1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте притисокот, а растат и дилемите - како да се реши спорот околу името?

Костадин Делимитов25 јуни 2014

Симнувањето на грчката закана, според дел од аналитичарите, има одредена цена, но прашање е колку Македонија е подготвена да издржи без да ја плати! Вклучувањето на трет помоќен фактор е нужност за компромис.

https://p.dw.com/p/1CPe7
Фотографија: picture-alliance/dpa

Она што во континуитет и' се сугерира на Република Македонија од страна на западните сојузници, уште од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година па до денес, е дека треба договорно да се реши разликата за името, која постои меѓу Македонија и Грција. Пораката е јасна и уште појасно е дека тоа е условот без кој нема да се отворат евроатлантските порти за членство на земјата. Но, клучната нејаснотија е како да се дојде до решение? На ова прашање јасен одговор нема дадено никој, барем јавно. И аналитичарите кои со години се занимаваат со ова прашање се во дилема - како и дали воопшто може да се дојде до решение прифатливо за двете страни?

„По донесувањето на пресудата на Меѓународниот суд на правдата има нова реалност и таа мора да биде одразена во евентуалниот компромис на името. Би било многу неодговорно и целосно рушење на државниот интерес, нашите власти да ги прифатат условите од Букурешт, во ситуација кога грчката надворешна политика кон нас беше буквално демолирана во пресудата на Судот и изложена на потсмев во светската научна јавност. Нашата Влада и граѓаните на Република Македонија мора да бидат свесни дека во меѓународните односи битката со насилниците не завршува секогаш со среќен крај. Напротив, примената на моќта заради наметнување на својата волја врз другиот е сосема дозволена работа. Република Македонија секако ќе мора да плати одредена цена за да ја симне од себе грчката закана. Во односите со НАТО и ЕУ, нашата земја е страната која сака, или барем би требало да сака, да влезе под чадорот на безбедност и демократија, а не се НАТО и ЕУ тие кои сакаат да ја зголемат својата вредност со нашиот прием. Прашање е колкава е цената за влез во таквиот клуб, и дали ние сме спремни да издржиме на подолг рок за да не ја платиме. Постои реална опасност, доколку дојде до политички потреси во регионот, Македонија да не биде во можност да ги издржи притисоците на кои ќе биде изложена од соседните земји и да се претвори во плен за делење во некој нов Букурешки договор“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Тони Дескоски, еден од креаторите на тужбата пред судот во Хаг.

Во услови кога Грција бара промена на името, не затоа што на тоа има право, туку само затоа што како помоќна држава таа може да го прави тоа, Дескоски смета дека е нужно вклучување на трети помоќни фактори кои ќе извршат притисок врз едната или другата страна за да дојде до придвижување во правец на компромис.

Berlin - mazedonische Flagge
Аналитичарите сметаат дека во решавањето на спорот треба да се вклучи некоја мноќна светска силаФотографија: DW/S. Padori

„Притоа, третите држави притисокот го вршат според својата проценка за нивниот интерес, а не за да спречат некаква неправда. Во Букурешт 2008 година, преку усвојувањето на завршниот заклучок, НАТО-сојузниците всушност отворено ни порачаа дека даваат целосна поддршка за грчкиот предлог нашата земја да се преименува во 'Република Северна Македонија' во меѓународните односи. Сепак, благодарение на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, западните сојузници сега се доведени во ситуација отворено и јавно да ја подржуваат Грција во кршење на меѓународниот договор, кој пак е основа на добрососедските односи на двете земји. Уште повеќе, пресудата целосно го разби грчкиот мит за спроведување на иредентистичка политика кон Грција од наша страна, а столбот на тој иредентизам наводно е токму името на нашата држава. А, без постоење на иредентистичка закана, грчките барања остануваат празни и се сведуваат на гола примена на моќ, која ние би можеле да ја прифатиме со многу мали отстапки. Во никој случај тие отстапки не можат да одат до нивото кое Грција го побара во Букурешт во 2008 година“, смета Дескоски.

Во услови кога Грција реално не сака да се реши проблемот со името на Македонија, дел од аналитичарите сметаат дека е потребно засилување на дипломатската офанзива. Еден од клучните проблеми според поранешниот амбасадор Ристо Никовски е што брзото решение на проблемот не се вклопува во регионалните планови на Вашингтон како клучен мотор на политиката на Алијансата.

„Кој, впрочем, денес инсистира на прекрстувањето на Македонија? Кој ја блокира и уценува земјата со ултиматум - прво името, потоа членство? Тоа го прави Брисел, НАТО пред се'. Не Атина. ЕУ само следи. Македонија никогаш не може да се договори со Грција, не само поради тамошната криза. Проблемот е целосно асиметричен и воопшто не ја засега Атина. Било какво решение ќе им донесе само внатрешни проблеми. Од друга страна, ако САД сакаат да ги заштитат Македонија, македонскиот народ и јазик, кои Грција не ги прифаќа и ги игнорира, исто како и Бугарија, решение веднаш ќе се најде. За жал, Вашингтон има други планови и приоритети. Резултатот е: поткопување на земјата од внатре: консензуален претседател, бојкот..., преку нивните партнери од војната од 2001-та, кои се сега дел од коалиција на власт. Целта е капитулација на македонштината. Затворање на вековното ’македонско прашање’. Горното наметнува дека топката е во Скопје и дека Македонија, чиј маневарски простор се' повеќе се стеснува, мора да излезе со иницијатива и да тргне во офанзива. Во спротивно...“, коментира Никовски.

Паралелно со меѓународниот расте и внатрешниот притисок за брзо затворање на прашањето за името до септемврискиот самит на НАТО. Клучната улога во овој процес во постизборниот период се чини ја презема лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој во зачестената комуникација со шефот на Алијансата Расмусен ја нагласува потребата од храбри и визионерски одлуки на политичарите, но и неопходноста за итно вклучување на меѓународната заедница во олеснување на процесот.