1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рекордна година за обновливите енергии

Геро Рутер/З. Јордановски8 јануари 2016

Една третина од произведената струја во Германија лани е добиена од обновливи извори. Остварувањето на целите за заштита на климата го загрозува извозот на струја добиена од јаглен.

https://p.dw.com/p/1HaGJ
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Енергетската преориентација на Германија се одвива со добро темпо: уделот на енергија добиена од обновливи извори во 2015 година достигна 32,5 проценти, наспроти 27,3 проценти во 2014. година. Порастот од 5,2 процентни поени на „обновливата“ енергија во една година е најголем досега воопшто, се вели во актуелниот преглед и прогноза направени од тинк-тенк организацијата „Агора енергетски пресврт“. За големиот скок придонесе првенствено електричната енергија произведена од силата на ветерот. Во последните две години во мрежата беа приклучени нови ветерници за производство на струја со капацитет од вкупно 8,3 гигавати. Со тоа добивањето струја од енергијата на ветерот за само една година се покачи за 50 проценти.

Но, со многу помала динамика се одвива развојот на производството на струја од биомаса и од сончева енергија. Во последните две години развојот на соларната енергија заостанува зад целите што ги постави сојузната влада: во 2015. година, според проценките, биле приклучени нови соларни постројки со капацитет од само околу 1,4 гигавати, а според плановите новоприклучените капацитети треба да се 2,4 гигавати годишно.

Infografik Strommix in Deutschland 2015
Инфографика: учеството на обновливите енергии во производството на струја

Германија се’ повеќе извезува струја добиена од јаглен

Потрошувачката на струја во Германија лани порасна за околу еден процент споредено со 2014, а производството за преку 3 проценти. Тоа се должи на фактот дека и покрај порастот на производството на струја добиена од ветер и сонце, не е намалена продукцијата на струја во термоцентрали на погон на јаглен. Вишокот на произведената електрична енергија - околку осум проценти од вкупното производство во Германија - се продава под поволни услови во соседните земји, најмногу во Холандија, Австрија и Франција. Според наводите на „Агора енергетски пресврт“, по Скандинавија, Германија има втора најниска берзанска цена на струјата во Европа.

Реализацијата на климатските цели доведена под прашање

Германија си постави цел до 2020. година да ги намали емисиите на јаглен диоксид (ЦО2) за 40 проценти во однос на нивото од 1990. година. Досега е постигнато намалување од самио 27 проценти. За сепак да биде постигната поставената цел сега намалувањето на емисиите на ЦО2 би морало да се одвива со околу три проценти годишно.

Проблем за исполнувањето на целта се’ повеќе станува извозот на струја добиена од јаглен. „И покрај исклучувањето на атомските централи, Германија има вишок на струја. Но, поради продукцијата на струја во термоцентрали на погон на јаглен, климатскиот биланс на германскиот електросистем минатата година не само што не се подобри, туку вкупната емисија на гасови што предизвикуваат ефект на стаклена оранжерија дури и благо се покачи“, вели Патрик Грајхен, директор на „Агора енергетски пресврт“. Тој предупредува: „Без јасна страгетија за декарбонизација на електро-секторот, на секторот за производство на топлинска енергија, како и на сообраќајниот сектор, Германија не ќе може да ги исполни целите за заштита на климата што ги вети на конференцијата за климата во Париз“.

25.03.2014 DW MADE IN GERMANY Dr. Patrick Graichen Agora Energiewende
Др. Патрик ГрајхенФотографија: P. Graichen / Agora Energiewende

Слични гледања има и Никлас Шинерл, експерт на еколошката организација „Гринпис“. Тој ја критикува енергетската политика на сојузната влада: „Сегашниот рекорден удел на обновливи енергии се базира врз зафатите од минатото. Министерот за стопанство Зигмар Габриел сега ја штити индустријата за јаглен и ги кочи обновливите. Ако тој во наредниве недели ги утврди целите за проширување на обновливите енергии, мора да ги вгради и консеквенциите од парискиот Договор за климата“.

Граѓаните се за премин кон енергии од сонце и ветер

Во Германија владее голема поддршка за спроведување амбициозна енергетска преориентација. Според „Агора“, 90 проценти од луѓето го сметаат енергетскиот пресврт за „важен“ или „многу важен“. Од една анкета направена по налог на сојузната влада произлегува дека како клучни енергетски извори најпосакувани се сончевата енергија (85 проценти) и енергијата на ветрот (77 проценти). Гас како енергетски извор има поддршка од 22 процента од испитаниците, само 8 насто од нив се за атомска енергија, 7 за енергија добиена од нафта и одвај 5 проценти за јаглен како енергетски извор.