1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Функционира германскиот воздушен мост за евакуација од Кабул

ЖА / агенции
17 август 2021

Евакуацијата организирана од Бундесверот започна, првите луѓе од Кабул стигнаа во Германија. Пристапот кон аеродромот го контролираат талибанците. Меркел преферира поддршка на соседните земји за прифат на бегалците.

https://p.dw.com/p/3z67y
Afghanistan Bildergalerie Kabul Flughafen Evakuierung
Фотографија: Rahmat Gul/AP/picture alliance

По преземањето на власта во Авганистан од страна на талибанците, започна евакуацијата на германски државјани и локални помошници. Транспортен авион на Бундесверот денеска пренесе 125 луѓе во престолнината на Узбекистан, Ташкент.

На аеродромот во Кабул и околу него и денеска владееше хаос. Пистите за полетување и слетување беа отворени, но сѐуште стотици луѓе се обидувале да продрат таму. Талибанците ги растерувале луѓето со камшици, пукајќи истовремено во воздух, сведочат очевидци. Од другата страна на аеродромот бил испален солзавец врз толпата луѓе. Вчера воздушниот сообраќај беше прекинат, зашто аеродромот беше „преплавен“ од илјадници Авганистанци кои сакаа по секоја цена да ја напуштат земјата.

Под вакви тешки услови доцна синоќа на аеродромот слетал првиот транспортен авион на германскиот Бундесвер носејќи припадници на воена десантна единица во Кабул и пренесувајќи ги потоа првите пет Германци и еден Европеец и еден Авганистанец во Узбекистан. Транспортниот авион од типот А400М претходно пет часа кружеше над блокираниот аеродром и поради истрошување на горивото, морал набрзина да земе за жал само неколку лица, изјави денеска германската министерка за одбрана, Карен Крамп-Каренбауер. Вториот транспортер денеска попладне пренесе 125 лица во Ташкент. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас најави за денеска уште два евакуирачки лета. „Воздушниот мост профункционира и ќе продолжи интензивно, сѐ додека безбедносната ситуација тоа го дозволува“, напиша Мас на Твитер, а во Берлин изјави дека ситуацијата на аеродромот се стабилизирала.

-повеќе: 

Талибанците најавија општа амнестија

Авганистанците во Германија ужаснати од ситуацијата во татковината

Авганистанските жени стравуваат од најлошото

Фотографија на денот: Повторно евакуација од Кабул

Германските државјани биле пропуштани на контролните пунктови на талибанците на патот кон аеродромот. На аеродромот се наоѓаат и локални соработници, а во соработка со САД и другите партнери се организира пристигнување и на нивен дополнителен број.

„За нив ситуацијата е многу поопасна, зашто не постои потврда дека ќе бидат пропуштени на талибанските контролни пунктови“, истакна Мас.

Канцеларката Ангела Меркел договорила во меѓувреме тесна соработка со останатите европски држави при евакуацијата. За таа цел разговарала со францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Борис Џонсон и италијанскиот – Марио Драги, како што соопшти портпаролот Штефан Зајберт.

Bundeskanzlerin empfängt Estlands Ministerpräsidentin Kaja Kallas
Меркел во прва линија бара безбедно сместување на бегалците од Авганистан во соседите земјиФотографија: Kay Nietfeld/dpa/Pool/picture alliance

Германската влада смета дека враќањето на талибанците на власт ќе предизвика бегалски бран. Во однос на барањата Германија да прифати бегалски контингенти, Меркел изјави: „Пред да зборуваме за контингенти, мора да размислиме за можностите за безбедно сместување на бегалците во соседните држави на Авганистан. Вториот чекор би бил да се размисли за контролирано доаѓање на посебно погодени лица со поддршка на Европа, во европските земји".

Како реакција на промената на власта, германската влада ги замрзна исплатите на целата помош за Авганистан, околу 430 милиони евра предвидени само за оваа година. Милитантно исламистичките талибанци во меѓувреме систематски ги преземаат службите и министерствата. Тие во изминатите недели со молскавично темпо ги освоија практично сите провинциски главни градови, најголем дел без никаква борба, исто како и главниот град Кабул.