Први жртви на лустрацијата во Бугарија
20 декември 2010Покрај министерот Божидар Димитров, оставка поднесе и заменик- министерот за внатрешни работи Павлин Димитров. Соопштението за оставките дојде директно од премиерот Бојко Борисов. Пред да замине во официјална посета на Либан, тој и’ соопшти на домашната јавност дека засега нема наследници на двете високи функции во владиниот кабинет. Имињата на новиот министер за дијаспората и на заменик-министерот за внатрешни работи ќе се знаат по 22 декември, по враќањето на владината делегација од Либан.
Борисов не сакаше да одговори на новинарско прашање дали го зел во предвид предлогот на министерот во оставка Божидар Димитров, на негово место да дојде Росен Иванов, актуелен претседател на Државната агенција за Бугарите во странство. „Тој е многу добар, голем професионалец и многу добро соработувавме во изминатите година и половина при создавање на законот за бугарското државјанство“, порача Димитров и додаде дека конечната одлука за неговиот наследник е во одговорност на премиерот.
Премиерот знаел и порано
Запрашан дали му е лут на премиерот Борисов, со оглед на фактот дека тој и порано знаел за неговото шпионско минато, Божидар Димитров во радио-интервју порача: „Не, не сум. Тоа е политика“, порача Димитров и појасни дека некои одлуки во политиката се поврзани со моментната ситуација.
Тој нагласи дека ќе продолжи да верува во каузата на партија ГЕРБ, кон која припаѓа, и дека ќе се обиде да и’ служи од старото место во Музејот за национална историја во Софија. Според информацијата од Комисијата за лустрација, Божидар Димитров почнал да соработува со тајните служби на комунистичкиот режим уште во 70-тите години на 20-иот век. Соработката се одвивала под псевдонимите „Кардам“, „Тервел“ и „Телериг“.
Автор: ГЧ/АТ/бта
Редактор: Жана Ацеска