1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнува жешка политичка есен

Катерина Блажевска17 август 2015

Одморот на работна група заврши, продолжуваат разговорите за обврските од Договорот од 2 јуни - прочистување на избирачкиот список, измени во изборната регулатива, составот и мандатот на ДИК, гласање на дијаспората

https://p.dw.com/p/1GGTv
Фотографија: MIA

По двонеделна пауза, работнатa групa составена од претставници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА од денеска продолжува да работи на решавање на обврските предвидени со политичкиот Договор од 2 јуни. Денеска на маса ќе бидат ставени темите поврзани со изборниот процес- прочистување на избирачкиот список, измени во изборната регулатива, составот и мандатот на ДИК, гласањето на дијаспората...

„Ќе продолжиме со разговорите во правец на имплементирање на она што е договорено“, изјави кратко министерот за здравство, Никола Тодоров, кој е член на работна грпа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ изразуваат оптимизам дека решенија ќе бидат договорени.

„Очекувам многу брзо по 17 август да се дефинира начинот за прочистување на Избирачкиот список. Наш предлог е тоа да се реализира со активна регистрација на гласачите, односно да се создаде целосно нов список наместо да се чисти постојниот“, рече пред неколку дена во интервју за Дојче веле, лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Избирачки список-на каков начин да се причистиФотографија: Petr Stojanovski

Непосветеност на Договорот

Од работната група се очекува деновиве брзо и ефикасно да ги договори измените во изборниот пакет, со оглед дека деновиве во фокусот ќе биде уште една приоритена обврска - законски измени кои треба да обезбедат целосна автономија во работата на новата институција - идниот специјален обвинител, кој треба да биде именуван најдоцна до 15 септември.

Изминатиот викенд премиерот Груевски изрази оптимизам за договорот и рече дека ако и другата страна е конструктивна, како и тие, работите ќе се завршат навреме. На новинарско прашање за оваа обврска од Договорот, тој вчера рече дека веќе дал изјава за тоа.

Аналитичари деновиве оценуваат дека разговорите нема да одат лесно, дека ќе има многу „рововски битки“, како и дефокусирање од приоритетни обврски со други теми, како што е случајот сега со кривичната пријава против АД „Макпетрол“, замрзнувањето на сметката на таа компанија и можната криза во снабдување во горива што ќе го предизвика тоа. Дел од аналитичарите стравуваат и од можни импровизации и договарање нецелосни и неквалитетни решенија, пред се‘, поради трката со рокови.

Стојан Андов, поранешен претседател на Собранието, констатира дека власта се однесува како да немаа обврски кон Договорот, а севкупната атмосфера не рефлектира дека се оди во насока на реформи.

„Пропагандата на провладините медиуми расте, кај власта не гледам посветеност кон обврските од Договорот, премиерот отвора чешми и вели дека дал изјава за одредени прашања. Не треба да објаснува дали дал изјава, туку што ќе направи за да се спроведе Договорот. Вака изгледа како да немало Договор од Пржино“, вели Андов.

Mazedonien Parlament Skopje
Пред пратениците стојат бројни обврскиФотографија: AP

Под силен мониторинг

Но, се‘ повеќе е дека никој не ќе може да избега од договорените обврски.

Дипломатски извори потенцираат дека „овојпат партиите потписнички ќе бидат под многу силен меѓународен мониторинг во однос на спроведувањето на обврските од Договорот и дека во таа насока ќе биде важно сите да покажат искрена политичка волја и голема конструктивност“. Според нив, следниве две недели ќе бидат исклучително важни.

„Пратениците од опозицијата на 1 септември ќе се вратат во Парламентот, но многу важно за севкупната атмосфера и за очекуваниот реформски дух е комплетниот парламентарниот состав да добие на гласање законски решенија конструктивно и ефикасно договорени во работна група, а не биде сведок на отсуство на каков било напредок“, велат тие.

Според Договорот, предвремени парламентарни избори треба да се одржат до крајот на април. Дотогаш треба да надминат многу недостатоци нотирани во експертскиот тим на Европската Комисија предводен од Рајнхард Прибе, во повеќе сфери - медиуми, правосудство, служби за безбедност.