1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Размената на затвореници „гради доверба“ за мировни разговори

Геро Шлис / Александар Методијев2 јуни 2014

Ослободувањето на пет талибанци во замена за заробен американски војник наиде на критика во Вашингтон. Експертот за Авганистан Ананд Гопал за ДВ оценува – со ова се зголемуваат шансите за успешни мировни разговори.

https://p.dw.com/p/1CAO5
Фотографија: picture-alliance/dpa

Дојче веле: Американскиот министер за одбрана Чак Хејгел рече дека ослободувањето на војникот Боув Бергдал (на насловната фотографија) го означи врвниот момент во неговиот мандат. Зошто сметате дека оваа размена е значајна за Хејгел и претседателот Обама?

Ананд Гопал: Ова е единствениот воен затвореник во целиот 13-годишен конфликт во Авганистан и ова е едно од последните преостанати прашања кои треба да се решат во воената област, бидејќи американската војска има мото да не ги остава луѓето зад себе.

Општо земено на ова може да се гледа како на мерка за градење доверба за евентуални мировни разговори со талибанците. Веќе неколку години тие бараат размена на затвореници, односно размена на затвореници од Гвантанамо за Бергдал. На ова може да се гледа како на пробив, всушност како прв чекор за можноста за почеток на мировни разговори.

Дојче веле: Одлуката за размена на овие пет високо позиционирани талибанци предизвика остри критики од страна на републиканците. Дали сметате дека одлуката може да ја загрози националната безбедност?

Ананд Гопал: Не, не сметам. Всушност, сметам дека ова ја зајакнува безбедноста во САД. Причина за тоа е што овие пет талибанци одат назад во Катар. Приказната за петорицата е многу интересна, бидејќи сите тие се обидоа да се предадат и да преминат на другата страна во 2001 и 2002 година. Така што многумина од нив можеа всушност да бидат членови на авганистанската влада, ако не беа заробени.

Journalist Anand Gopal
Ананд Гопал е член на фондацијата „Њу Америка“ во ВашингтонФотографија: 2012 Victor J. Blue

На пример, еден од петорицата е од истото племе како и Хамид Карзаи. И тој се обиде да и’ се приклучи на авганистанската влада, но Пакистан го уапси и го предаде него на САД, а тие го испратија во Гвантанамо. Еден друг, пак, беше човек кој всушност е член на авганистанската влада. Тој беше поранешен член на талибанците кој и’ се приклучи на владата на Хамид Карзаи, но поради лажни информации на воените лордови тој беше приведен и испратен во Гвантанамо. Овие луѓе не се опасни. Нивното ослободување, може да ги зголеми шансите за еден конечен договор.

Дојче веле: Катарската влада беше како посредник меѓу САД и талибанците. По овие преговори, дали сметате дека САД и натаму ќе можат да тврдат дека не преговараат со терористи?

Ананд Гопал: Талибанците не се класифицираат како терористичка група. Тие не се означени како терористичка група од САД. Има индивидуални членови на талибанците кои се на црната листа на Обединетите нации. Но, како група, талибанците не се сметаат за терористичка организација.

Дојче веле: Републиканците го обвинуваат претседателот дека го прекршил законот со тоа што не ги известил членовите на Конгресот во пропишаните 30 дена пред преместувањето на затворениците од Гвантанамо во Катар. Како вие гледате на ова?

Ананд Гопал: Тие всушност можеби се во право. Тие треба да бидат известени 30 дена однапред, а тој не го стори тоа. Сметам дека тоа е точно. Сметам дека можеби гледаме уште еден скандал, веројатно не до тој степен како Бенгази, но на пониско ниво, кој се развива во Вашингтон поради ова.

Дојче веле: Веќе го споменавте ова, но до кој степен договорот со талибанците отвора врата за идни преговори?

Ананд Гопал: Ние ова го нарекуваме мерки за градење доверба. Двете страни треба да и' дадат нешто на другата страна, нешто што е релативно лесно да се даде. На тој начин може да се изгради доверба за конечно да продолжат преговорите, кои се во застој веќе две години.

Дојче веле: Дали сметате дека САД би требале да бидат дел од мировниот процес, од помирувањето, или тие би требале да останат настрана?

Ананд Гопал: Талибанците рекоа дека не се заинтересирани за преговори само со авганистанската влада. Тие препознаа дека Соединетите држави се всушност страната во овој конфликт и дека разговори само со владата во Кабул не се ефикасни. Но, Пакистанците исто така мора да учествуваат. Како што владата во Кабул е застапник на САД, така и талибанците се еден застапник на Пакистан.

Експертот за Авганистан Ананд Гопал е член на фондацијата „Њу Америка“ во Вашингтон. Претходно тој работеше за „Вол стрит журнал“ во Кабул.