1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Посетата на Меркел е притисок Србија да го признае Косово

24 август 2011

Германија ја сака Србија во ЕУ, но за кандидатскиот статус потребен е напредок во дијалогот со Приштина, изјави во Белград германската канцеларка Меркел. Српските аналитичари оценуваат - таа го кажа она што се очекуваше.

https://p.dw.com/p/12Mq2
Барањето на Меркел е политичко самоубиство за Тадиќ и неговата партијаФотографија: dapd

Пораките што ги донесе во Белград, а пред се‘ оние што се однесуваат на Косово, не се изненадување, оценува за Дојче веле директорот на Центарот за безбедносни студии, Александар Фатиќ. Посетата доаѓа во моментите на одлука за европската интеграција на Србија и по се' што можеше да се чуе, таа посета е еден вид на конечен притисок врз Србија да го признае Косово, смета Фатиќ.

„Значи, сосема им е јасно на сите набљудувачи дека сите овие промени, за кои зборува Меркел, подразбираат признавање на Косово. Сега е јасно дека тоа е нов услов од ЕУ за понатамошен напредок на Србија во процесот на интеграции. Едноставно, нејзината тежина како германска канцеларка, од највлијателната земја од ЕУ на Балканот, им испраќа една конечна порака на властите дека поддршката од ЕУ за постојната коалиција директно зависи од подготвеноста да се разговара со Косово како со независна држава“, вели Александар Фатиќ.

Откажување од ЕУ или политичко самоубиство

Merkel Besuch in Serbien
Германската канцеларка, Ангела Меркел со српскиот премиер, Мирко ЦветковиќФотографија: dapd

Александар Фатиќ вели дека тоа што го бара Ангела Меркел не може да го исполни никој во Србија, па ниту една влада.

„Да се бара тоа од Тадиќ и Демократската партија значи да се бара од нив да извршат политичко самоубиство пред следните избори. Уставот на Србија забранува чекори кон признавање на Косово, расположението на јавноста исто така е против таквите чекори. Моето мислење е дека Србија нема да успее да напредува понатаму во ЕУ-интеграциите и дека владата ќе мора да настапи онака како што повеќепати најавуваше - ако биде поставен услов Европа или Косово, таа ќе се определи за една конзервативна политика кон Косово и ќе се откаже, барем засега, од понатамошните европски интеграции“, вели Фатиќ.

Јасни пораки за Белград

Мислам дека е добро што германската канцеларка Меркел донесе јасна порака во Белград, вели за Дојче веле Јелена Милиќ, директорка на Центарот за евроатлански студии. Тоа, пред се‘, се однесува на поддршката на Еулекс, како и барање за распуштање на паралелните структури на власт на северот од Косово, вели Милиќ.

„Мислам дека Србија и со овие пораки од Меркел доби една лекција дека не се работи за унилатерални чекори на Приштина, од проста причина што мисијата на Еулекс таму е да го спроведува владеењето на правото, да го овозможи владеењето на правото, да врши набљудување и да ги обучи косовските власти тоа да го прават, така што тоа не се никакви еднострани потези на властите на Косово“, смета Милиќ.

Merkel Besuch in Serbien
Пораките од германската канцеларка беа очекувани во Белград - Ангела Меркел со сопругата на Зоран Џинџиќ, РужицаФотографија: dapd

Ова не се нови услови

Во тој смисол, се’ што порача Меркел не се некакви нови услови, туку станува збор за дел од критериумите од Копенхаген, укажува Милиќ. Тоа значи и почитување на заедничките политики на ЕУ, додава таа.

„Заедничката политика на ЕУ навистина е дека Косово има европска перспектива, а на Косово постои мисијата Еулекс на сите 27 земји членки на ЕУ. Ако Србија се спротивстави на некои од акциите на мисијата на Еулекс, Србија на тој начин го минира она што се очекува од копенхагенските критериуми“, вели Јелена Милиќ од Центарот за евроатлански студии.

Сега се‘ зависи од Србија, додава таа. Очигледно е дека ЕУ сака владеење на правото на Косово и дека во тоа сака да ги поддржи косовските власти. Ако паралелните структури на власт на северот од Косово се пречка за тоа, српските политичари ќе мораат сериозно да размислат за идните чекори, заклучува Јелена Милиќ.

Автор: Ивица Петровиќ/ Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска