1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Против кого ќе војува Турција во Сирија и Ирак?

С. Соколу/Б. Георгиевски3 октомври 2014

Турскиот парламент вчера го одобри евентуалниот ангажман на војската во Сирија и Турција. Експертите ја критикуваат нетранспарентноста на резолуцијата, а Курдите се сомневаат во добрите намери на Анкара.

https://p.dw.com/p/1DPSe
Фотографија: Reuters

По долга дебата турскиот парламент во четвртокот (2.10) одобри мандат за воени операции во Сирија и Ирак. Предлогот дојде од владејачката АКП во парламентот, а владата сега ќе има одврзани раце во следната година да делува со копнени сили и со други воени средства против терористичките организации на другата страна од границата.

Притоа, одобрено е и странски војски да ја користат турската територија за напади врз Исламската држава. Токму тоа беше и најрасправаната точна за време на дебатата во парламентот. Опозицијата бараше повеќе информации за тоа на кои земји ќе им биде одобрено користењето на турската територија, во кој дел на Турција ќе делуваат и колку долго. Стравот е дека странските војски во земјата можат да ги привлечат и терористите од странство.

Поделено мислење

Турските граѓани, според последните анкети, со мнозинство од околу 52 проценти го поддржуваат воениот ангажман на нивната земја. Но, силни се и критиките дека турската влада всушност нема намера да се пресметува со борците на Исламската држава во соседството. Курдите го изразија своето незадоволство со одлуката на демонстрации во повеќе големи градови: во Ван, Хакари и Дијарбакир дојде до големи протести и судири со полицијата.

Kobane Syrien Kämpfe Grenze Türkei Soldaten 03.10.2014
Турски војници на границата кон СиријаФотографија: Reuters/Murad Sezer

Резолуцијата на парламентот сепак не значи дека Турција веднаш воено ќе се вклучи во конфликтот во соседните земји, вели Герет Џенкинс, политички аналитичар во Истанбул. „Најголемиот проблем во случајов е што турскиот претседател Ердоган и западните држави, сакаат да водат две паралелни војни. Ердоган повторува дека сака да го елиминира сирискиот претседател Асад, додека анти-ИД коалицијата сака да ја уништи Исламската држава. И Турција вели дека планира да се бори против ИД, но турската влада и досега можеше многу повеќе да стори против ИД“, вели Џенкинс.

Притоа, според аналитичарот, нејасно е што значи можноста странски војски да оперираат од Турција. „Сѐ уште не се наведени имиња на држави и места. За очекување е дека базата Инџирлик ќе им биде ставена на располагање на сојузниците. Но, малку е веројатно дека во Турција ќе бидат стационирани американски копнени трупи“.

Курдите не и веруваат на владата

Курдите, во секој случај, не веруваат дека турската влада сака да се бори против ИД, вели Џенкинс. „Многу сириски Курди сметаат дека Турција ги вооружува борците на ИД. Без разлика дали е тоа точно или не, важно е дека тоа е во главите на луѓето“.

Flüchtlinge Kobani
Курдски бегалци во ТурцијаФотографија: Reuters

Останува нејасно што планира турската влада, вели и политологот и колумнист Ченгиз Актар. „Резолуцијата и овозможува на Турција да се бори против терористички организации во Сирија и Ирак. Но, сите знаеме дека Турција ја смета и Курдската работничка партија (ПКК) за терористичка организација. Многу прашања остануваат неодговорени кога се работи за ангажманот на турската армија. Притоа, мировниот процес со Курдите е во голема мерка загрозен“, вели Актар.