1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Припадници на „Лев Тахор“ не пронајдоа мир ниту во Охрид

ДТЗ
23 февруари 2022

Пред хотелот во Лакочереј каде што се сместени се собираат мештаните кои изразуваат незадоволство и бараат групата што поскоро да го напушти селото. Од „Лев Тахор“, пак, порачаа дека ќе останат еден месец.

https://p.dw.com/p/47UtL
Mitglieder der jüdischen Sekte Lev Tahor suchen Zuflucht in Nordmazedonien
Фотографија: Arbnora Memeti

Не стивнуваат реакциите во охридското село Лакочереј каде неделава пристигнаа припадниците на еврејската религиозна група „Лев Тахор“. Пред хотелот каде што се сместени се собираат мештаните кои изразуваат незадоволство и бараат групата што поскоро да го напушти селото. Од Лев Тахор, пак, порачаа дека непотребно се создава омраза против нив, бидеќи во земјата се на пропатување како туристи. 

Припадничка на групата во изјава за медиумите вели дека Северна Македонија е прекрасна земја, народот е добар, независно што поединци негативно реагираат на нивното присуство. „Тука сме туристички за да посетиме некои еврејски објекти, синагоги, да посетиме роднини, гробови на наши претци…Немаме планови да бараме никаков постојан престој. Тука сме привремено, имаме дозвола од тримесечен престој, а немаме намера да останеме повеќе од еден месец“, порача таа.

Во врска со реакциите на локалното население, таа забележува дека непотребно се создава некаква омраза против нив и им се ускратува правото слободно да патуваат.
Вели дека се во потрага по земја каде ќе им биде дозволено да ги практикуваат нивните човечки права и религиозни слободи, како што е запишано и во библијата.

„Во меѓувреме транзитираме, не знаеме кога тоа ќе се случи, но засега немаме планови за постојана дестинација“, вели припадничка на еврејската група.

Од полицијата апелираа за толеранција и солидарност со групата, која што не претставува закана и опасност за никого. Од Комисијата за заштита од дискриминација најавија постапки против повеќемина во врска со случајот, а полицијата поднесе кривична пријава против охриѓанка заради објавување содржина на Фејсбук, со која ширела „расистички и ксенофобичен материјал“. Еврејската група „Лев Тахор“ се соочи со проблеми при патувањето низ повеќе земји на Балканот, а по реакциите на локалното население тие минатата недела го напуштија Куманово и беа префрлени во Скопје, по што патувањето го продолжија кон Охрид.