Расистичка, немилосрдна и сурова: Колонијалната историја на Германија
Во Германскиот историски музеј во Берлин е поставена изложба во која се претставени болни поглавја од германското колонијално владеење.
„Нашата иднина е на вода“
Германската колонијална империја била воспоставена од канцеларот Ото Фон Бизмарк и се простирала на териториите на денешна Намибија, Камерун, Того и делови од Танзанија и Кенија. Императорот Вилхелм Втори, крунисан во 1888, понатаму го проширил колонијалниот систем преку формирање на нови флоти (на фотографијата).
Германски колонии
Освојувања се направени во Пацификот (Северна Нова Гвинеја, Бизмарковиот Архипелаг, Маршалските и Соломонските Острови, Самоа) и во Кина (Чингдао). На конференција во Брисел во 1890 година беше утврдено Германската империја да ги добие кралствата на Руанда и Бурунди, поврзувајќи ги со Германска Источна Африка. До крајот на 19-от век, германските колонијални освојувања во голем дел биле завршени.
Систем на нееднаквост
„Белото“ население во колониите било малубројно, помалку од 1% од населението, и било високо привилигирано малцинство. Во 1914 година, околу 25.000 Германци живееле во колониите, од кои помалку од половина во Германска Југозападна Африка. Вкупно 13 милиони домородци во германските колонии се третирале како потчинети, без да добијат пристап до легални ресурси.
Прв геноцид на 20-от век
Геноцидот против Хереро и Нама во Германска Југозападна Африка (денешна Намбија) е најсериозното злосторство во германската колонијална историја. За време на Битката кај Ватерберг во 1904 година, повеќето Хереро бунтовници избегале во пустината, каде германските трупи го блокирале нивниот пристап до вода. Се проценува дека умреле повеќе од 60.000 припадници на Хереро заедницата.
Германски грев
Само околу 16.000 Хереро ја преживеале кампањата на истребување. Тогаш биле затворени во концентрациони кампови, каде голем број умреле. Точниот број на жртвите никогаш не е утврден и останува контроверзија. Колку долго време преживеале изгладнетите Хереро, откако избегале во пустината? Секако, тие ја изгубиле сета лична сопственост, приходите и перспективите за иднина.
Колонијална војна со далекусежни последици
Од 1905 до 1907, широка алијанса од етнички групи се крена против колонијалното владеење во Германска Источна Африка. По проценките, 100.000 локални жители починале во Маји-Маји бунтот. Иако во Германија едвај било дискутирано подоцна, тоа останува значајно поглавје во историјата на Танзанија.
Реформи во 1907 година
Како последица на колонијалните војни, администрацијата на германските колонии била реструктурирана со цел да се подобрат условите за живеење. Бернхард Дернбург, успешен претприемач (фотографиите се од Германска Источна Африка), бил назначен за секретар на државата за колонијални прашања во 1907 година и вовел реформи во германската колонијална политика.
Науката и колониите
Заедно со реформите на Дернбург, научни и технички институции биле воспоставени за да се бават со колонијалните прашања, создавајќи факултети како денешните универзитети во Хамбург и Касел. Во 1906 година, Роберт Кох водел долга експедиција во Источна Африка за да се испитува пренесувањето на болеста на спиењето. На фотографијата може да се забележат микроскопски примероци кои биле земени таму.
Колонијални загуби
Поразена во Првата светска војна, Германија го потпиша Версајскиот мировен договор во 1919 година во кој се вели дека земјата се откажува од суверенитетот над своите колонии. Постери како овој го отсликуваат германскиот страв од губење на економската моќ, од сиромаштија и мизерија во татковината.
Колонијални амбиции на Третиот Рајх
Колонијалните амбиции оживеале во времето на нацистите - и тоа не само оние на „Генералпланот Ост“ кои ја нагласуваат колонизацијата на Централна и Источна Европа со геноцид и етничко чистење. Нацистите исто така имале за цел да ги вратат африканските колонии кои земјата ги изгуби, а доказ за тоа е оваа училишна мапа од 1938. Целта било да се обезбедат ресурси за Германија.
Тежок процес
Преговорите за заедничка декларација за геноцидот на Хереро и Нама сега влегуваат во нова тешка фаза. Додека Германија се противи на финансиска компензација, проблеми има и во внатрешните политички структури во Намибија. Претставниците на Хереро неодамна поднесоа формална жалба до Обединетите Нации, противејќи се на нивното исклучување од актуелните преговори.