Приказни за сладоледот
Летото е време на сладоледот: колку е надвор пожешко, толку се подолги редиците пред слаткарниците. Производителите измислуваат сѐ почудни видови сладолед. Има дури и креации од сладолед за животни.
Творецот на Шпагети-сладоледот
Благодарение на Дарио Фонтанела уживаме во вистинскиот „класик“ меѓу сладоледите: сладолед од ванила притиснат со преса за шпецли (германски тестенини) во облик на шпагети и прелиен со сос од јагоди и трошки од бело чоколадо. Фонтанела живее во Манхајм, во регион каде шпецлите се специјалитет. Шпагети-сладоледот го изумил во 1969 година.
Најоткачената слаткарница во Германија
Матијас Минц е познат како „откачен тип“ и надвор од границите на Минхен. Името на неговата слаткарница е „Лудиот сладоледџија“. Неговите креации имаат имиња како „Варено јајце“ или „Цвечгендачи“ (колач од сливи). Покрај „нормалните“ видови сладолед, има бел колбас-, помфрит- или силно пиво-сладолед. Не е чудо што и зад шанкот има „откачени фаци“.
Кога децата јадат сладолед...
... тогаш јадат со целото лице. По јадењето сладолед, неопходно е пресоблекување и бришење од глава до пети. Зашто, сладоледот во детските раце како да се топи двојно побрзо отколку во рацете на возрасните. Освен тоа, децата немаат и техника на лижење на сладоледот. Така, сладоледот завршува по целото лице и телото, или - катастрофално - на подот!
Хајно и класикот
„Доломити“ е сладолед со вкус на овошје во боите на Италија. Овој сладолед во 2015 година го прослави својот 80-ти роденден. Шлагер-ѕвездата Хајно со „Доломити“ в рака по тој повод му го испеа хитот кој е поврзан со производителот „Лангнезе“: „Like Ice in the Sunshine“. Вечниот конкурент на „Лангнезе“ - „Шелер“ јубилејот го прослави во 2017 година.
Чудесна свињарија
„Софти“ е мек сладолед, кој го изумиле Американците. Млечната маса постојано се меша во цилиндар за замрзнување и притоа се создава тенок слој сладолед кој се гребе и со притисок се става во корнет. Наводно најубавиот „софтајс“ во Германија може да се купи на островот Фемарн.
Сладолед за поларната мечка
Да, таа јаде сладолед! Берлинската поларна мечка Тонја кога е топло сака да се разладува во својот базен и притоа од вработените во зоолошката градина е почестена со речиси 10 килограми сладолед. Навидум сѐ изгледа како јогурт-сладолед со овошје, но внатре сигурно има и по некоја харинга. Во зоолошките градини е вообичаено понекогаш налето на животните да им се даваат „сладоледни бомби“.