1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Притисок за договор: Кај што застана Нуланд, продолжува Хан!

Катерина Блажевска14 јули 2015

Нуланд и Хан очекуваат дека партиските лидери денеска ќе седнат на маса подготвени да го финализираат договорот, во интерес на евроатлантската иднина на Македонија

https://p.dw.com/p/1FyAn
Фотографија: MIA

Притисокот врз македонските партии ќе продолжи и ќе биде огромен со цел да постигнат финален договор, констатираат македонските аналитичари по вчерашната посета на помошник државниот секретар на САД, Викторија Нуланд и денешната на еврокомесарот Јоханес Хан. Тој уште синоќа допатува во Скопје, а денеска ќе се обиде закочените преговори меѓу македонската лидерска четворка да ги врати во живот и да ги приближи до конечно решение. Нуланд во интервју за ТВ „Алсат-М“ потврди дека дипломатската офанзива е координирана меѓу официјален Вашингтон и Брисел.

„Во овој случај, амбасадорот Џес Бејли работи рака под рака со комесарот Хан. Јас исто така, работам со комесарот Хан. Зборувавме пред да влезам на средбите, ќе зборуваме повторно. Ако има потреба овде од американска интервенција на повисоко ниво за поддршка на тој процес, тогаш очигледно ќе ја обезбедиме, како што би ја обезбедил и комесарот Хан. Но, она што навистина го сакаме, е Македонците да ги засукаат ракавите и да ги затворат овие последни јазови, за земјата да се врати на својот демократски курс. А и ние да се вратиме на работата, да ви помогнеме во вашите НАТО-аспирации“, рече Нуланд.

Kombibild Politiker Mazedonien
Расте притисокот врз лидерската четворка

Клучен момент за Македонија

Домашните аналитичари не се изненадени од ваквата координирана активност. Посетата на Нуланд еден ден пред денешните преговори покажа три нешта: дека ЕУ останува со предводничка улога во преговорите; дека ЕУ и САД стојат на иста линија; дека притисокот на македонските партии да постигнат договор ќе биде огромен, вели Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика во Скопје.

„Хан ги најавува преговорите како 'клучен момент за Македонија'. Доаѓа заедно со тројката европарламентарци - Кукан, Ховит и Вајгл. Со тоа се сака да се покаже политичка единственост на европските претставници. Со ваква увертира, состав и најава, може да се очекува дека ќе стори сè за да издејствува договор од македонските политички партии. Очекувам фокус на две прашања: преодна влада и исполнување на итните реформски приоритети - и тоа меѓусебно поврзани. Сега Хан има јасна платформа - итните реформски приоритети засновани на извештајот на Прибе, а има и силна позиција - поддршка од државите членки преку заклучоците од Советот на ЕУ од 23 јуни и поддршката од САД потврдена преку посетата и изјавите на Нуланд“, вели Ристевска.

Составот и организацијата на Владата која ќе ги организира следните избори, останува најжешкото прашање, за кое Нуланд вчера разговарала со партиските лидери.

„Остануваат уште неколку прашања и едноставно се обидуваме да им помогнеме на страните да се слушнат меѓусебно, во пресрет на формалните преговори кои г. Хан ќе ги одржи“, рече таа.

Аналитичарот Назим Рашиди смета дека посетата на Нуланд и на Хан се евидентен сигнал дека преговорите ќе мора да завршат со конкретни мерки.
„Вклучувањето на американската администрација во решавање на кризата, кажува дека веќе процесот е влезен во тек кој не ќе може толку лесно да го контролираат македонските политичари и дека во наредниот период ќе мора да се дојде до решение. Тврдоглавоста нема да се третира како политички блеф, туку како несериозност. Посетата на Нуланд, координирана со високата европска делегација, е уште еден елемент дека преговорите ќе мора да завршат со конкретни мерки. Власта веќе покажува дека притисокот е тука, а опозицијата дава сигнали дека ќе биде дел од процесот. Но, најважно е колку партиите ќе покажат капацитет за прашањата да се решат сериозно. Битно е и странскиот фактор да биде присутен до исполнување на сите реформи, во спротивно ќе се влезе во уште еден циклус на инаетења, од кои ќе страдаат само граѓаните“, вели Рашиди.

Да постигнат договор!

Во јавноста нема дилеми дека денеска ќе се одвиваат клучните разговори за излез од кризата. Меѓународните претставници најавија дека очекуваат лидерите да постигнат договор.

„Овде сум да работам и да го олеснам постигнувањето договор, со цел да и‘ се помогне на земјата да ја задржи во живот евроатлантската перспектива. Сите треба да се подготвени, бидејќи се работи за иднината на државата, а не за лични интереси“, изјави синоќа еврокомесарот Јоханес Хан.

Идентичен беше и ставот на Нуланд.

Mazedonien Vermittlungsgespräche
Викторија Нуланд во СкопјеФотографија: DW/F. Musliu

„Тоа (договорот н.з.) сакаме да го видиме завршено и се надеваме дека утре (14.07) ќе биде многу, многу добар ден и дека сите ќе седнат на маса подготвени да го финализираат договорот. Тоа е во најдобар интерес на Македонија и во интерес на силна трансатлантска траекторија на вашата земја“, порача Нуланд.

Амбасадорот Ристо Никовски во изјавите на Нуланд препознава потврда дека американската политичка доминација врз ЕУ, доаѓа до целосен израз и во однос на Македонија.

„Во Дубровник најави, а сега потврди дека Хан работи во договор со нив, поточно - под нивна диригентска палка. Доказ е речникот кој го користеше Нуланд во Скопје, дека утре следат 'формалните преговори'. Впрочем, воопшто не е 'коинциденција' што прво дојде таа, со пресудата, а потоа следи - извршителот.

Нормално, таа не ги откри 'картите', ама е неспорно дека Груевски е под невиден притисок да го проголта неприфатливото. Во основа, тоа е некаков вид на техничка влада со што, крајно нелегално и непотребно, би се анулирале резултатите од минатогодишните избори“, смета Никовски.

Според него, индикативно е и тоа што се наѕираат обиди да се продолжи и со решавање на проблемот со името.

„Објективно, додека траат турбуленциите во Грција, а тоа значи уште 5, 10 и повеќе години, не е можен било каков билатерален договор, на што нелегално не‘ тераат. Меѓутоа, ветувањето на Меркел од минатата година дека ќе се вклучи кога ќе созрее моментот, може тоа да е токму сега актуелно? Изгледа неверојатно дека сега некој може да бара од Ципрас решение и за нашето име, но... Во дадената ситуација, било што да предложат околу името, ќе биде рамно на капитулација за Македонија“, предупредува Никовски.

Според резултатите од анкетата на американскиот републикански институт ИРИ, објавени вчера, 80 отсто ја поддржуваат заложбата Македонија да стане член на Унијата, а 83 отсто сакаат државата да ја видат во НАТО. Бројот на испитаници кои велат дека Македонија се движи во погрешна насока изнесува 48 проценти, што е за девет проценти повеќе од анкетата на ИРИ од декември 2014 година.
На прашањето - кое решение може да ја извлече земјата од политичката криза, најмногу испитаници, односно 35 отсто одговориле дека тоа е повлекување на премиерот Груевски, а 30 отсто сметаат дека решението е враќање на опозицијата во парламентот. Во формирање техничка влада најсоодветен излез гледаат 27 отсто од анкетираните, а 21 отсто низ судскиот систем.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема