1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Регионалната соработка во фокусот на собирот во Драч

СН/ агенции
26 август 2017

На собирот во Драч билатерална средба остварија и премиерите на Македонија и на Србија, Заев и Брнабиќ. Шефицата на српската влада по средбата најави дека го поканила македонскиот премиер да ја посети Србија во ноември.

https://p.dw.com/p/2it8F
Albanien Hafen von Durres
Фотографија: picture alliance/prisma/E. Stefano

На Македонија ѝ е многу важно пријателството со Србија и двете земји имаат добро разбирање околу понатамошните чекори за соработка, изјави денеска во Драч (насловна фотографија) премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, по разговорот со македонскиот премиер Зоран Заев.

„Разговарав со Заев околу работите кои се случуваа деновиве и имаме добро разбирање околу натамошните чекори за соработка“, ја пренесуваат изјавата на Брнабиќ во Драч, српските медиуми.

Таа уште рече оти го поканила македонскиот премиер да ја посети Србија во ноември, кога би требало да се договорат за заедничка седница на двете влади. Двајцата премиери, според Брнабиќ, разговарале и за поддршка од Македонија за тоа седиштето на Транспортната заедница на југоисточна Европа да се наоѓа во Србија.

„На Македонија ѝ е многу важно пријателството со Србија и тоа е сигнал за силни врски меѓу двете земји“, рече Брнабиќ.

Serbien neue Regierungschefin - Ana Brnabić
Фотографија: picture-alliance/AP/D. Vojinovic

Инаку генерално пораката која произлегува од неформалниот самит на премиерите од Западен Балкан во албанскиот приморски град Драч е дека постои политичка посветеност за интензивирање на регионалната соработка на земјите од Западен Балкан и продлабочување на економската соработка.

Премиерите на Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и претседавачот со Претседателството на БИХ, како и еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан и заменик претседателот на Светска банка, Кирил Милер и регионални претставници на Светска банка најголем дел од своите обраќања на собирот го посветија токму на засилената регионална политичка и економска соработка.

Еврокомесарот Хан ја поздрави соработката меѓу државите од регионот и пренесе очекување за конкретизирање на активностите за реализација на Акцискиот план што се однесува на олеснување на економската соработка меѓу државите согласно Акцискиот план од самитот во Трст.

Македонскиот премиер пак ја пренесе определбата на Македонија кон интензивна регионална соработка што ќе го олесни движењето на стоки и луѓе и ќе придонесе кон развој на нови идеи и проекти што би можеле да бидат привлечни за инвериторите од Европа.

Mazedonien Premierminister Zoran Zaev im Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Регионот е насочен кон мир и заедничка иднина во евро-атлантските интеграции. Има позитивна клима за соработка и ова ќе придонесе кон напредок на државите во евро-атлантските интеграции, истакна Зоран Заев.

На Самитот, заменик претседателот на Светска банка, Милер и претставниците на Светска банка изразија поддршка на напорите на земјите од Западен Балкан за зајакнување на економската соработка, според европските стандарди, што ќе придонесе кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните во државите.