1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рамуш Харадинај привремено ослободен, Луиз Фрешет на Косово

7 јуни 2005

Хашкиот трибунал одлучи до почетокот на судењето да го пушти на слобода бившиот косовски премиер Рамуш Харадинај. Харадинај, кој чека да му се суди во Хаг, е обвинет за воени злосторства на Косово во 1998 година, во времето кога бил командант на распуштената Ослободителна војска на Косово.

https://p.dw.com/p/AcpC
Рамуш Харадинај
Рамуш ХарадинајФотографија: AP

Спроведувањето на одлуката на судот во Хаг е одложено ѕа 24 часа на барање на обвинителството кое се противеше на привременото ослободување на Харадинај. За тоа време канцеларијата на главната хашка обвинителка Карла дел Понте ќе мора да одлучи дали ќе вложи жалба врз одлуката на судскиот совет, а ако тоа се случи, конечната одлука ќе ја донесе апелацискиот совет во Хаг.

Одлучувајќи привремено да го ослободи Харадинај, судскиот совет во Хаг ги отфрли аргументите на обвинителството дека постои опасност оти поранешниот косовски премиер ќе влијае на сведоците и нема да се врати во Хаг на судење. Судиите сметаа дека се доволни гаранциите на УМНИК за апсење и враќање на Харадинај во Хаг доколку тоа е потребно. Тие земаа предвид дека Харадинај, кој е обвинет за злосторства против човештвото, и прогон врз Србите и неалбанците за време на косовската војна, доброволно му се предаде на Трибуналот на 9 март оваа година, откако ден претходно поднесе оставка од премиерската функција, а исто така, се врати во Хаг откако беше пуштен да присуствува на погребот на неговиот убиен брат во Дечани.

Актуелниот косовски премиер Бајрам Косуми синоќа ја поздрави одлуката на судиите во Хаг, оценувајќи ја како праведна и добра.

Во меѓувреме, на Косово престојуваше и заменичката на генералниот секретар на ОН Луиз Фрешет, која уште еднаш повтори дека разговорите околу конечниот статус на покраината нема да почнат се додека не бидат исполнети бараните стандарди.

По разговорите со шефот на УНМИК Сорен Јесен Петерсен и косовските политичари, Фрешет посочи оти е уверена дека новиот специјалнен пратеник, кого го наѕначи Кофи Анан, ќе направи објективен извештај за Косово.

,, Му пренесов на претседателот Ругова дека претставникот Каи Ејде објективно и независно ќе ги процени колку е направен напредок во процесот на спроведувањето на стандардите,, рече Фрешет по средбата со косовскиот претседател, на која главна тема биле правата на малцинствата на Косово.

,, Главна е заштитата и интеграцијата на малцинските етнички групи и тука постигнавме напредок.Очекуваме позитивна оценка за напредокот а потоа и разговори за иднината на Косово, рече Ругова и уште еднаш го повтори ставот дека покраината треба да добие независност. Заменичката на Кофи Анан Луиѕ Фрешет, на Косово престојуваше во рамките на турнејата по мисиите на ОН чија главна цел е истрагата во рамките на меѓународната администрација околу наводите за можни сексулани злоупотреби , по се побројните такви жалби во мисиите на ОН во светот.