1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расмусен: Русија повторно трупа војници на границата

Александар Методијев/миа/ап/дпа19 јуни 2014

Генералниот секретар на НАТО Андерс фог Расмусен изјави денеска дека руските сили повторно се распоредуваат на источната украинска граница и тоа го нарече разочарувачки чекор назад.

https://p.dw.com/p/1CM2O
Фотографија: Reuters

„Сега гледаме ново зголемување на бројот на руски војници околу украинската граница. Најмалку неколку илјади дополнителни руски војници се распоредени кај украинската граница и гледаме маневри на трупи во соседството на Украина“, изјави Расмусен во Лондон. Тој тоа го оквалификува како „многу разочарувачки чекор назад“.

„Ако тие се распоредени за да ја запечатат границата и да го запрат протокот на оружје и борци, тогаш тоа би било позитивен чекор. Ама, она што го гледаме тоа не е“, рече првиот човек на НАТО и додаде: „Изгледа дека Русија држи отворена опција за интервенција во Украина. Меѓународната заедница би требало да одговори непоколебливо ако Русија интервенира во Украина“.

Тој предупреди дека тоа би значело воведување економски санкции од поширок обем против Русија што ќе имаат „големо штетно влијание врз руската економија“.

НАТО во еден момент процени дека во близина на границата со Украина се распоредени 40.000 руски војници, но минатиот месец соопшти дека бројни војници и нивната опрема се повлечени во касарните.

Поради кризата во Украина Расмусен во денешниот негов говор рече дека НАТО се наоѓа во пресвртен момент.

„Светот кој помогнавме да се изгради по крајот на Студената војна е под предизвик на различни начини и од различни насоки. На нашиот исток, руската агресија врз Украина е обид за повторно менување на меѓународните правила и да се создадат нови сфери на влијание“, рече генералниот секретар на НАТО додавајќи дека „насекаде (во светот, н.з.) гледаме нови и стари закани, од пиратство преку тероризам до сајбер-напади“.