Прогласена победа на Лукашенко, протести и судири
10 август 2020Изборната комисија во Белорусија го прогласи шефот на државата Александар Лукашенко за победник на претседателските избори. 65-годишниот претседател освоил 80,23 проценти од гласовите на вчера одржаните избори, соопшти раководителката на Комисијата, Лилија Јермошина денеска во Минск. Според неконечните резултати, за противканидатката на Лукашенко, Светлана Тихановскаја, гласале само 9,9 проценти од граѓаните. Излезноста на изборите во поранешната советска република била 84% од 6,8 милиони граѓани со право на глас.
Тихановскаја изјави дека нема да го признае поразот. Во повеќе гласачки места, каде не биле извршени манипулации, според информациите на нејзиниот штаб таа однесла тесна победа.
Најмалку 120 апсења
Илјадниците поддржувачи на Тихановскаја ноќеска низ цела земја протестираа против Лукашенко и изборни фалсификати. Тие им се спротиставија на силите за безбедност кои употребија водени топови, солзавец и засплепувачки гранати против демонстрантите.
Повеќе:
Избори во Белорусија: Жената која го предизвикува Лукашенко
Изборната кампања во Белорусија станува интересна
Белорусија – парламент без опозиција
Според податоците на организацијата за човекови права „Спринг 96", во Минск загинал еден демонстрант, тој бил прегазен од полициски транспортер. Најмалку 120 луѓе се уапсени, а се јавува и за бројни повредени. Во утринските часови ситуацијата се смирува. Интернет страницата на Изборната комисија не е повеќе достапна, исто како и најголемиот дел од интернет-порталите во земјата, но сѐуште функционира информативниот канал „Телеграм". Владините противници на социјалните мрежи најавија нови протести, додека од шефот на државата досега нема никаква реакција. Лукашенко пред изборите вчера најави дека ќе ја брани својата власт со сите средства.
„Неспособна" влада
„Надоаѓа длабока, досега невидена криза", изјави соработничката на Тихановскаја, Мариа Колесникова на една прес-конференција. Таа ја обвини владата за изборен фалсификат, на некои гласачки места излезноста според официјалните податоци била над 100 проценти. „Владата е неспособна да владее со земјата, властите треба да признаат дека мнозинството се наоѓа на другата страна", изјави Колесникова.
Тихановскаја се кандидираше откако нејзиниот сопруг, познатиот блогер Сергеј Тихановски, беше уапсен и исклучен од изборната листа. 37-годишната Тихановскаја во изминатите недели доби масивна поддршка и мобилизираше бројни проврзеници. Лукашенко владее со поранешната советска република Белорусија веќе 26 години со цврста рака. Следниот мандат би му бил веќе шести.