1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдумот одобрен, банкротот „речиси неизбежен“

СН/ртр/дпа/афп/миа28 јуни 2015

Грчкиот парламент го одобри владиниот предлог за референдум на 5 јули, за новите барања на меѓународните доверители. Од другастрана се множат гласовите дека излезот на Грција од еврозоната е сѐ поблиску.

https://p.dw.com/p/1FoYC
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Министерот за финансии на Австрија Јохан Георг Шелинг, изјави дека излегувањето на Грција од еврозоната- или грекзит- сега „изгледа речиси неизбежно“ а тоа единствено ќе биде можно ако Атина прво побара да ја напушти Европската унија и другите земји- членки го прифатат нејзиното барање.

„ Последиците за земјите од еврозоната не се толку лоши колку за Грција.Јасно е дека една земја под никакви услови не може да ги уценува Европската комисија и земјите од еврозоната“, изјави министерот Шелинг за неделното издание на австрискиот весник „Ди Пресе“ .

Министрите за финансии на земјите членки од еврозоната вчера одлучија да не ја продолжат програмата за помош за Грција чија важност истекува во вторник. Една од главните причини за таквата одлука беше и решението на грчкиот премиер Алексис Ципрас да распише референдум за последните предлози на меѓународните кредитори за реформи во замена за финансиска помош.

Референдумот одобрен

Грчкиот парламент рано изутрината го усвои предлогот референдум со 178 гласа „за“ и 120 „против“. Пратениците од редовите на радикалната лева партија „Сириза“, нивните коалициони партнери од партијата „Независни Грци“ и пратениците од неонацистичката „Златна зора“ ја одобрија иницијативата за референдум. Против неа беа претставниците на конзервативната „Нова демократија“, социјалистичката ПАСОК, Грчката комунистичка партија и центристичката „Потами“.

Griechenland Athen Parlament Debatte Referendum Tsipras
Фотографија: Reuters/Y. Behrakis

Премиерот Алексис Ципрас воедно ги повика Грците на референдумот на 5 јули да ги отфрлат условите кои ги нудат кредиторите. Од собраниската говорница тој рече: Грчкиот народ ќе каже едно големо „не“ на ултиматумот и истовремено ќе каже „да“ за солидарна Европа.

„Од колевката на демократијата нема да ги молам (претседателот на еврогрупата Јерун) Дајселблум и (германскиот министер за финансии Волфганг) Шојбле да ни дозволат да организираме референдум. Ќе има референдум без разлика дали тоа им се допаѓа или не“, порача Ципрас.

Тој ги критикуваше и министрите за финансии од еврозоната за тоа дека вчера попладне одржале средба, без притоа да го поканат грчкиот колега Јанис Варуфакис.

Грчкиот министер за финансии пак изјави дека ќе побара од ЕУ да ги врати 1,9 милијарди евра профит на име на грчките државни обврзници кои се во посед на Европската централна банка (ЕЦБ) за Атина да може да го врати долгот кон ММФ.

Тој рече дека плаќањето на долгот кон ММФ на 30 јуни ќе зависи од флексибилноста на кредиторите.

Клучна улога за ЕЦБ

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристин Лагард ја исклучи можноста да биде дозволено одложување на исплатата на долгот на Грција кон Фондот, рок кој изминува на 30 јуни.

„Кога зборувам за ММФ ја имам предвид меѓународната заедница. 1,6 милијарди долари треба да бидат платени до вторник до 18 часот, според американско време во Вашингтон. Тие пари припаѓаат на меѓународната заедница, што значи и на луѓе кои имаат понизок стандард од Грците. Се надевам дека уплатата ќе биде извршена до 18 часот во вторник“, категорично порача Лагард.

Таа уште оцени дека референдумот планиран за 5 јули нема правна сила, бидејќи предлозите на кредиторите важат до 30 јули и Грците на 5 јули ќе гласаат за предлози кои веќе нема да бидат во сила.

Грција изгледа незапирливо се тетерави кон државен банкрот. Одлучувачка улога во наредните денови ќе има Европската централна банка, која од ден во ден одлучува за итните кредити за поддршка на грчките банки. ЕЦБ планира одржување на вонредна седница уште во текот на викендов.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема