1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Пресметката кај ОК коралот

21 ноември 2019

Критиките во комфорна зона (кон обвинител), не се гаранција дека судството е одбрането од влијанија. Судиите тоа ќе го докажат кога ќе ги објават пораките што ги добиваат од политичарите

https://p.dw.com/p/3TRD1
Mazedonische Staatsanwältin Vilma Ruskovska
Фотографија: P. Stojanovski

Судството нема време за театар. А само вчера направи неколку претстави. Неразбирлива е лавината што се крена против обвинителката Вилма Рускоска. Нејзината „грешка“ е што во приватна смс - порака до познаник судија искажала незадоволство од судска одлука. Неприфатлива е леснотијата со која судиите таа порака ја направија јавно достапна, за да можела јавноста да се увери под каков притисок и закани било судството.

Нека простат судиите, но тоа што Рускоска го напишала во пораката ( „од гаќи ќе ве истресам... “) секој втор граѓанин во земјава има порив лично да им го каже и на судии и на обвинители. Ако ги исфрлиме гаќите од приказнава, „покултурната“ и најчесто употребувана верзија на оваа „закана“ гласи „ќе те истресам од кондури“.

Вчера судиите сами се истресоа од кондури. Обзнанувањето на пораката од Рускоска не е нешто што ќе го стави јавниот сентимент на страна на судството, напротив - тој чин говори за нетактичност и незрелост. Колку пати и новинарите разменуваат многу „посочни" критики за одредени ставови и текстови, и замислете сето тоа да заврши во новинарските здруженија со поплаки и оценки дека – тоа е закана за слободата на изразување!? Белки има нешто што се вели колегијална забелешка, реакција...

Да биде претставата поголема, ова е првпат членови на Судскиот совет да дотрчаат „по пижами“ за да се уверат во заканата на Рускоска дека ќе отвори финансиска истрага. Не велам дека е лесно да си во кожата на судиите, но секој што има чиста совест на тоа одговара - повелете, отворете истрага!

Mazedonien Justiz Amtsgericht
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Не е лесно ни да си во кожата на Вилма Рускоска. На плеќи го носи високопрофилниот случај  „Рекет“ кој во земјава предизвика тежок политички земјотрес со афтершокови кои се` уште траат. Поради сомнежот за висока политичка логистика и вмешаност во овој случај, неговиот тек се мониторира до милиметар, а неговата разрешница ќе биде тест за интегритетот и независноста на судството. Нервозната реакција на Рускоска е дување на матеницата. И со право. Зарем судиите заборавија зошто денеска многу обвинети или осудени веќе не се во земјава? Па само овој месец тројца не се вратија во казнените установи. Дел излегле заради лекување со судски решенија. Има ли право Рускоска да биде загрижена зошто на Јанева и` беа одбиени гаранциите во имот, а сега е пуштена во куќен притвор?  Во соопштението од Апелацискиот суд однесувањето на Рускоска беше оценето како недолично, како преседан, како влијание врз текот на водењето на судските постапки, грубо нарушување на принципот на независност на судството и ред други критики. Разбравме дека Рускоска е „лошата", но  не разбравме зошто на добрата Јанева не и` биле прифатени гаранциите во имот

Вчера судиите се бранеа од сомнежи за корупција, се бранеа од „влијанието“ на Рускоска која е странка во постапката, но не кажаа ниту збор за одлуката што ја донеле. Ваквите ад-хок одбрани во комфорна зона (со критики кон обвинител) не се гаранција дека судството е одбрането од влијанија. Тоа ќе го докажат кога јавно ќе ги објават пораките што ги добиваат од политичарите. Дали по вчерашниот театар е смирена совеста на судиите? Се сомневам.

Но, секое зло за добро. Ако утре ја снема Јанева од домашниот притвор,  барем точно ќе знаеме кој го заложил својот независен судски кредибилитет во таа можност. И кој го бранел.

На крајот, кога толку говорат за принципи, дали е принципиелно судијка која е повикана на распит за „Рекет“, и чие име се спомнува во видео снимките од тој случај, таа да одлучува за патна исправа на оштетениот во истиот предмет? Секако, таа ниту е осомничена, ниту е обвинета, но токму заради исклучување на сите сомнежи, можела да биде изземена од одлучувањето за пасош. Така се создава доверба во јавноста. Независноста не се добива на тацна. Таа почнува кога судиите ќе почнат да си ја почитуваат својата професија и кога ќе ја преземат одговорноста за своите постапки. Се` друго е независен театар.