Протести на ДУИ
7 август 2006Досегашната владеачка партија, Демократската унија за интеграција – протестира. Идните коалициони партнери, ВМРО ДПМНЕ и ДПА ги продолжуваат разговорите за министерската распределба во новата влада. Дали е тоа конциденција или совпаѓањето е јасен и недвосмислен политички “дил“ и порака на мандатарот Груевски дека ќе состави влада и без учество на приврзаниците на Али Ахмети? Неговата ДУИ од денеска се реши за еднонеделна блокада на северозападна Македонија – секој ден половина час. Малубројни групи, со повеќе возила и транспаренти на кои е испишано “Следете го легитимниот глас на Албанците“, ги блокираат и магистралните патишта. Овој легитимен модел на демократски и политички притисок не го спорат ни влијателните амбасадори во Скопје, иако ставот на САД и Германија е сосема јасен – македонскиот мандатар е тој што ќе ги избере своите владини сојузници. Незадоволните “интегративци“ одговараат:
“Мандатарот мора да го респектира гласот на Албанците“, вели еден од групата млади интегративци кои стоеја наспроти македонската влада.
Протестите на ДУИ продолжуваат и утре, вели потпретседателот, Рафиз Алити:
“Протести ќе има и следните денови, се додека централното претседателство на партијата не донесе поинаква одлука“.
Блокадите на патот Тетово-Гостивар запреа еден автобус со нервозни грчки туристи кои патуваа кон Охридското езеро. Реагираа и дел од патниците кои патуваа кон северната граница и преминот Табановце. Еве го ставот на еден Кумановчанец од “интегративците“, Немет Бајрами:
“Сигурно дека ќе го изразиме нашиот револт“, вели Бајрами, кој е убеден дека со блокадите ДУИ ќе успее да изврши притисок и да остане во власта.
На блокадите во влезот на скопски Сарај, и пратеникот од ПДП, Блерим Беџети:
“Нашите активности се координирани на ниво на коалиција ДУИ-ПДП“.
Учеството на Беџети на блокадите е знак дека ПДП сеуште не ја прифаќа или ќе ја одбие понудата на Никола Груевски – тројцата пратеници на ПДП да се приврзат кон владината коалиција и мнозинство.