1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приштина го отфрли прелиминарниот договор на КФОР и Србија

4 август 2011

КФОР и Србија соопштија дека се согласиле на привремено решение за кризата во северно Косово, која изби по одлуката на Приштина да го забрани увозот на српски стоки. Косовската влада меѓутоа го отфрли договорот.

https://p.dw.com/p/12Aw0
Генералот Ерхард БилерФотографија: picture alliance/dpa

Командантот на КФОР, германскиот генерал Ерхард Билер и претставниците на Србија Борислав Стефановиќ и Горан Богдановиќ синоќа постигнале прелиминарен договор за решавање на кризата на северот на Косово. Според него меѓународните сили до средината на септември, а доколку е потребно и подолго, ќе ја задржат контролата над спорните гранични премини Брњак и Јариње.

Договорот предвидува барикадите на патиштата, кои водат кон овие премини поставени од косовските Срби, да бидат отстранети и повторно да биде воведена слобода на движење.

Kosovo-Konflikt - Bundeswehr in Mitrovica NO FLASH
Бундесверот на КосовоФотографија: picture-alliance/dpa

Договорот е неприфатлив за косовската влада

Во соопштението на Главната команда на КФОР во Приштина беше наведено дека моменталниот систем на контрола на премините Јариње и Брњак треба да остане ист до средината на септември, а ако биде потребно тоа да се продолжи. КФОР ја има командата на премините и ги контролира процедурите.

Договорот може да биде применет во текот на наредните денови соопшти Главната команда на меѓународните мировни сили на Косово, според која командантот Билер имал целосно овластување на сите одговорни институции за разговори со претставниците на Србија.

Меѓутоа косовската влада не смета така. Официјална Приштина го оцени како неприфатлив договорот постигнат меѓу Билер и српските претставници.

Geberkonferenz für Kosovo in Brüssel
Премиерот Хашим ТачиФотографија: picture-alliance/dpa

„Владата на Република Косово ја информира домашната и меѓународна јавност дека предлог договорот кој е претставен во јавноста е неприфатлив за неа и не може да се спроведува на Косово“, се вели во соопштението на владата во Приштина, во кое се додава дека таа стриктно ќе ги спроведува мерките на реципроцитет со Србија.

Косовската влада ги поздрави напорите на КФОР за деблокада на патиштата и создавање сигурен амбиент за сите косовски граѓани, но на Косово нема враќање назад на состојбата пред 25 јули.

Со тоа владата во Приштина упатува на нејзината одлука за забрана на увозот на српска стока што беше и поводот за тензиите на граничните премини Јариње и Брњак во кои загина еден косовски полицаец.

Вонреден состанок на ЕУ амбасадорите за кризата на Косово

Денеска амбасадорите на земјите-членки на ЕУ кои се задолжени за надворешно-политички прашања во Брисел ќе оддржат вонреден состанок за да расправаат за кризата во северно Косово.

Досега 22 земји членки на Унијата го имаат признато независно Косово, а пет се’ уште не.

Автор: СН/ АT/ бета/ дв

Редактор: Александра Трајковска