. Ништо не беше сторено за да се поправат условите во болниците“, рече за локалните медиуми една жена, чија мајка загинала во пожарот.

Директорката на болницата Стела Халикидис тврди дека пропустите кои биле утврдени при контролата во јануари годинава, во меѓувреме биле исправени.

Трагедијата се случува во период кога бројот на новозаразени од коронавирусот во Романија достигнаа нови рекорди, со 12 илјади случаи во последните 24 часа, во ситуација кога на земјата ѝ недостасуваат места на интензивните одделенија.

Rumänien Brand in Krankenhaus in Constanta
Од ноември минатата година досега, во пожари во болници во Романија загинаа најмалку 27 луѓеФотографија: IGSU Romania/AP Photo/picture alliance

Експертите проценуваат дека помалку од една третина од вкупно 670 болници во Романија ги исполнуваат стандардите за заштита од пожари.
Од ноември минатата година досега, во пожари во болници во Романија загинаа најмалку 27 луѓе. 

Во ноември 2020 година, во пожар во болница во Пјатра Неамт загинаа 15 пациенти.

Во јануари, пет пациенти беа жртви на пожар во болница во Букурешт. Во април годинава, тројца ковид-пациенти настрадаа на интензивна нега во Букурешт поради проблеми во системот за кислородна поддршка.

По овие инциденти, властите најавија инспекции на интензивните одделенија во земјата.

Претседателот Клаус Јоханис, кој и претходно ја критикуваше состојбата во болниците во земјата, рече дека е ужаснат од трагедијата.

„Ова е нова страшна драма која ги потврдува инфраструктурните недостатоци во романскиот здравствен систем, кој е под огромен притисок од четвртиот бран на пандемијата“.