1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последен апел на Хелмут Кол

Феликс Штајнер / А.Трајковска 4 ноември 2014

Со апел поранешниот германски канцелар Хелмут Кол сака да ја разбуди кризна Европа. Во својата нова книга 84-годишниот Кол, кој е во тешка здравствена состојба, расчистува и со неговиот наследник - Герхард Шредер.

https://p.dw.com/p/1DgQV
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

Хелмут Кол можеби се чувствува како Стефан Есел. И поранешниот француски борец од отпорот и дипломат на ОН во 2010 година беше разочаран од реалноста на 21. век и на стари години повторно почна да пишува: „Побунете се!“ ѝ порача тогаш 93-годишниот Есел на француската младина и ја повика да заземе позиција против финансискиот капитализам и за пацифизмот. Памфлетот на 14 страници беше отпечатен во милиони примероци.

Исто така и новата книга на стариот канцелар Хелмут Кол е тенко книгиче, чиј поднаслов е „Апел“. Одвај 120 страници од човек кој досега пишуваше само дебели книги. Дали текстот треба да биде тестамент? Или книгата е напишана на малку страници, оти и времето за во меѓувреме 84-годишниот Кол е кратко? Ваков е првиот впечаток по претставувањето на книгата во понеделникот (3.11) во Франкфурт на Мајна. Кол седи како восочна фигура во количка, зборува тешко. Многу половични реченици кои не можат или само тешко можат да се разберат. Како во ваква состојба воопшто се пишува книга?

Мајке Кол Рихтер - помошничката на негова страна

Тоа го појаснува сопругата на Кол, госпоѓа Мајке, која не се дели од него на јавните настапи - оти канцеларот на единството и почесен граѓанин на Европа е видливо беспомошен, откако падна пред шест години. „Мојот сопруг има сѐ во глава“. Таа оди во архивите, го вади она што тој го има во глава и потоа постепено му ги приложува работите. Тоа би требало да значи: таа ги пишува текстовите, кои тој ги редигира. „И потоа тој вели: Тоа сакам да го кажам, тоа не сакам да го кажам и тоа сакам поинаку да го кажам“. Ако се изземе тоа дека Кол не може веќе со часови да диктира, тоа било неговата работна техника „како порано“.

„Како порано“ тоа е основната тема во книгата на Кол. Порано, треба да значи неговата генерација која ги имаше доживеано ужасите од Втората светска војна и на која Европа беше тема што ѝ лежи на срце. Се разбира и тогаш секој ги следел своите национални цели. А сепак, никој не дошол на идеја да ги жртвува заедничките европски вредности за една внатрешнополитичка цел. Бидејќи секому му било јасно дека само европското обединување гарантира мир на континентот. Токму оваа мисла Кол сака повторно да ја гледа во преден план. Тој сака политичарите, кои имаат европски смисол и дух за заедница, да бидат примери. Оти само така граѓаните ќе ја носат Европската унија, а нема само да ја поднесуваат.

Helmut Kohl Buchvorstellung Aus Sorge um Europa 03.11.2014
Презентација на книгата на Хелмут Кол во ФранкфуртФотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

ЕУ мора да допре до срцата на луѓето

Оваа мисла ја прифати и Жан-Клод Јункер и сака да ја издигне на ниво на мото за работата на Комисијата предводена од него. Неговата Комисија, која тој ја нарече „Комисија на последна шанса“, бидејќи таа мора повторно да ги освои срцата на граѓаните. Со оглед на овој избор на зборови, кој звучи драматично, сепак се чудиме зошто Јункер неговиот прв работен ден како претседател на Комисијата не го мина во Брисел, туку во Франкфурт, покрај неговиот стар пријател Хелмут. Кол е еден од неговите двајца сѐ уште живи европски примери. Другиот, Жак Делор, Јункер ќе го сретне во четврток - толку многу симболика си дозволува „Претседателот на Комисијата на последна шанса“ на почетокот на неговиот мандат.

Еврото не било отстапка за Франција за да се добие благослов од Франсоа Митеран за германското единство. Еврото било воведено за европското обединување да биде неповратно - Кол го пишива тоа, а Јункер категорично го нагласи во неговото лаудацио. Оти неговиот пријател Хелмут морал да го задржи правото за интепретерирање на неговото животно дело. Тоа, факт е, беше нападнато. Пред сѐ за време време на кампањата за европските избори од евро-критичната партија Алтернатива за Германија, која на крајот освои седум проценти гласови. Тоа беа неделите кога се роди идејата за книгата „Од грижа за Европа“.

Жестока критика на наследникот Шредер

Не, партијата Алтернатива за Германија не се појавува во книгата, со ниту еден слог. Тука Кол е стариот државник - има противници на кои повеќе би им се ласкало со именување, отколку што тоа би им наштетило. Противникот кој тој го наведува е црвено-зелената влада на Герхард Шредер, која по 16 години го смени од власта. Тој смета дека тие направиле три фундаментални грешки: прифаќањето на Грција во еврозоната, повреда на Пактот за стабилност со висок државен дефицит и оштетување на трансатлантската алијанса со „Не“, за војната во Ирак.

Bundeskanzler Schröder zu Besuch in Augsburg
Герхард Шредер го наследи Кол во 1998 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Начинот на кој Кол овие точки ги формулира во неговата книга, јасно покажува дека станува збро за повеќе отколку користење на единственото право за интерпретација. Станува збор за повторно отворање на нешто што се смета за минато, за очигледно необработената фрустрација за неговото симнување од власт во 1998 година. Мајке Кол Рихтер не е таа која повторно го турка стариот канцелар пред рефлекторите, како што повеќепати се претпоставуваше. Тоа во Франкфурт беше очигледно: Кол самиот е тој кој не може да ги пушти работите, кој сака да дава коментари, кој се фаќа за микрофон, иако тоа се очекуваше само од Жан-Клод Јункер и речиси не може да се разбере што говори.

Хелмут Кол - жив споменик, кој радо би кажал повеќе, но не може повеќе да каже. И при сето тоа делува скоро трагично. Зошто си го прави сето тоа и натаму останува негова тајна. Но, очигледно ужива во присуството на медиумите - околу 80 новинари и речиси десет камермански тимови и по прес-конференцијата средба на кафе со четири одбрани новинари, меѓу нив се разбира и шефот на булеварскиот весник „Билд“.