1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реакции од политички Берлин на турбуленциите во СПД

Горан Чутаноски8 септември 2008

Загриженост за функционирањето на големата коалиција, како и за единството на социјалдемократската партија доминираат во првичните реакции на политичките партии во Берлин.

https://p.dw.com/p/FDNV
Новата водечка фигура на германските социјалдемократи: вице-канцеларот Франк Валтер ШтајнмајерФотографија: AP


По смената на лидерот, партиското раководство на СПД  треба да се изјасни дали е за продолжување на владината коалиција, порача шефот на собраниската група на владеачката Христијанско демократска Унија, Фолкер Каудер. И посебно штотуку номинираниот главен кандидат на социјалдемократите за иден канцелар Франк Влатер Штајнмајер ќе мора да докаже дека не му се поважни предизборните борби за моќ со директниот соперник на изборите во 2009-та, канцеларката Ангела Меркел, туку успешното продолжување на работата на сегашната голема коалиција.


Сопартиецот на Каудер и генерален секретар на ЦДУ, Роланд Пофала порача:


„Господинот Штајнмајер сега има задача да ја надмине поделеноста во СПД. Со нетрпение ја очекуваме возбудливата предизборна битка во следната година.“


Повик за единство до сите крила


Претседателот на собраниската група на социјалдемократите, Петер Штрук, ја повика партијата да ги збие редовите и да се сврти сега кон иднината, односно кон изборите наредната година:


„Мислам дека на сите во партијата, вклучувајќи ги и оние кои се вбројуваат во левото крило, дека на сите им е јасно оти сега мора да ги збиеме редовите!“


Против цик-цак курс околу реформите


Изјавата на штрук е одговор на предупредувањата на дел од припадниците на левото крило да не дојде до ревизија на претходните партиски заклучоци, кои значеа делумно свртување на партијата кон лево.


„Од решавачка важност е сега со новото водечко дуо на чело на партијата да нема цик-цак курс по прашањето на реформската Агенда 2010. Мнозинството во партијата покажа дека сака поголем фокус врз социјалната правда и се надевам дека новото раководство тоа ќе го почитува“ – порача лидерот на младите социјалдемократи, Франциска Дрозел.


Решителност и поддршка за новиот шеф на партијата дојде од заменик-претседателката на СПД Андреа Налес, која исто му припаѓа на левото крило:


„Ќе ги здружиме силите, како што вели Франк Валтер Штајнмајер, затоа што сакаме да им покажеме на политичките конкуренти колку сме силни!“


Борбени најави од опозиционите партии


Конкурентите позиционирани лево од СПД, најавија дека ќе ја искористат секоја слабост на помалиот коалиционен партнер во сегашната влада:


„Она што ќе дојде потоа можеме во овој миг да го поврземе со решенијата на СПД за одење во пензија со 67 години, за социјалната помош наречена Харц 4 и реформската Агенда 2010. Таквиот курс на социјалдемократите ќе го критизираме и понатаму“ – нагласи генералниот секретар на Партијата на левицата Дитмар Барч.


А шефот на Либералната партија Гидо Вестервеле по кризата во СПД побара свикување предвремени парламентарни избори.


„Цела година неизвесност, села година постојана борба меѓу канцеларката Меркел и вице канцеларот Штајнмајер, тоа нема да биде добро за Германија!“