1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателка на Косово за една година

8 април 2011

Со изборот на Атифете Јахјага за нов претседател на Косово надмината е политичката криза што се отвори по заминувањето на Беџет Пацоли од функцијата. Јахјага ќе остане на функцијата една година.

https://p.dw.com/p/10pw2
Првата жена претседател на Косово: Атифете Јахјага во парламентот во Приштина
Првата жена претседател на Косово: Атифете Јахјага во парламентот во ПриштинаФотографија: AP

По изборот уште во првиот круг од гласањето, новата претседателка на Косово, Атифете Јахјага порача дека нејзината кандидатура била резултат на спогодбата меѓу партиите на владината коалиција со најголемата опозициска партија. Јахјага нагласи дека ќе биде гарант на уставноста и законитоста, како и на единството на земјата. Меѓу програмските заложби на новата претседателка се најде и дијалогот со Србија, за кој таа порача дека го гледа како нормален процес меѓу две земји, кои во минатото имале проблеми. „Бидејќи минатото не можеме да го смениме, ќе ја градиме иднината, учејќи од грешките на минатото“, додаде Атифете Јахјага пред пратениците на косовското Собрание.

Позитивни реакции од Косово

Политичарките од Косово позитивно одреагираа на изборот на првиот женски претседател на државата. Пратеничката Едита Тахири, која е и раководител на тимот за преговори со Србија, оцени дека изборот на Јахјага е добар показател дека на Косово почнува сеопфатен процес на демократизација. Тоа е и практичен доказ за еднаквоста, која е инаку гарантирана со уставот, нагласи Тахири. Заменик-премиерката и министерка за трговија и индустрија, Мимоза Кусари-Љиља порача дека изборот на Јахјага за претседател на државата е од голема важност за историјата на земјата. Тоа ќе упати сигнал и до другите жени на Косово дека можат да учествуваат во политичките процеси, а освен тоа ќе испрати и позитивна слика за земјата во очите на меѓународната јавност.

Честитки по изборот во првиот круг: Јахјага со членовите на владиниот кабинет во парламентот
Честитки по изборот во првиот круг: Јахјага со членовите на владиниот кабинет во парламентотФотографија: AP

Американски „избор“

Германски и косовски весници денеска пишуваат дека Јахјага била фактички избор на американскиот амбасадор во Приштина, Кристофер Дел, кој дури извршил притисок врз политичките лидери да ја прифатат. Атифете Јахјага досега не се занимавала со политика. По професија е правник, а кариера направила во косовската полиција, каде на крајот стигна до функцијата заменик-директор. Таа е генерал-мајор на полицијата, што е највисок чин што го носи една жена на Балканот. Полициската наобразба ја стекнала во странство, меѓу другото во Европскиот центар за безбедност „Џорџ Маршал“ со седиште во Германија, како и во Академијата на американската полиција ЕфБиАј.

Автор: Зулфија Јакупи / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска