1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин се подготвува да остане на власт и по 2024

Роман Гончаренко
16 јануари 2020

Рускиот претседател Путин вчера најави сеопфатни уставни реформи, а нов премиер ќе биде Михаил Мишустин. Тие би можеле да му помогнат да остане на власт и откако ќе му заврши вториот мандат, коментира Роман Гончаренко

https://p.dw.com/p/3WH2T
Russland Moskau Präsident Putin und Dmitry Medwedew
Фотографија: picture-alliance/AP/Sputnik//D. Astakhov

Во обраќање до нацијата кое беше пренесувано ширум земјата, рускиот претседател Владимир Путин најави сеопфатни уставни реформи кои му го скицираат патот за останување на власт и откако ќе му заврши вториот мандат на чело на државата во 2024 година.
Најавата беше изненадување, иако познавачите очекуваа ваков потег, бидејќи неколку часа по неа оставка поднесе премиерот Дмитри Медведев.
Во обраќање до парламентот Путин рече дека земјата нема време за губење. Потоа вети дека ќе преземе серија социјални мерки меѓу кои клучна е онаа за зголемување на наталитетот во земјата. Вистинската причина за брзањето на Путин сепак е обидот со време да го реши „проблемот 2024“- односно прашањето како да остане на власт и покрај уставната забрана за повеќе од два мандати.

Ветувајќи дека ќе им го подобри животот на Русите, Путин само попатно ги спомена уставните реформи и промените во политичкиот систем. Во својот карактеристичен манир, Путин најпрво забележа дека нема потреба од промена на уставот донесен во 1993 година, за потоа да предложи серија уставни измени. Путин напомена дека граѓаните ќе одлучат за измените, но не спомена референдум. Такво нешто во Русија немало со децении.
Според планот на Путин, долниот дом на парламентот- Думата ќе добие поголема моќ и во иднина ќе ги бира премиерот и владата- привилегија која досега ја имаше само претседателот. Но тоа, според Путин, не значи дека Русија ќе стане парламентарна демократија.

Вториот предлог е идните претседателски кандидати да живееле во земјата најмалку во последните 25 години и да не смеат да имаат државјанство на друга држава. Во овој дел се насетува обид да се спречи кандидирањето на опозициските политичари ни олигарси како Михаил Ходорковски. Путин предлага министрите и пратениците да смеат да имаат само руско државјанство, за да се оневозможи нивно уценување од Западот. Конечно, со новиот устав ќе им се даде примат на руските закони пред меѓународното право.

Овие измени му даваат на Путин две можности. Првата е, како во периодот од 2008 до 2012, да биде премиер. Алтернативата би била да биде избран за претседател на Државниот совет, тело кое со измените ќе добие поголема моќ. Што и да избере, Путин не планира да се откаже од моќта.
За него, но и за Русија, започнува ново политичко поглавје. Иако 2024 година делува далечно, Путин нема многу време за да ги протурка измените. Во 2021 година, во Русија се закажани парламентарни избори и тоа сака дотогаш да бидат протуркани измените. Во моментов, тој е во цврста позиција да го цементира своето владеење за уште долго време.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема