1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преку шверц со нафта до калифат

Диана Ходали / Александар Методијев1 октомври 2014

Во сенка на шеријатот, терористичката група Исламска држава води лукративен бизнис. Нејзините борци заземаат нафтени полиња со цел да ја продаваат. Но, кај кого оди суровата нафта? Што прават милициите со парите?

https://p.dw.com/p/1DNdy
Фотографија: picture-alliance/dpa

Како се финансира терористичката организација Исламска држава?

Во минатите недели имаше се’ повеќе извештаи за милионски суми кои од приврзаници од Катар и Саудиска Арабија и’ биле дадени на терористичката организација. Владите во двете земји ги отфрлија ваквите обвинувања. Терористите од Исламската држава имаат се’ поголем пристап до сопствени извори на приход. Тие изнудуваат плаќање откуп, тргуваат со културни добра, собираат даноци и патарини. Тие исто така запленуваат имот. Меѓу лукративните извори на приходи се и нафтените полиња - како во Сирија, така и во Ирак, Исламската држава си обезбеди пристап до нив.

Кои нафтени полиња и постројки во Ирак и Сирија ги котролира терористичката организација Исламска држава?

Во моментов Исламската држава контролира седум помали нафтени полиња, кои се наоѓаат во Северен Ирак. Веќе овие помали производствени локации се доволни за самофинансирање на организацијата. Тие дневно вадат од 30.000 до 80.000 буриња нафта, а едно буре има 159 литри, со што Исламската држава брои дневна добивка меѓу 1,2 и два милиони американски долари. Во моментов, милициите на северот на Ирак се борат за голема нафтена постројка во Баиџи (на насловната фотографија).

Според информации на сириската опозиција, пак, околу 60 проценти од нафтените полиња во оваа земја се ставени под контрола на Исламската држава. Дневниот капацитет од нив се проценува на 50.000 буриња или соодветно на тоа - дневен приход од околу два милиони американски долари.

Кои земји се муштериите?

Бидејќи западните фирми му плаќале на ирачкиот режим на Садам Хусеин скриени провизии со нафтените договори, дојде во 90-ите години до мултилатерални санкции од ОН за Ирак. Оттогаш таму има етаблиран шверц на нафта, вели Екарт Верц од „Барселона Центар за меѓународни работи“. Исламската држава таму има пристап до добро изградена мрежа. Голем дел од нејзиното производство завршува на локални и регионални пазари. Според Верц, најголем дел од нафтата се тргува во триаголникот земји Ирак, Иран и Турција. Преку посредници нафтата се носи преку ирачката провинција Анбар и во Јордан.

Bildergalerie Öl in Syrien Provisorische Raffinerien
Фотографија: Rozh Ahmad

Како се продава нафтата?

Нафтата не се носи преку нафтоводи до потрошувачите, туку главно се транспортира со камиони, вели експертот за Блискиот Исток Екарт Верц. Милициите ја преработуваат суровата нафта во провизорни рафинерии и бензинот потоа завршува на локалниот пазар.

Што финансира Исламската држава со парите?

Во моментов на терористичката група и треба голем дел од парите за да купи повеќе оружје и да ги плаќа борците. Паралелно Исламската држава инвестира, посебно во Сирија, во инфраструктурата на својот калифат. Се градат улици и училишта и се инвестира во јавниот превоз. Освен тоа, организацијата субвенционира прехранбени производи и ги плаќа сметките на одредени граѓани.

Колку големи се штетите за светскиот пазар?

Но, терористичката група не може да запоседне ниту едно големо нафтено поле на југот на Ирак. Таму се наоѓаат најголемите резерви на земјата. Терористите не успеаја да ги запоседнат ниту големите нафтени постројки на север. Милициите мораат да ја нудат нафтата по дисконтни цени и да нудат дополнителни попусти за да ја продадат. Штетата за светскиот пазар е многу мала, вели Екарт Верц. Споед него, неверојатно е оваа нафта да заврши на светскиот пазар. „Тоа е преголем ризик за репутацијата и за воведување санкции“.

Што може Западот да направи, за да го спречи шверцот на нафта од Исламската држава?

Коалицијата предводена од САД против Исламската држава веќе бомбардираше рафинерии кои се под контрола на Исламската држава со цел да ги пресуши изворите на приходи. Ако тоа ги погоди милициите на Исламската држава, тогаш би можело производството на ден да скокне на еден милион буриња. Така многу нафта ќе се прошверцува преку границата со Турција. Екарт Верц забележува дека Турција треба да ја зголеми контролата на нејзините гранични премини.