1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рикер:поставивме основи за фукнционална демократија на Косово

Сонила Санд25 јуни 2008

Германскиот дипломат Јоахим Рикер го предаде раководењето со мисијата на ОН во Косово УНМИК. Како гледа на досега постигнатото и какви, според него се перспективите на Косово?

https://p.dw.com/p/EQZp
Јоаким РикерФотографија: UN

Со какво чувство си заминувате од Косово?

„Имам добро чувство. Секогаш велев дека ќе си одам кога ќе дојде еден логичен засек во дејноста на УНМИК. Тој момент сега настапи - УНМИК многу ќе се промени. А зад нас остануваат 9 години добра и успешна работа. Поставивме основи за функционална демократија, за функционална правна држава и пазарно стопанство.“

Верувате ли навистина дека е сега моментот за одење?

„Заминува последниот традиционален Специјален претставник на Генералниот секретар, кој ја реализираше целата палета на досегашните задачи на УНМИК. Тоа значи дека не станува збор само за одржување и градење на мирот, туку и за владини работи - ние сме преодна администрација. Многу од тие задачи сега во наредниов период веројатно ќе отпаднат. Веќе е готов и временскиот план како треба да се одвива тоа. Во таков фон има смисла заминувањето во овој момент.“

За населенито, пред се’ за српското малцинство, УНМИК има големо значење. Србите од северот на Косово рекоа дека не ја признаваат Еулекс како меѓународна мисија.

Не би било добро решение ако меѓународните организации, значи меѓународното присуство, овде се впушти во територијална поделба на работата според мотото: едните се на северот, другите на југот. Тоа би требало да се исклучи. Целата сегашна иницијатива служи за тоа, под закрила на ОН и во рамките на резолуцијата 1244, која и натаму нуди меѓународно-правна рамка, да може и навистина да дојде до поголема оперативна улога на ЕУ, и тоа во цело Косово.

Колку, од ваш агол на гледање, тоа беше и фактички постигнато? Албанците и Србите на Косово и натаму не се поднесуваат меѓусебно. Најголемиот дел од Србите, кои живееја во поранешните српски енклави, ги продаваат куќите на Албанци, и обратно - Албанците го прават тоа на српските територии. Невработеноста е висока... УНМИК и меѓународните мисии преземаа многу голем дел од управните работи и финансискиот развој, па соодветно, Косоварите имаат малку искуство со институции слични на владини. Како би требало сега да успеат?

Но, добро - на чашата може да се гледа како на полупразна, но исто така и како на дополу полна. Да почнеме од економијата: точно е, невработеноста е голема, но Косово бележи силен пораст - годинава реално ќе бидат преку шест проценти. Имаме добар развој и кај приходите од данок. Се намалува расчекорот во надворешната трговија, што значи дека извозот расте побргу од увозот. Се гледаат, значи, позитивни трендови. Јас не гледам црно ни во поглед на способноста на институциите на Косово да преземат се’ поголема одговорност. Кога станува збор за односите меѓу заедницата на косовските Срби и другите групи, посебно косовските Албанци, тука, се разбира, има затегнатост. Тоа е јасно. Но, сметам дека и тука мора да се надмине статус-кво-ситуацијата, а тоа секако во одредена мера ќе зависи и од формирањето влада во Белград, оти ставот на косовските Срби спрема она што се случува на Косово ќе биде под силно влијание на Белград.

Уште колку долго ќе продолжи меѓународното присуство на Косово? Колку долго ќе биде нужно тоа?

Тука има формален и содржински одговор. Формалниот гласи „се’ додека е во сила Резолуцијата 1244, се’ дотогаш ОН има некаква улога на Косово. Таа може да биде помала или може да биде улога прилагодена на новиот развој. Но, Косоварите овде поканија и други меѓународни цивилни мисии, оти мислеја дека и тие треба да играат некаква улога. Мислам дека е тоа предност за Косово. Се разбира, мора да има јасна поделба на работата - помалку е во прашање хиерархија, отколку јасно разграничување кој што прави. ОН секако ќе играат политичка улога во смисла на тоа дека ќе ја набљудуваат ситуацијата овде и ќе испраќаат извештаи во Њујорк, потоа и натаму ќе ја имаат ОБСЕ како таканаречен трет столб, а ќе преземаат и одредени други улоги и на крајот треба да дадат закрила за стационирање на Еулекс. Тоа се јасно дефинирани идни улоги. Важно е тоа да се одвива врз основа на одредени принципи како на пример никаква територијална поделба на работата и да нема никакво поклопување на мандатите. Тоа е важно и на тоа се внимава. Мора да биде јасно и дека конечно Косоварите во принцип самите решаваат за нивната иднина. Но, од помош е овде да има и меѓународно присуство.

Тажен ли сте што дојде момент за заминување од Косово?

Не, мислам дека е многу важно да се замине во погоден момент, кога настапуваат одредени промени и е време за нови луѓе. Поради тоа не сум тажен, туку сум задоволен поради она што го постигнавме и дека направивме засек, па сега ќе се оди понатаму со нов, реконфигуриран УНМИК и ново, рекалибрирано меѓународно присуство.

Кога би можеле да го вратите времето, што би направиле поинаку?

Морам искрено да ви речам дека не би знаел што би направил поинаку. Оти, нема позначаен пункт за кој би рекол дека тука во последно време нешто направивме погрешно.

И вие и натаму верувате во косовската влада дека ќе успее, државнички и суверено - се разбира, под закрила на ЕУ и УНМИК?

Имам доверба во косовските институции дека ќе успеат не само да ја држат ситуацијата под контрола, туку и дека Косово натамошно ќе го развива кон мултиетничка демократија, која потоа еден ден ќе може да биде и член на ЕУ.