1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Решението за Косово треба да биде заеднички прифатливо

Тони Гламчевски25 јануари 2007

Парламентарното Собрание на Советот на Европа, одлучи да не препорачува „условна независност“ за Косово, непосредно пред објавуваањето на предлозите на Марти Ахтисари, кој и се обрати на паневропската асамблеја во Стразбур, каде вети праведно решение за покраината.

https://p.dw.com/p/AdlT
Фотографија: AP

„Најдобрата гаранција за да крајот на процесот за статусот на Косово не биде оспоруван во иднина, е до решението да се дојде само преку преговори и заеднички да е прифатливо“, стои во резолуцијата на Парламентарното Собрание на Советот на Европа за актуелната ситуација на Косово. Резолуцијата, за која беа поднесени дури 70 амандмани, до чија конечна верзија се дојде по скоро двочасовно гласање, беше усвоена со 99 гласови за, 36 против и 14 воздржани.

Во текстот се подвлекува дека „во случај преговорите да се најдат во ќорсокак или траат предолго, со што се придонесува за несигурноста и нестабилноста, тогаш како последно решение, може да се наметни едно решение од меѓународната заедница“.

Во резлоцуцијата, косовските Срби се повикани да се вклучат во јавниот и политичкиот живот на Косово, а во препораката се вели дека на Србија, која во моментите кога поминува низ деликатна политичка фаза, треба да и се пружи силна подршка.

Резолуцијата предложена од поранешниот претседател на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, лордот Расел Џонстон, предвидуваше на Косово да му даде „условна независност“. Овој предлог не помина, имено 90 парламентарци гласаа против предлогот на Џонстон и 64 за.

Ваквиот резултат од гласањето во Стразбур, му остава простор на специјалниот претставник на Генералниот скретар на ОН, Марти Ахтисари, кој најави дека на 2 февруари ќе го обелодени предлогот за иднината на покраината.

Ахтисари пред парламентарците од 46 земји членки на Советот на Европа, вети праведно решение за Косово, кое според него: „Ги поставува темелите на демократско и мултиетничко Косово, во кое ќе бидат стриктно гарантирани и заштитени правата и интересите на сите заедници, преку демократски институции втемелени врз правото.“ Тоа според Ахтисари подразбира силно цивилно и воено присуство на меѓународната заедница на Косово.