1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разликите за статусот на Косово остануваат

Силвера Падори18 јули 2007

Канцеларката Ангела Меркел и српскиот премиер Воислав Коштуница во Берлин уште еднаш ги потврдија разликите околу иднината на покраинара и потребата од донесување нова Резолуција во Советот за безбедност.

https://p.dw.com/p/BJLV
Германија и ЕУ цврсто стојат зад планот на Марти Ахтисари за иднината на КосовоФотографија: dpa

Германија стои зад планот на Ахтисари, Србија не го прифаќа. Германија смета за неопходно да се продолжат разговорите меѓу Белград и Приштина врз основа на нова резолуција, Србија пак е на мислење дека старата 1244 е доволна. Разликите за иднината на Косово се потврдија и на разговорите кои вчера попладне во Берлин ги водеа канцеларката Ангела Меркел и српскиот премиер Воислав Коштуница.

За Меркел нова резолуција на СБ е неопходна

Србија вели дека нова резолуција е непотребна. Ние пак, со оглед што го поддржуваме планот на Ахтсари, сметаме дека нова резолуција е неопходна. Тоа е став зад кој стоиме, за кое разговаравме и од кое се обидуваме да изнајдеме решение!” - изјави германската канцеларка Ангела Меркел, по разговорот со својот српски колега Восилав Коштуница. Во услови кога иднината на покраината е жежок костен, не само во Советот за безбедност во Њујорк, туку и во Европа, канцеларката уште еднаш ја истакна важноста да се постигне компромис.Таа подвлече дека Германија, како и ЕУ стои зад предлогот на Ахтисари. Во услови кога Белград го одбива понуденото решение на Ахтисари, а Русија е критична кон истото, во продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина Меркел го гледа единственото решение. Постоечката резолуција 1244 според, меѓутоа, Коштуница е доволна за продолжување на разговорите.

За Србија Планот на Ахтисари ја крши Повелбата на ОН

Kostunica in Berlin
Коштуница и Меркел во БерлинФотографија: AP

Резолуцијата која сега циркулира во Советот за безбедноист за нас е непотребна. За нас е неприфатлив планот на Марти Ахтисари затоа што го прејудицира решението.Во преговорите не треба однапред да биде утрвден исходот. Посебно исход со кој се крши меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации и со кој на Србија и се одземаат 15 проценти од нејзина територија и се создава уште една албанска држава”. изјави Коштуница, кој уште еднаш го изнесе познатиот став според кого Ахтисари требало да води поинакви преговори. Место да се постави меѓу двете страни и да бара прифатливо решение за Косово, тој ги подгревал надежите за независност.

Коштуница децидно го пренесе ставот на српската страна - идниот статус на Косово треба да биде во рамките на Повелбата на ОН со која се гарантира територијалниот интегритет и суверенитет на секоја земја, па така и на Србија.Косово не може да биде исклучок, посебен и единствен случај во светот. Негативното решение на Косово, во форма на евентуална негова независност би создал еден опасен преседан” .смета Коштуница потсетувајќи дека од вистинското решение за Косово зависи и стабилноста не само на Србија, туку на целиот регион.

Запрашан дали Србија ќе ги прекине дипломатските односи со земјите кои евентуално би ја признале независноста на Косово Коштуница одговори: Верувајќи во меѓународното право и во можноста на компромисно решение, јас сум оптимист дека Косово нема да стекне независнист. Тоа е мојот одговор во овој миг кога добиваме уште една шанса да започнат преговори, поинакви од оние какви што беа до сега!”