1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лиценца за изигрување на правната држава

Катерина Блажевска16 март 2016

Претседателот Иванов од денес е опремен со најмоќното оружје: ќе биде правно лиценциран „трговец - поединец“ во делењето амнестија за криминал и легализирање на неправдата. Коментар на Катерина Блажевска.

https://p.dw.com/p/1IEF9
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

Ретко кој во Република Македонија денес може да се пофали дека искрено бдеел на Уставот. Со чест на исклучоците, чуварите на највисокиот правен акт во изминатите 25 години по потреба беа (зло)употребувани да ја адаптираат правдата на актуелни политички потреби и интереси, а граѓаните хорски „навиваа“ за или против, во зависност од политичките преференции и моменталната конјуктура. Со изборните циклуси и смените на владејачките елити, но и по многуте дијагностицирани „ахилови пети“ на судството, се очекуваше да дадат резултати бројните реформски бенчмаркови кои водеа кон околчување на една правна, а не партиска држава.

За жал, во последниве неколку години не успеа обидот ни на Уставниот суд да ја избегне агресивната партизација и да ја замени со реформска и институционална еманципација. Прво, поради „подобни“ персонални интервенции во неговиот состав кои требаше да гарантираат цврста инсталација на власта меѓу „независните“ чувари на Уставот, и второ, поради општествената млитавост во борбата за правна држава, но и ниската свест за нејзиното значење.

Амнестија за криминалот

Денес ги береме плодовите од тој офанзивен партиски ГМО-проект во судството, и од дефанзивниот однос на општеството кон субвенционираниот и произведен правен плевел. Во таа јалова реколта спаѓа и денешната одлука на Уставниот суд која му овозможува на претседателот на државата да помилува сторители на изборен криминал и други тешки кривични дела. Имено, Иванов од денес е опремен со најмоќното оружје, типично за илиберални системи, каде стандардите на правната држава се само фасаден украс. Тој ќе биде правно лиценциран „трговец - поединец“ во делењето амнестија за криминалот. Со еден потпис ќе може да ги ребрендира сторителите на криминал во чесни граѓани, односно да ја легализира неправдата.

Mazedonien Protest vor dem Verfassungsgericht in Skopje
Зградата на Уставниот суд.Фотографија: DW/P. Stojanovski

Не верувам дека професорот од Правниот факултет на УКИМ, д-р Ѓорге Иванов, ќе може да им објасни на поранешните, сегашни и идни студенти, дали на ваков начин е возможна правната држава, денес и овде? Ќе може ли да ги увери дека ова не е владеење на фамилијарно диригирано судство, кое утре може да стане оправдување за инсталирање на слично такво? Ќе може ли да процени какви се шансите воопшто да заживее правната држава, ако се инвестира во ваков неправен и лукративен круг на „правни“ формули за спас од евентуални санкции?

Интегритетот под кирија

Шансите, очигледно се никакви. Гладта за правда не може да се супституира со партиски дониран сендвич за граѓанско дежурство врз уставниот поредок. И претседателот тешко ќе им објасни на колегите во регионот, но и на оние во ЕУ, дека вака требало да изгледа времето на „смарт пауер“. Најверојатно, ќе мора да се задржи на тезата дека и овој (уставен) космодиск изгледа шашаво, ама функционира. Со објаснување за чии потреби - партиски или државни?

Тоа најдобро го знае мнозинската судиска петорка, чиј углед нема да се мери според висината на мермените столбови што ја крепат новата зграда на Уставниот суд, туку според длабочината во која ги погребаа правните принципи. На крајот, тие самите треба да одговорат зошто успеаја да станат „свои“ само во смисла на просторен комодитет, а не и во смисла на личен интегритет. Во еден период беа кираџии и плаќаа закуп за работните простори. Сега имаат големи простории и уште поголем апсурд - колку повисока зградата, толку понизок рејтингот.

Ако се посомневаме дека некому му го изнајмиле својот интегритет, со тоа би сугерирале дека овие луѓе некогаш ја имале таа морална вредност. Поизвесно е дека тие сега враќаат дел од „инвестицијата“ во нив. Дали инвестицијата била промашена или капитална, ќе покаже бројката на помилувани „капиталци“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема