1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рено се повлекува од Русија, ќе го наследи Москвич

БГ /РТР
17 мај 2022

Францускиот автомобилски гигант Рено одлучи да ја продаде својата фабрика во Москва за симболична сума и да се повлече од Русија, поради агресијата врз Украина. На сцената се враќа Москвич.

https://p.dw.com/p/4BOk3
Russland | Renault Moskau
Фотографија: Vyacheslav Prokofyev/TASS/dpa/picture alliance

Рено ќе го продаде мнозинскиот удел во автомобилската компанија Автоваз на руски научен институт за симболична цена од една рубља, со опција да го купи назад во период од шест години. Русија е под остри економски санкции од западните држави кои особено тешко го погодуваат банкарскиот и производствениот сектор. 

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин соопшти дека за да се сочуваат илјадници работни места во компанијата, фабриката на Рено ќе се користи за повторно производство на популарните автомобили од советската ера - Москвич. 

Според податоците од минатата година, вредноста на имотот на Рено во Русија се проценувал на околу 2,2 милијарди евра. 

„Денес донесовме тешка, но неопходна одлука, и правиме одговорен избор кон нашите 45 илјади вработени во Русија“, изјави генералниот директор на Рено, Лука де Мео. Со ваквиот чекор, додаде тој, се задржува можноста компанијата да се врати во иднина во поинаков контекст. 

Производството на Москвич престана пред околу 20 години. Но градоначалникот Собјанин вели дека Москва соработува со производителот на камиони Камаз и руското Министерство за трговија за да се пронајде доволно производство на неопходните делови во земјата. Очекувањата се производството на Москвич да започне во текот на оваа година. 

 PKW I Automodell I Moskwitsch
По 20 години, Русија повторно ќе произведува МосквичФотографија: Bernd Settnik/picture alliance

Рено најави во март дека ќе го запре производството во фабриката во Москва поради растечкиот притисок врз компанијата од почетокот на руската воена агресија врз Украина. Француската држава има 15 проценти удел во автопроизводителот. 

Повеќе од 400 компании се повлекоа од Русија од почетокот на агресијата врз Украина на 24 февруари, оставајќи имот вреден милијарди евра.