Потребна е европска иницијатива за решавање на спорот за името
2 март 2010„Нема никакво поместување во ставот на Европската унија во однос на спорот за името и поддршката за Македонија. Многу жалам за ваквата ситуација, зашто како знаете, германскиот Бундестаг уште во 2004-та ја поддржа Македонија во однос со името. Но, Владата малку презема и натаму да ја поддржи Македонија,” истакна Валтер Колбо, поранешен пратеник на социјалдемократите во Бундестагот. Тој неодамна во Скопје имаше неформални средби со претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски. Премиерот, како пренесе Колбо, јасно кажал дека не е задоволен од позицијата на Германија по разговорите на шефовите на дипломатиите Антонио Милошоски и Гидо Вестервеле во Берлин.
Не може да остане статус-кво
„Никој не се зазема да влијае врз Папандеру. Се’ се остава на Нимиц, а тој е неуспешен,” коментира Колбо според кого за решавање на спорот сега мора да има иницијатива од шпанското претседателство со ЕУ, како и од надлежните еврокомесари за проширување и надворешни работи.
„Не може да се остане на статус кво. Канцеларката Меркел мора ова да му каже и на Папандреу. Тоа според мене е неопходно,” истакна Колбо. Тој смета дека еден клуч за решавање на спорот за името е - Париз. Претседателот Саркози е на грчката страна и малку помага да се постигне компромис, така што и на оваа релација треба да се поработи. „Според мене македонската страна е отворена и затоа сега треба да се организира поддршка за земјата, која едновремено би била и практицирана од владата,“ дополнува Валтер Колбо кој како претседател на германско-македонското друштво преку контактите со неговата и останатите фракции во Бундестагот и натаму ќе бара неформални патишта за поддршка на Македонија.
Автор: Силвера Падори-Кленке
Редактор: Александра Трајковска