1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посетата на папата ја подели Германија

20 септември 2011

Поглаварот на римо-католичката црква ќе престојува во посета на Германија и ќе одржи говор во Бундестагот. На некои пратеници тоа не им се допаѓа и затоа најавија бојкот на папата.

https://p.dw.com/p/12cC8
Папата Бенедикт Шеснаесетти во посета на ГерманијаФотографија: ARD/BR/picture alliance/dpa

На 22 септември, папата Бенедикт Шеснаесетти доаѓа во посета на Германија. Подготовките се во тек. На централната манифестација на Олимпискиот стадион во Берлин се очекуваат околу 70.000 посетители. Значително помалку отколку што се очекуваат на другите станици на папата во Фрајбург, Ерфурт и Ајхсфелд. Но Берлин е кулминација од политички аспект, бидејќи е планиран говор на папата во германскиот Бундестаг. Тоа меѓутоа може да се претвори во црно петно на визитата. Имено, не сите пратеници се среќни со поканата, што претседателот на германскиот парламент Норберт Ламерт ја испрати до поглаварот од Ватикан. Многумина опозиционери, по се изгледа нема да присуствуваат на говорот. Тие се уверени дека настапот на религиозен водач во Бундестагот е спротивен на начелото за религозна неутралност на државата.

Критика за ставот на папата

Пратеникот од СПД Ролф Шваниц не би сакал Бундестагот да биде „злоупотребен само за китење или да служи како медијален засилувач на духовниот говор на поглаварот на католичката црква“.  Шваниц го критикува ставот на папата за правата на жените или хомосексуалците.

Од Партијата на левицата Петра Зите за весникот „Мителдојче цајтунг“ изјави дека половина од пратничката група ќе го слуша говорот, а остананите ќе учествуваат во парaлелните демонстрации. Протест во пленарната сала нема да има.

Исто така и од редовите на Зелените ќе недостасуваат редица пратеници. Точен број на пратници кои се против говорот на папата во Бундестагот нема, но според агенцијата Дпа се работи за околу 100 пратеници. 

Владејачката партија ја брани поканата

Deutschland Bundesverfassungsgericht Karlsruhe Euro-Hilfen Bundestagspräsident Norbert Lammert
Претседателот на Бундестагот Норберт ЛамертФотографија: dapd

Претседателот на Бундестагот, Норберт Ламерт, од редовите на владејачката партија на канцеларката Ангела Меркел - ЦДУ, тешко може да го разбере отпорот. Тој нагласува дека поканата била испратена со одобрение на сите пратенички групи. Претседателот на Бундестогот смета дека „ова е ретка можност, која тешко може да се повтори во догледно време, германски папа да биде поздравен во германскиот главен град, и да одржи говор пред германскиот Бундестаг“. 

Појасен во критика за бојкотот е Александер Добринт, генералниот секретар на Христијанско-социјалната унија. „Тоа не само што е невидено непочитување на папата, туку и длабоко недемократски и нетолерантно“, изјави Добринт за новинската агенција Дапд.

Посебни почести за папата

Bundestag Finanzplan Angela Merkel
Столчињата во Бундестагот нема да останат празниФотографија: picture-alliance/dpa

Разбирливо само по себе не е, но исто така не е и необично, поглавар од странство да говори пред германскиот Бундестаг. Во случајот со Бенедикт Шеснаесетти би било необично совпаѓање на фактори. Од 1523 година немало германски папа, ниту во 62 годишната историја на Сојузна Република Германија католички поглавар не зборувал пред германскиот Парламент - дали во пленарната сала или на улица.

На 22 септември папата меѓутоа нема да зборува пред празни столчиња. Претседателот на Бундестагот Норберт Ламерт, во интервју за интернет порталот katholisch.de изјави дека празните столчиња на пратениците ќе ги заземат други луѓе.

Автор: Хајнер Кизел/ Александра Трајковска