1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Приемот на бегалци од Авганистан ги подели Албанците

Елона Елези | Фани Фаскар
3 септември 2021

Одлуката на Албанија да прими авганистански бегалци додека чекаат виза за САД, разгоре кавги во земјата. За некои, Тирана е должна да помогне, за некои земјата веќе има доволно проблеми.

https://p.dw.com/p/3zluv
Albanien Flüchtlinge aus Afghanistan in Tirana
Фотографија: Press Office Albania Ministry of Foreign Affairs

Брегот на Албанија е полн со домашни и странски гости кои ги користат последните денови од летото. Но, приморскиот град Драч не е веќе само туристичко место, туку стана и нов дом за стотици бегалци од Авганистан.

Сместени се во повеќе хотели, а репортерките на ДВ се обидоа да разговараат со некои од нив, но полицијата ги чува влезовите и не дозволува пристап.

„Тие се во карантин, новинарите не смеат да влегуваат“, предупредува полицијата. Низ хотелската ограда се гледаат деца како си играат покрај базенот. Само неколку дена претходно, тие семејства поминале низ агонијата на бегство од својата земја. 

Истовремено, некои студенти во Тирана мораа да ги напуштат своите студентски домови за да направат место за бегалците. Државата реши да прифати околу 4.000 луѓе од Авганистн – „привремено“, како што изјави тогаш албанскиот премиер Еди Рама.

Albanien - Wohnheim, in dem afghanische Flüchtlinge untergebracht sind
Полиција пред објектите каде се сместени авганистански бегалци во АлбанијаФотографија: FF/DW

Тој збор во Албанија често може да се чуе во последно време. И што повеќе се користи, сѐ повеќе предизвикува потсмев. Прашање е колку долго бегалците навистина ќе останат, вели за Дојче веле еден минувач, одмавнувајќи со главата со неверување. „Знаете, нашата економска ситуација е таква што луѓето питачат по улици и бараат леб по контејнерите.“ 

Должност е да се помогне

Некои минувачи со кои разговараше ДВ во Тирана, сметаат дека Албанија како членка на НАТО е должна да му помогне на својот сојузник, САД.

Администрацијата на Бајден го замоли Рама да ги прифати бегалците додека да добијат американска виза.

„Тоа може да трае до една година“, вели Албан Дафа од тиранскиот Институт за демократија и медијација. „Владата меѓутоа не дава целосни информации за целокупниот процес“. Дафа е загрижен од можноста таквата ситуација да доведе до тоа Албанците да се побунат против бегалците, а го интересира и што ќе биде со оние кои нема да добијат виза, кои ќе „останат заглавени во Албанија“.

Безбедно место

Засега во Албанија се стигнати околу 600 Авганистанци. Меѓу нив е и Канбик Садик од Кабул. Овој 22-годишник веројатно не е ни свесен дека неговото доаѓање во Албанија прерасна во политичко прашање. Тој едноставно се радува што е сега на безбедно место. Кога чул дека ќе оди во Албанија, проверил на интернет каде се наоѓа државата. Низ насмевка, ни вели: „Погледнав каде е земјата, со кои држави гранични и на семејството му реков дека Албанија е многу добра земја“, вели тој, користејќи неколку англиски зборови кои ги знае.

САД партнер за напредок

Тоа што Абанија го прифати барањето на САД да прими бегалци од Авганистан, изгледа логично. САД помагаат да се одржи стабилноста на Балкан, кој и самиот има долга историја на војни. Многу улици во Албанија носат имиња на бивши американски претседатели. Во колективната свест на Албанците, САД се партнер со кој е загарантиран напредок, без оглед дали досега е направено некое придвижување или не. 

Нов живот за Авганистанецот кој побегна од Кабул

Истовремено, Албанија и натаму не им пружа можности за нормален живот на своите граѓани, а ја погодуваат и чести тензии меѓу власта и опозицијата. Како и многу држави во регионот, и Албанија има голем проблем со корупцијата, сиромаштијата и недостиг од решенија за проблемите.

Минимум една година до добивање американска виза

Додека домашните и странски аналитичари се обидуваат да проценат како ќе изгледа конкретно договорот меѓу САД и Албанија, малку е иронично да се види реплика на Статуата на слободата на продажба на патот во близина на Тирана. „Твоја е за 10.000 евра“, вели продавачот. Тоа е вистинско богатство, ако се земе предвид дека просечната месечна плата во Албанија е 400 евра, а во руралните делови и помалку.

Канбик Садик се надева дека наскоро ќе се пресели во САД, тоа им е ветено на сите овие бегалци. „Мораат да нѐ одведат во друга земја, во САД“, вели тој. Кога ќе стигне таму, сака да продолжи да студира и да стане инженер. „Иако Албанија е добра земја, во САД е подобро за студирање“, вели тој.

Засега уште не е познато кој од авганистанските бегалци ќе стигне во САД, процесот на издавање визи не е ни почнат. САД моментно се фокусираат на тоа бегалците привремено да ги сместат во земји на Балкан, меѓу другото во Албанија, Косово и во Северна Македонија. Сѐ останато ќе зависи од политиката која се игра на Балканот.

 

Елона Елези
Елона Елези Дописничка на DW Албански