1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателски избори во Авганистан засенети од насилство

ЖА
28 септември 2019

Претседателот Ашраф Гани, кој повторно се кандидира за функцијата, ги повика околу 9,6-те милиони луѓе со право на глас да излезат на изборите, без оглед на заканите на радикално-исламистичките талибанци.

https://p.dw.com/p/3QOcr
Präsidentschafts-Wahlen in Afghanistan
Фотографија: AFP/Getty Images/H. Hashimi

Преку 72.000 војници низ целата земја го обезбедуваат изборниот процес на близу 5.000 гласачки места. Сепак, од многу делови на земјата се јавува за напади. При експлозија на бомба на гласачко место во градот Кандахар денеска се повредени најмалку 15 лица.

Гани, при гласањето на гласачко место во училиште во главниот град Кабул, побара од Авганистанците да го дадат својот глас и на неговата влада да ѝ обезбедат легитимитет за реализација на веќе подготвениот план за напредок на земјата.

Талибанците пред изборите се заканија со напади врз гласачките места. Уште во текот на двомесечната изборна кампања, талибанските борци изведоа бројни напади врз собири на претседателските кандидати. На изборен митинг на претседателот Гани минатата недела во централниот регион Парван во напад на талибанците беа убиени 26 лица.

На изборите учествуваат вкупно 18 кандидати. Актуелниот шеф на државата Гани и неговиот најогорчен ривал Абдула Абдула важат за фаворити. Резултати од гласањето не се очекуваат пред 19 октомври. Ако никој од кандидатите во првиот круг не добие повеќе од 50 проценти гласови, во ноември ќе се одржи втор круг.

Со оглед на заканите со напади, но и извештаи за изборни фалсификати, набљудувачите не очекуваат голема излезност. Во Кабул денеска многу од инаку фреквентните улици биле речиси празни. 

Повеќе:

Трамп ќе мора да се врати на преговарачка маса со талибанцитеАвганистан- вечниот рингишпил

Авганистанците плаќаат висока цена за изборите

Поранешниот авганистански министер за надворешни работи Рангин Дадфар Спанта во интервју за Германското радио се жалеше на фалсификати, обвинувајќи го претседателот Гани за контрола врз сите државни институции, вклучувајќи ја и Изборната комисија.

И американската амбасада во Кабул изрази загриженост поради бројните поплаки за безбедност, недоволен фер процес и измама. Портпарол на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш истакна дека сите форми на насилство насочени против изборниот процес се неприфатливи.

Претседателските избори во Авганистан всушност требаше да бидат одржани уште во април, но двапати беа пролонгирани. Причина, меѓу другото, беа и во меѓувреме прекинатите мировни преговори меѓу САД и талибанците.