1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Португалија: Вредна и задолжена до гуша

Ј. Фагет/К.Краљевска21 јули 2015

Грешките од минатото се поправени, спроведени се реформи и вредно се работи во Португалија. Сепак, планината од долгови не се намалува. Така, Португалците ја гледаат сегашната ситуација.

https://p.dw.com/p/1G1gT
Фотографија: picture-alliance/Arco Images/J. Moreno

Борејќи се со кризата, Жоао Тубал игра на картата на „туризмот“: зеде кредит, купи шест моторни рикши и така отвори десет работни места. „Речиси ништо веќе не се гради. Од друга страна, Лисабон е полн со туристи“, трезвено размислува овој млад Португалец. Сега тој и негови колеги превезуваат туристи во обиколка на знаменитостите на главниот град на Португалија - Лисабон. Во функција на заштита на животната средина, рикшите работат на електричен погон. Тоа е во согласност со неговата професија бидејќи тој е инженер за заштита на животната околина. „Бизнисот нѝ оди добро“, вели тој. Туризмот расте во Португалија, заработката е се’ поголема. Евтините летови и крузери минатата година на оваа земја и донесоа 12 отсто повеќе туристи.

Длабоки промени

„После кризата, Португалија не е иста како и пред неа“, вели Жоао Дук. „Земјата се промени, модернизира, без оглед на тоа што државните долгови и натаму се големи“, вели професорот од угледниот Економски факултет ИСЕГ. Португалија економски се позиционира многу подобро. „Прв пат во 2013 и 2014 година, имавме поголем извоз, отколку увоз“. Тоа на Португалците им појде од рака единствено уште за време на Втората светска војна, „кога за нацистичка Германија извезувавме волфрам (метал кој поднесува висока температура) за индустријата за оружје“, раскажува Дук. Но сега, на крајот на кризата, Португалија не само што повеќе извезува, туку се ослободи и од прастарата бирократска структура, изгради и ефикасна даночна администрација. Затоа, државните каси се полни за разлика од порано. Еден од оние кои најмногу придонеле во приказната за португалскиот успех е Енрике Нето. Седумдесет и деветгодишниот претприемач е независен кандидат за следните претседателски избори. Има изградено мало царство на модерни фабрики за калапи, кое извезува во целиот свет. Неговото производство, заедно со текстилната и чевларската индустрија, како и фабрика за автомобили Фолксваген близу Лисабон, најмногу придонесуваат за растот на извозот на земјата.

Joao Tubal
Жоао ТубалФотографија: J. Faget

Да се продолжи со извозот

„Досега добро се изборивме, но мораме да извезуваме повеќе“, вели Нето. Има уште простор да се напредува. Од една страна, помага слабото евро, а од друга страна е фактот дека во Португалија има добро квалификувана работна сила и менаџери. За натамошно стимулирање на економијата потребна е помош од ЕУ и странски инвеститори.
Португалија докажа дека е способна за промени, нагласува професорот по економија, Дук. Во чевларската индустрија порано се продавале евтини и неквалитетни обувки. Сега со познатите марки, Португалија е конкурентна во целиот свет и по Италија, е втор извозник на обувки во светот. Слична експертиза постои и за производите на текстилната индустрија, но и за виното. „Земјата се наоѓа на прав пат. Многу од промените ќе дадат позитивни ефекти следните години“, вели Дук.

Henrique Neto
Енрике НетоФотографија: J. Faget

Тешкотии со долговите

Но, Португалија ја притиска долг кој изнесува 130 отсто од бруто домашниот производ и кој е, фактички, невозможно да се врати. За тој долг виновни се претходните влади, смета кандидатот за претседател Нето. Тие (претходните влади) не само што го олесниле приватниот долг, туку со намалената каматна стапка во однос на еврото, живееле над своите можности. ЕУ помогна со реструктуирање на кредитите, вели професорот по економија, Дук. Но, тој не знае како оваа земја во иднина ќе ги врати кредитите.
И Жоао Тубал размислува на оваа тема. „Секако дека кредитите мора да се вратат. Но, ако тоа не функционира, ЕУ би требало да биде солидарна и да помогне“, вели тој.

Joao Duque
Жоао ДукФотографија: J. Faget

Поради големиот долг, Португалија останува земја-проблем, иако ги заврши домашните задачи. „Откако германскиот министер Шојбле не’ опиша како земја која би требало да биде пример за другите, сигурно ќе стори се’ за да се избегне катастрофа со Португалија“, вели професор Дук. Предуслов за тоа е таа да продолжи да се придржува до правила и да продолжи да штеди.