Ракетата на НАСА слета на месечината во потрага по вода
9 октомври 2009Ракетата на НАСА денеска (09.120.2009) успешно се судри со површината на јужниот пол на Месечината во потрага по вода. Денешниот судир беше првиот и поголемиот од вкупно двата планирани, со кои НАСА ќе се обиде да предизвика километарски облак од прашина, во кој потоа научниците би испитувале дали има траги од вода. Паралелно со ракетата која се судри со тлото, НАСА испрати и сателит со пет камери и други научни инструменти, кои експресно ќе ги испраќаат сите податоци за судирот на земјата.
„Не претпоставуваме ништо предвреме во врска со пронаоѓањето на вода“, предупреди Антони Колапрет, првиот човек на истражувачкиот тим на 79 милиони долари вредниот проект, чија главна цел, всушност е испраќање на нова група американски астронати на Месечината до 2020 година.
Научниците на НАСА ќе имаат тешка задача да ги истражат очекуваните 350 тони прашина кои ќе се ослободат по ударот на ракетата во кратерот Кабеус.
„Истражуваме како мразот се зачувал и останал во овие задскриени делови повеќе милијарди години и очекуваме да дознаеме колкаво е вкупното количество“, вели геологот Петер Шулц, кој е дел од истражувачкиот тим.
Пред само две недели, индиски научници објавија дека пронашле вода на Месечината, откако го лансираа сателитот „Чандрајан“, во соработка со НАСА.
Евентуалната потврда дека на Месечината има вода би можела да биде вовед во поставување на лунарни станици за питка вода и гориво, што би овозможило и населување на луѓе на друга планета.
Автор:БГ/ЖА/ројтерс
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска