1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прогноза или дијагноза

17 ноември 2021

Ако СДСМ не го промени начинот на владеење, дури и почетокот на преговорите со ЕУ ќе „изгори“ во незадоволството на гласачите од другите параметри. Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/435JJ
Petar Arsovski
Петар Арсовски, колумнистФотографија: Petar Arsovski

Оние кои следат, знаат дека секоја успешна шпанска серија завршува со среќен крај во моментот кога Ранду ќе сфати дека сам на себеси си е мајка. Така и нашава драмолетка во последните две недели, има епилог на архетипски среќен крај, на повторно соединување на тајните љубовници, кои, ете, низ своевидна катарза, разбираат дека се создадени еден за друг. Ме прашуваат што е прогнозата за наредниот период. Се прашувам дали навистина повеќе ни треба прогноза, или сепак дијагноза? 

Така, еве сме на нулта точка: видовме дека опозицијата нема мнозинство за да ја бутне власта, ама сеуште не сме виделе дека власта има докажано мнозинство за да продолжи да владее. Оттаму, тешко е да се прогнозира што ќе се случува во наредниот период, иако има некои навестувања кои се правците кои можеме да ги очекуваме. 

-претходни колумни од авторот: Што после Заев?

Шегата на страна, најнапред, мислам дека треба да очекуваме сепак некакво мнозинство од  СДСМ и дел од албанските партии кои досега беа дел од опозицискиот блок. Очигледно е дека се водат преговори и, ако се суди по изјавите на лидерите во медиумите, можеме да заклучиме дека постои добра волја помеѓу партиите за формирање нова владина коалиција. Тука клучни се наративите со кои ќе се настапува при создавањето на таквиот сојуз, имајќи ги предвид репликите кои во меѓувреме ги гледавме на јавна сцена. 

Натпревар на наративи 

Во основа, во наредниот период, во јавноста ќе се натреваруваат  два архетипски наративи.  Првиот, на ВМРО ДПМНЕ, ќе биде: „ние победивме, а вие преку политичка финта ни ја украдовте победата“.  Вториот, на СДСМ, ќе биде: „сепак за вкупниот правец на државата, се обединија силите кои се за ЕУ и НАТО“. Двата политички наративи се проблематични на среден рок. 

Прво за овој на  ВМРО ДПМНЕ,  зашто објаснувањето е покусо. За да тврдиш дека некој ти ја украл победата, треба прво да победиш. Иако резултатите на локалните избори за нив се поволни, засега никој меѓународен и домашен фактор (освен тие самите, се разбира), не го толкува тоа како делегитимирање на централната власт.  Напротив, сигналите од нашите сојузници се дека во моментов на земјата не и треба политичка криза, дека едното со другото не треба да се меша, дека е потребен континуитет и слично. Така, прикаските за „овозможување мирна транзиција на власта“, кои ги пласира опозицијата, ќе бидат исмеани, зашто власта (централната барем), тие никогаш и не ја освоиле.  Таквото игнорирање на нивната растечка хистерија, носи ризик да ги направи порадикални, понервозни, и да ги доближи до ставовите на Левица, создавајќи вистинско радикално десно јадро на политичката сцена. Контурите на ваквиот политички сојуз веќе ги гледаме на локално ниво, преку веќе етаблирани коалиции помеѓу Левица и ВМРО ДПМНЕ во општинските совети. Така, парадоксално, сега ВМРО ДПМНЕ ќе биде под сериозен притисок од јавноста да се доближи уште повеќе, токму до партијата која му е и најголем политички проблем, и најголемата причина зошто не успеа да направи парламентарно мнозинство. 

Вториот наратив, оној на  СДСМ поврзан со ЕУ и НАТО, како мантрата на Боргите: доаѓаат ЕУ и НАТО, отпорот е залуден…. исто така е тенка работа, барем засега. Проблемот со овој пристап е двоен: прво, премногу се потпира на позитивен епилог со ЕУ, а во моментов е гамбит да се кладиш дека проблемот со Бугарија ќе се реши до крајот на годинава, или еве, до крајот на јануари, кога Франција ќе престане да се занимава со ЕУ и ќе почне да се занимава со самата себеси. Ние засега не знаеме дали воопшто ќе се создаде влада во Бугарија, потоа не знаеме дали овој оптимизам кој го гледаме од победниците на изборите ќе го делат и другите членки на коалицијата, а најмалку знаеме колкава и каква улога ќе продолжи да игра Радев во ова прашање, а тој е докажано најмалку несигурен партнер за дијалог, кој ги менува позициите во првиот момент кога некоја негова позиција има шанси да се разреши. Така, за СДСМ и коалицијата, папочната врска на нивниот успех со разрешница со ЕУ, го прави нивниот гамбит несигурен, влогот уште поголем, па со тоа, го ескалира и ризикот од разочарување и политички последици, доколку маневарот не успее. 

ЕУ и НАТО не се доволни 

Вториот, и посериозен проблем, во овој наратив, е што „ЕУ и НАТО" очигледно веќе не се доволни. Не се согласувам со оние кои велат дека евроатлантските интеграции веќе претставуваат бреме за партиите кои ги промовираат, сепак мислам дека тие столбови на политичката доктрина се се уште адут, и се секако неопходен дел од стратешките цели на државата.

-претходни колумни од авторот: Дали ЕУ ќе испорача, или само ќе нѐ препорача

Но неопходниот услов не е и доволен: граѓаните и гласачите очигледно бараат не само валоризација на курсот на државата (преку признание во вид на прва меѓувладина конференција), туку ги бараат и промените кои следуваат со тоа, веднаш и сега. Така, за СДСМ, поважна варијабла која ќе влијае на одржливоста на нивниот наратив, ќе биде промената во начинот на владеење, најмногу преку итното зголемување на ефикасноста во испораката на владините услуги кон граѓаните, подобрување на создавањето и имплементацијата на политиките, владеењето на правото, борбата против корупцијата и слично. Ако тоа не се промени, дури и почетокот на преговорите ќе „изгори“ во незадоволството на гласачите од другите параметри. 

Значи, на крајот, за власта, ако нема посуштински и видливи промени во начинот на владеење, оптимистичката прогноза ќе стане песимистичка дијагноза.