1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Последни подготовки за 61-часовниот карантин

10 април 2020

Додека трае оваа ситуација, да му дадеме вистинска поддршка на здравствениот систем, им порача на граѓаните шефицата на Канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавилах

https://p.dw.com/p/3ajwj
Coronavirus in Nord Mazedonien, Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Мерките за ограничување на движењето на граѓаните кои почнува денеска од 16 часот и ќе траат до 5 часот во понеделник, ги раздвижи граѓаните во подготовка за 61-часовниот карантин што ќе биде на сила на целата територија на државата. Како и и во изминатите два дена, слична е сликата и претпладнево. Се прават последните набавки, најмногу на неопходните прехранбени продукти и лекови.

„Купувам храна, но, најмногу се подготвувам психички“, вели средовечен скопјанец, објаснувајќи дека живее во колективен станбен објект, каде минатата година ги затвориле терасите со цел да добијат една соба повеќе.

„Затоа велам дека повеќе психички се подготвувам. Времето е убаво, да имавме тераса, голем дел од денот таму ќе го поминевме, бидејќи во вакви ситуации тоа многу значи. Но, како и да е, ќе издржиме два дена“, вели тој.

Повеќе:

Правила и дозволи за време на полициски час

Животот ќе се враќа во нормала по пикот, вели Филипче

 

Пензионерите со молба: Дајте ни предност кога чекаме во ред

Волонтерите подготвени

Повозрасните и немоќни лица, кои не можат да набават продукти или лекови, се надеваат на помош од волонтери. Тие во изминативе денови во повеќе општини доставуваа пакети со храна до немоќни и социјално загрозени лица. Подготвени се одговорат на сите повици и во претстојниот викенд. Општинските кризни штабови заедно со МВР треба да го организираат движењето на волонтерите што ќе ги доставуваат најнеопходните намирници до домовите на граѓаните. Општинските штабови определија и маркети кои ќе обезбедуваат основните продукти за време на забраната за движење. Оние маркети кои се регистрирани да вршат достава на храна преку онлајн порачки, ќе можат непречено да ја извршуваат својата работа во сабота и недела. Повеќе продавници за храна и аптеки веќе направија договори со такси компании или определија одреден број на нивни вработени кои ќе им бидат достапни на граѓаните за онлајн или телефонски нарачки, при што сите потреби на граѓаните ќе бидат задоволени во текот на претстојниот 61-часовен карантин.

Во тој период, покрај припадници на полицијата, Армијата, здравствените и медиумски работници, право на движење ќе имаат и компании чиј процес на работа мора да продолжи и во текот на викендот: сервисни служби во ЕВН, телекомуникациските и кабелски оператори, комунални и погребални претпријатија, пекари, чуварски служби и агенции за обезбедување, превозници со товарни возила, доставувачи на стока, лица кои вршат нега на трето лице, волонтери за помош, земјоделци...

Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Процедура за излегување од двонеделен карантин

Министерството за внатрешни работи соопшти дека лицата кои сместени во државен карантин, а треба да го напуштат токму за време на викендот, кога е ограничено движењето, или се од градови каде има ограничување на движење преку целата седмица, ќе бидат прашани од страна на полициски службеник за име и презиме на лице и податоци за возило кое ќе дојде да го изврши транспортот.

„Полициските службеници имаат списоци на дневна основа кој граѓанин кога го напушта државниот карантин и тие ги најавуваат лицето и возилото кое ќе дојде по нив“, информира МВР.

Лицата кои во критичниот период ќе имаат потреба за посета на здравствена установа, не треба да бараат дополнителна дозвола за движење, туку треба да се упатат до најблиската болница. Доколку бидат сопрени од теренските контроли, доволно е да ја кажат точната локација на здравствена установа каде се упатуваат. Тие ќе бидат евидентирани и пропуштени, а полицијата ќе изврши дополнителна контрола дали лицето навистина се упатило на наведената локација. Злоупотребата на оваа можност ќе биде санкционирана.

Logo Weltgesundheitsorganisation WHO
Ве молам не излегувајте, помогнете им на Владата и на Министерството за здравство, зачувајте го здравствениот систем, заштитете ги здравствените работници, бара СЗОФотографија: Getty Images/AFP/E. Jones

Тавилах: Да останеме дома

Министерот за здравство Венко Филипче синоќа на Фејсбук објави видео порака на шефицата на Канцеларијата на Светската здравствена организација во Скопје, Џихан Тавилах, која им порачува на граѓаните да не излегуваат од дома, освен во ситуции кога навистина мораат.

„Најважно е додека трае оваа ситуација да му дадеме вистинска поддршка на здравствениот систем, за да може да се справи со големата бројка на луѓе кои се тешко болни. Она што треба да го направиме е да останеме дома. Ве молам не излегувајте, помогнете им на Владата и на Министерството за здравство, зачувајте го здравствениот систем, заштитете ги здравствените работници - лекарите и медицинските сестри, за да не се изложат на вирусот и да не бидат преоптоварени со голем број на случаи“, порача Тавилах, наведувајќи дека тоа е начинот за остварување добри резултати во справувањето со епидемијата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема