1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последна шанса за Договорот

Катерина Блажевска27 октомври 2015

Се множат последните повици Договорот да успее. Ако тоа не се случи, ДУИ ќе го преиспита своето учество во Владата. Повици до партиите да ја решаваат, наместо да ја продлабочуваат кризата

https://p.dw.com/p/1Guhj

Под тежок превез на тајноста се водат последните разговори меѓу европскиот олеснувач Питер Ванхауте и претставници на партиската „четворка“. Партиите молчат, што укажува дека е договорена целосна дискреција во обид да се надминат несогласувањата и да се спаси европската перспектива на земјата.

„Во интерес на сите граѓани на Република Македонија е да се продолжи со имплементација на прашањата опфатени во Договорот од Пржино, за да не се загрози интеграцијата на земјата во НАТО и во ЕУ, соопшти вчера Ванхауте.

„Сметаме дека треба да се избегне какво било одложување на спроведувањето на Договорот. Земајќи ги предвид последните случувања, политичката работна група се договори да се фокусира на билатерални средби, со цел да се решат двете клучни прашања: изборот на преостанатите јавни обвинители во специјалното обвинителство, како и именувањето на министри и заменици-министри во Владата. Откако ќе се постигне договор, ќе се свика средба со политичката работна група која официјално ќе ги одобри одлуките кои се донесени за време на билатералните средби“, соопшти Ванхауте.

Доколку има напредок, средба со политичката работна група која ќе ги одобри одлуките донесени на билатералните средби, најрано може да се закаже во среда, кога премиерот Груевски се враќа од посетата на Обединетите Арапски Емирати.

Дополнително време нуди и неофицијалната информација дека Извештајот на Европската Комисија може да биде одложен за уште една недела, бидејќи се чека да завршат изборите во Турција, закажани на 1 ноември.

И ДУИ ќе се преиспита!

Сите овие одложувања, го истрошија трпението на јавноста. Додека граѓаните очекуваат резултати, новинари и медиуми најавуваат „барикади“, како и дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ планира голем протест пред Собранието на Република Македонија, по урнекот на оној од 18 мај годинава. Иво Котевски, директорот на Центарот за комуникации на ВМРО- ДПМНЕ, вели дека во овој момент нема таков план.

„Преговорите се уште се во тек, живи се, не се прекинати. Но, за нас сите опции се отворени, без разлика дали преговорите се прекинати или не“, вели Котевски, не исклучувајќи дека тоа евентуално може да се случи понатаму.

Во недостиг од транспарентност и информации, засега се множат единствено шпекулациите. Случајно или не, вчера на социјалните мрежи проциркулирал и наводен документ од ЕК од октомври, во кој биле наведени одредени санкции/рестрикции кои би биле преземени кон лица од ПЈРМ, како и нивната вкупна бројка - 102. Оние кои имале можност да ја прочитаат неговата содржина, поради речникот употребен во него, се сомневаат дека документот е веродостоен.

Во меѓувреме, аналитичарите и натаму предупредуваат на огромните последиците за Македонија ако пропадне Договорот, но не само тие. Вчера, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат, и министерот за економија, Беким Незири, кој говореше од позиција на шеф на изборниот штаб на ДУИ, се осврна на последиците за земјата ако пропадне Договорот.

Mazedonien Skopje Peter van Houte
Питер ВанхаутеФотографија: DW/P. Stojanovski

„Македонија ќе влезе во политичка изолација. И не е толку важна политичката изолација, колку што е важна економската изолација. Ако влеземе во економска изолација, ќе се соочиме со уште посериозни проблеми. ДУИ во таков случај итно ќе ги свика партиските органи - Генералниот совет и Централното раководство, каде ќе се дебатира дали партијата и понатаму да биде дел од Владата. Но, мислам дека нема да дојде до тоа и дека ќе има решение“, изјави Незири.

Запрашан дали тоа значи дека ДУИ може да ја напушти Владата, Незири рече:

„Да, се разбира дека една опциите е да излеземе од Владата, но за тоа треба да се дебатира, да се направат анализи и да донесат одлука надлежните партиските органи“, потенцира Незири.

Отворено писмо до „четворката“

Вчера Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ со отворено писмо ги повика политичките актери кои учествуваат во преговорите, да ги имаат предвид следните напомени: 1.Политичките партии треба да учествуваат во преговорите во насока на излез од кризата, а не нејзино продлабочување; 2. Доколку политичките партии се согласуваат со идејата за добро и отчетно управување со државата, тогаш треба да бидат отворени кон истрага за можните злоупотреби на службената позиција, корупција и кршење на човековите права; 3. Искрената заложба за реформскиот процес предвиден во Договорот, без одолговлекување, е единствениот показател дека политичките партии сакаат да обезбедат фер и демократски избори.

Трите главни напомени се добро образложени, со потсетување дека до Договорот се дојде бидејќи јавните институции задолжени за спречување на криминал, злоупотреба на јавна функција и заштита на граѓанските права не успеаја независно да работат во претходниот период. Оттука, според „Социетас Цивилис“, особено е важно да се овозможи на Специјалниот Јавен обвинител да работи согласно со договореното и предвидените надлежности, но и да профункционира собраниската Анкетна комисија за снимките од прислушуваните разговори.

„Предлог законот за забрана на објавување на прислушкуваните разговори не е во согласност со загарантираната слобода на изразување и како таков не треба да биде предмет на преговорите. Со евентуалната забрана за објавување на прислушкуваните разговори се попречува улогата на медиумите да учествуваат во заштита на јавниот интерес. Заштитата на приватноста на луѓе присутни на снимките е веќе регулирана со постојните закони“, се вели во отвореното писмо.

Институтот за демократија потенцира и дека е важно да се испочитуваат роковите од договорот и да не се вметнуваат нови прашања кои го отежнуваат изнаоѓањето решенија.

„Функционални институции кои обезбедуваат владеење на правото и фер изборен процес се клучните потреби на секој слободен и демократски систем. Неуспехот на преговорите би покажал дека овие две вредности - владеење на правото и спроведување фер избори - не се на врвот на приоритетите на одредени страни во преговорите“, се вели во отворено писмо на „Социетас Цивилис“.