1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнуваат преговорите за Косово

17 февруари 2006

Шест ипол години по крајот на војната, започнуваат преговорите за идниот статус на Косово. Првата директна преговарачка рунда меѓу Србите и косовските Албанци е планирана за понеделник и вторник во Виена.

https://p.dw.com/p/AcUr
Кога ќе дојде време да се отстранат тенковите на Косово?
Кога ќе дојде време да се отстранат тенковите на Косово?Фотографија: AP

Во фокусот на разговорите најнапред ќе стане збор за децентрализацијата на локалните власти преку што српското малцинство треба да добие повеќе сопствена одговорност.

Децентрализацијата е една од најважните претпоставки за решавањето на идниот статус на Косово. Ова го подвлекуваат специјалниот пратеник на Обединетите нации Марти Ахтисари, шефот на УНМИК, Сорен Јесен Петерсен, како и други претставници на меѓународната заедница. Очекувањата од дводневната средба меѓу делегациите од Косово и Србија во Виена се големи. Шефот на УНМИК Сорен Јесен Петерсен:

„Децентрализацијата е клучното прашање за Косово, но посебно за малцинствата. Со децентрализацијата ќе бидат утврдени компетенциите на локалната самоуправа, како и одговорностите и правата на малцинствата. Но, мора да биде јасно: станува збор за децентрализација, а не за поделба на Косово„.

Подготовките за првите директни преговори меѓу двете делегации инаку, се одвиваат веќе неколку месеци. За посредникот на светската орхганизација Марти Ахтисари е јасно дека двете страни досега не покажаа никаква готовност за компромиси:

„Ова ќе биде средба на која почнуваме од нула и ќе ги разгледаме проблемите што мораат да бидат решени„.

Ахтисари пред почетокот на преговори ги повика Србите и Албанците за повеќе толерантност и готовност за компромиси. Во тој процес може да смета на целосна поддршка од Германија и од другите членки на контакт-групата. Обете страни на преговорите ќе ги изложат своите рпелози. Владата во Приштина децентрализацијата ја гледа само како натамошен чекор во насока на независност на Косово. Министерот за локална управа Љутви Хазири подвлекува:

„Основата на нашите предлози овозможува како самоуправа на малцинствата, така и територијален интегритет на Косово. Овој предлог предвидува малцинствата во многу подрачја сами да решаваат. На пример во образованието, здравството, планирањето на градовите, градењето патишта и јавните дејности„.

Белград напротив, сака српското малцинство на Косово да ја задржи целосната самоуправа. Тоа значи да ја задржи контролата врз судството, полицијата, образованието и други подрачја. Албанците во тоа гледаат обид за поделба на покраината. Ова посебно кога станува збор за поделениот град Митровица. Членот на српската делегација на виенските преговори Горан Богдановиќ, сака градот и натаму да остане поделен:

„Србите на север од Митровица мораат да имаат сопствена комуна, дали сопствена општина или со спојување со Звечане. Во секој случај сакаме сами да решаваме за сопствената судбина и да не зависиме од никого, посебно не од Албанците„.

Поделениот град Митровица е најголемиот проблем на децентрализацијата не само поради рудничкиот комплекс Трепча и неговите богатства, туку и поради подоцнежната можна поделба на Косово. Во Митровица би можел да биде најден клучот, како за децентрализацијата, така и за идниот статус на покраината.