1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рајчев: Европа се смее поради спорот со Македонија

16 ноември 2020

Бугарскиот социолог Андреј Рајчев во интервју за ДВ зборува за историскиот спор меѓу двете земји, за грешките во Скопје и Софија, за политиката на симболите, како и за патот напред. Со него разговараше Александар Андреев

https://p.dw.com/p/3lNXH
Andrey Raychev Soziologe aus Bulgarien
Фотографија: BGNES

ДВ: Г-н Рајчев, Бугарија најави дека утре ќе го блокира почетокот на преговорите со Северна Македонија. Во објаснувањето на министерката Захариева има една противречност: Бугарија од една страна го поддржува членството на Македонија, а од друга става вето. Зошто се наоѓаме во ваква ситуација?

Андреј Рајчев: Очигледно владата смета дека Скопје не го исполнува договорот. Тоа е директниот одговор без да кажувам дали е тоа правилно или не.

ДВ: А што се крие зад таа позиција на Софија?

Зад сево ова постои една иритација која што не е целосно неоснована. Македонската страна сериозно мислеше дека некако може да се ослободи од проблемот. Сакам да кажам неколку зборови за тоа во што грешат. Тие едноставно мислеа дека сето тоа некако ќе помине. Самата формула за формирање комисија за решавање на контроверзни прашања беше начин да се одложат работите засекогаш. Како што знаеме, кога се формира комисија во парламентот за било што, ништо не се случува. Скопје сметаше дека ова ќе помине, а сега бугарската влада им вели: „Нема да помине. Мора да не сфатите сериозно“. Дали Бугарија има формално право да го стори тоа? Да, има.

ДВ: А исправно ли е тоа?

Ако веќе навлегуваме подлабоко во проблемот, Бугарија, според мене, во сите изминати 30 години води една не многу доследна политика во однос на Македонија. Ние се фокусираме на симболи. Гоце Делчев е таков симбол, Никола Вапцаров е таков симбол. И цела серија други симболи. Со други зборови, ние постапуваме како Грција. Грците се фокусираа на симболот „Македонија е грчка“ и дали Александар Македонски е елин (што е очигледно) или словен. И врз база на своето историско право и историската сила тие го постигнаа она што го сакаа. 

-повеќе на темата: Дечев: Во Бугарија се замолчуваат гласовите кои мислат поинаку за историскиот спор

Македонците не им веруваа на очите кога Грција ги сопре за НАТО. Но таа ги блокираше. Во Скопје тогаш беа сигурни дека некој ќе им нареди на Грците и тие ќе си ја подвијат опашката, но ништо такво не се случи. И на крајот, многу тешко се стигна до решението земјата да биде преименувана според желбата на нашите јужни соседи. Бугарија се обидува да го стори истото. Се фокусираме на некакви симболи и велиме: „Вие симболично треба да признаете што-и-да-е“. 

ДВ: Но дел од Европа ни се смее за тоа…

Се плашам дека голем дел од Европа се смее за тоа. Затоа што, прво, на Европејците тоа им звучи како нешто многу застарено. Ќе ви дадам еден германски пример. Не може да има никаков сериозно спор по прашањето дали Тил Ојленшпигел (јунак од народните приказни н.з.) бил Германец, Холанѓанец или нешто друго. Меѓудругото и затоа што, во моментот кога тој се појавил во белиот свет, такви нации не постоеле- тие биле резултат на еден сложен процес. Второ, ние се чувствуваме некако уникатни во таа ситуација. Но не сме. Погледнете ја Европа. Огромен број европски држави имаат свои „Македонии“, така да речам. На пример, Валонија за Франција. Што се валонците- Французи ли се? Тоа е смешно прашање, независно од фактот што династијата Валоа управувала со Франција со векови. Но, од пред околу 180 години тие живеат во одделни држави. Такви примери- колку сакате. А доколку се префрлиме на Балканот, ќе видиме дека нема балканска држава без своја ’Македонија’. Романија и Молдавија, Грција и Кипар, Србија и бројните Срби кои не живеат во државата, и сега и Албанија со Косово. 

Mazedonien Bulgarien Zaev und Borisov am Goce Delcev Denkmal in Skopje
Гоце Делчев нека биде името на магистралата меѓу Скопје и Софија, предлага РајчевФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

ДВ: Добро, но што сега?

Дојдовме во една типична ситуација во која ние почнуваме да го повишуваме тонот, а луѓето во Европа не разбираат што се случило. Тоа е нашата грешка. Огромна грешка е пред ЕУ да внесуваме спор за тоа што бил Гоце Делчев- Бугарин или Македонец. Тоа не прави второкласни соговорници. Да, ќе не сослушаат, да, можеби и имаме право, но го губиме престижот. 

ДВ: Која е тогаш правилната политика?

Треба да се вратиме малку назад во историјата. Македонска нација има од неодамна. Неколку милиони луѓе се сметаат себеси за Македонци. За мене критериумот е едноставен и јасен: самоопределување. Таа тенденција започнува некаде кон крајот на 19 век, и во рамките на Титова Југославија веќе се развива како реалност. Нацијата значи заедничка историја и заеднички јазик. Тие ги имаат обете- самосознание за историјата и самосознание за јазикот. Токму од тие причини тие ставаат толкав акцент на таа историја: тоа е суштината на нивното самоопределување. Тезата „вие сте нација од неодамна“ е незамисливо да биде прифатена од самите Македонци, затоа што нацијата, на некој начин, е „од век и веков“. Како ние се повикуваме на Хан Аспарух, Французите на Јованка Орлеанка итн. Несериозно е да си мислиме дека можеме да ги натераме Македонци да мислат нешто друго. Ние можеме само да ги натераме да кажат нешто друго. 

ДВ: Но каква полза има Бугарија од една таква изнуда?

Според мене, нема никаква полза. Добро, еве да речеме, ќе го кажат тоа. За да влезат во Европа, тие можат се да кажат. Но нема да го мислат. Освен тоа, за оној кој ги натерал, нема да има добри последици. Како во нивното срце, така и историски. Дали е тоа наш интерес? Мојот одговор е: не.
Ќе ви објаснам каков ни е интересот. Вие можеби во мене сега ќе препознаете жесток националист, но јас сум длабоко убеден дека Србија со една многу итра и подмолна политика успеа да оддели едно парче од Бугарите и да ги претвори во самостојна нација. Тоа е факт. Но тоа веќе се случило. Така што: каков е нашиот интерес во моментов? Нашиот интерес е прво, тие да ја засакаат Бугарија. Тоа е апсолутна претпоставка за да продолжиме со некакво воспоставување на односите со тие наши браќа кои постепено ни станале братучеди. 

-повеќе на темата: Дичев: Причините за блокада се поврзани со амбициите на Каракачанов

И второ: наш интерес е тие да знаат за Бугарија. Зошто, на пример, во Скопје да нема бугарски универзитет? Како што во Благоевград има Американски универзитет. Дипломираните од тој универзитет не стануваат Американци, но стануваат блиски на Америка. Таму доаѓаат пари од Америка, доаѓаат експерти од Америка- и се претпоставува дека голем процент од дипломците на тој универзитет се проамерикански настроени. И тоа е целосно легитимно, не е некаква пропаганда или агитација. Тоа е едноставно голема услуга која тие луѓе ја добиле од една држава. 

ДВ: Кои се сега правилните чекори кои може да ги преземе бугарската влада?

Па Бугарија треба да постави токму такви барања. А спорните прашања да се решаваат на следниот начин: Ако и двете нации го сметаат Гоце Делчев за свој херој, така нека се нарекува магистралата меѓу Софија и Скопје. Многу е убаво за еден херој ако го сакаат две нации. Тоа би не поставило во една цивилизирана светлина и навистина би ги заштитило бугарските интереси. А ние, се плашам, водиме една мрзлива политика, сакаме симболи. Но зошто ни се тие симболи, за кој ѓавол?

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи