1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поројот ги покажа двете лица на Македонија

Зоран Јордановски14 август 2016

Реакциите на катастрофата ја покажаа благородната душа на Македонецот, на што тој со право може да се гордее. Но,ја разобличија и грдата страна на неговото лице, што мора да предизвика срам. Колумна на Зоран Јордановски.

https://p.dw.com/p/1Jhjo
Mazedonien Unwetter
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

На годишнината на поплавите во тетовско природата потсети на неизвршената домашна работа на надлежните власти во Македонија. Еден пороен дожд, натпросечно интензивен, предизвика пустош и катастрофални последици, иако сам по себе тој немаше такви размери. Она што се случи никако не може да се споредува со поплавите од 1979. или 1962. година – за жал, освен по бројот на жртвите. Природната стихија беше повод, но човечката негрижа се покажува како вистинската причина за трагедијата. Неисчистени одводни канали, многу слабо разгранета канализациона мрежа, несоодветно изградена патна инфраструктура, метеоролошка служба која не е во состојба барем неколку часови порано да предвиди и јавноста да ја предупреди на опасност од временска непогода од такви размери... и уште редица други пропусти. Нивна резултанта се загубени 20-ина човечки животи – можеби и уште повеќе со оглед на бројката на исчезнати, и уништена основа на животната егзистенција на стотици семејства. Интензивните врнежи концентрирани на релативно мало подрачје секако би предизвикале штета, но сигурно ни оддалеку не во такви размери ако секој си ја извршил работата навремено и како што треба. Трагичните последици мора да бидат предупредување и за сите граѓани на државата – и оние кои овој пат не беа директно засегнати, еднаш за секогаш да сфатат дека отпадот не може да се фрла кој каде ќе стигне, посебно не во суви речни корита или природни водотеци. Мора да се развие чувство на еколошка свест кај секој поединец, но и кај органите на власта исто така.

Jordanovski Zoran Kommentarbild App
Зоран Јордановски

Длабок наклон пред безимените херои!

Она што се случуваше во моментите на трагедијата и особено во часовите и деновите потоа, ја откри најблагородната црта на човечкиот карактер кај Македонецот: солидарноста и самопожртвуваноста, за да им се помогне на страдалниците. Трагедијата роди херои – дедо кој спасува повеќе дечиња, но не успева да се спаси себе си и сопстеното внуче, момче кое на обиколницата очајнички се обидува и успева да запре повеќемина возачи за да не бидат однесени со стихијата заедно со нивните автомобили, младите твитерџии кои се организираа веднаш да тргнат да помагаат, кој како и колку може и умее, многу пред тоа да го сторат оние кои се службено надлежни и кои би морале да реагират уште на првите знаци на катастрофален развој на природната непогода. Bis dat qui cito dat (слободно преведено: брзата помош двојно вреди). Заедничко на безбројните јунаци од овие августовски денови 2016 им е дека се безимени, дека никој не го правел тоа мислејќи на слава и признание, туку носени од најдлабоко хумано чувство на обврска да им се помогне на загрозените. Секоја им чест, длабок наклон пред нивниот придонес за надминување на последиците, но првенствено пред моралната страна на нивниот гест.

КФОР, АРМ, доброволци...

Државата на „малиот Николче“

Во обратна пропорција, во остар контраст со безимените херои стои однесувањето на „другата” Македонија, која го покажа своето грдо лице. Со сиот ум некој јавно жали како не се удавиле повеќе соросоиди. Неподносливи се обидите да се релативира одговорноста – такви работи се случувале, не биле предвидливи, им се случувале и на други во соседните земји, компјутерскиот модел на метеоролозите не пресметал таков развој на временската состојба – што ли уште не беше кажано, дури и апсурдната теза дека сето го наместиле Американците преку програмата ХААРП - само за да се одбрани неодбранливото. Кратко и јасно: одговорните потфрлија. И човек не знае што повеќе иритира – нестореното за превентива или задоцнетото за куратива.

Но, повеќе и од едното и од другото гнев и бес предизвикува користењето на еден драматично-трагичен настан за лични и партиско-политички цели. Како да се гледа на фактот дека актуелниот ѓоа-премиер не излегува на терен додека не пристигне де факто владетелот, кој иако има само партиска функција „го строи“ ѓоа-шефот на владата и сите други по функција надлежни лица во, простете ми на изразот, ѓоа-државата – оти, како инаку би го оквалификувале таквото однесување?! Држава како што си ја замислува „малиот Ѓокица” (поинаков деминутив би звучел јазички поправилно на македонски - на пример, држава како што си ја замислува “малиот Николче”). Од таквата демонстрација на слепа послушност, речиси богобојазливост пред „големиот водач,” и на атеист му доаѓа да се крсти од чудење.

Камерите „слепи” за инцидентни ситуации

Што може да се заклучи за моралот на властите, ако имало примери при распределбата на помошта приоритетен критериум да била партиска припадност на настраданите? Ако се определува помош од 3000 евра за човечка жртва, а пред кратко време истата таа власт, која определи толкава помош, со издавање обврзница на пазарот на капитал собра 460 милиони евра? Што може да е во моментов поприоритетно за власта, отколку да им се помогне на настраданите што е можно поитно да си ги обноват домовите и покуќнината, а со тоа и да им се врати вербата во животот по се‘ што ги снајде? И не само тоа, туку веднаш да преземе мерки за отстранување на сите слабости кои на суров начин ги покажа поројот. Така и само така власта ќе покаже дека може да се верува во неа, а не со корумпирање на граѓаните за што служеа досегашните задолжувања, а веројатно за тоа ќе служи и најновото.

Што треба да се мисли за една власт која тврдоглаво продолжува да реализира - во конкретните околности бесмислени - проекти од типот на панорамското тркало, како во Скопје да има малку друг циркус, само за потоа да може да каже ветивме – реализиравме? И, што човек да мисли за демек-лидерот по она инсценирање со телефонската организација на акции за помош пред вклучените камери на медиумските курири на власта? Истите тие камери што не ги регистрираа инцидентните ситуации, кои за голем срам, стигнаа до македонската јавност преку извештаи на бугарската телевизија! Што човек да мисли за власт која не дозволува багерите или медицинските сестри да тргнат во акција, додека не дојдат „избраните” за тоа да биде снимено и прикажано на провладините телевизии, за што имаше сведочења во јавните и социјалните медиуми?

По сите настани од изминатите денови се прашувам што уште треба да се случи за да прогледаат оние со "очи широко затворени".