1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поради Украина, нова проценка на ситуацијата на Балканот

Силвера Падори-Кленке5 декември 2014

Додека едни аналитичари сметаат дека случувањата во Украина ќе се одразат врз безбедност на Европа, Балканот и односот на НАТО, други велат дека регионот е стабилен и прашање е колку високо ќе остане на НАТО-агендата.

https://p.dw.com/p/1DzQx
Фотографија: DW/B. Riegert

„Сигурно дека ситуацијата во Украина влијае врз другите делови на Европа. Анексијата на Крим од страна на Русија, агресијата која се заканува за источниот дел од Украина, се во спротивност со целокупниот безбедносно-политички поредок на Европа. Првпат по 1945 една држава од Европа насилно презема териорија од друга европска држава. Сите овие работи се апсолутно драматични и фундаментални поради што мора да се говори за последиците кои ги има за Балтикот, за Полска, кои конечно се само примери, но станува збор за влијание врз целата Европа, а со тоа и врз Балканот! Конкретно, поради Украина значи дека и безбедносно-политичката ситуација на Балканот ќе мора одново да се проценува. Во оваа смисла гледам дека има нова динамика, на пример за членството во НАТО за аспирантите од Балканот, со што би се обезбедила и гарантирала поголема сигурност за стабилноста во Европа“, изјави др. Патрик Келер, аналитичар за надворешна и безбедносна политика од Фондацијата Конрад Аденауер, кој за ДВ ги коментира можните негативни последици од кризата во Украина врз Балканот.
Др. Келер смета дека целата ситуација околу Украина ја мобилизира Алијансата. Принципиелно НАТО има интерес да ја оддржи силината и стабилноста на Европа. Кон сево ова секако припаѓа и спроведувањето на заклучоците од последниот самит во Велс, кои не се врзани исклучиво за безбедноста на Балтичките земји и Полска, туку се насочени и кон останатите делови каде се' уште има проблеми, а тоа е и Балканот.
Дали е ова шанса за Македонија, која по грчката блокада од Букурешт во 2008 година, се' уште го чека полноправното членство во Алијансата?
„Јас сум целосно убеден дека Македонија припаѓа кон НАТО и единствениот камен на сопнување, според мое видување е целосно ирационалниот проблем со Грција околу името.Но, ова мора да се надмине заеднички со грчката влада. Сметам дека сега има еден нов поттик! Мора да се работи на јасните приоритети и да се надеваме дека ќе има раздвижување и околу ова прашање“, констатира др. Патрик Келер.

Македонија да се позанимава со внатрешните проблеми!

„Случувањата во Украина од безбедносен аспект нема да се рефлектураат врз Балканот“, е ставот на Јоан Мирчеа Паску, романски пратеник во Прогресивната алијанса на европските социјалисти и демократи и вице претседател на Комитетот за надворешни работи на Европскиот Парламент. Тој меѓутоа смета дека случувањата во Украина ќе се одразат во однос на тоа колку високо регионот ќе остане на агендата на НАТО и на ЕУ. Земјите од Балканот веќе си одат по својот европски пат. Некои се веќе дел од НАТО, некои чекаат на членство на ЕУ.

Patrick Keller Experte KAS
Патрик Келер: НАТО има интерес да ја оддржи стабилноста на БалканотФотографија: KAS

„Македонија ја има поканата од Букурешт и познат е проблемот кој ја соприра на нејзиниот евроатлантски пат. Суштинско е меѓутоа, дека случувањата во Украина, немаат директна закана врз безбедноста на регионот. Прашање е само со колкаво внимание ЕУ и авроатлантските институции ќе продолжат да се фокусираат на регионот“, изјави за Дојче веле Паску инаку не го заобиколува фактот дека Русија е блиска со земјите од Балканот, пред се’ со Србија. Колку ваквата традиционална поврзаност може да влијае регионот повторно да се претвори во поле на стратешки интереси?
„Србите се свесни за оваа ситуација. Пораките кои им се упатени се мошне сериозни.Тие мора самите да оценат кој е најефикасниот пат по кој се подготвени да чекорат. Што се однесува до Македонија, таа е во сосема поинаква ситуација. Колку што гледам сега Македонија мора сериозно да се позанимава со внатрешните реформи“, подвлекува Паску, кој одговара и на прашањето: нема ли опасност од нова дестабилизација на регионот доколку се засилат желбите на Албанците од Балканот да живеат во една држава?
„Тешко е да се каже! Но, сметам дека секој е свесен дека двете земји (Албанија и Косово н.з.) делат ист етникум, со иста религија. Свесни се сите за тоа, но тоа се се' уште две земји“, констатира Јоан Мирчеа Паску.

Да се почитуваат традиционално добрите односи!

Дека ситуацијата во Украина не може да се „преслика“ врз Западен Балкан, смета и Анвар Асимов, амбасадор во министерството за надворешни работи на Руската федерација и долгогодишен руски претставник во ОБСЕ.
„Сите земји земји од Балканот се на пат кон европската интеграција. Порано или подоцна ќе станат членки на Европската Унија. Ние немаме забелешки на ваквиот развој. Традиционално имаме добри односи со сите земји од регионот и посено со Србија. Македонија, пак, ја имаме признаено под уставното име. За нас е важно интеграцијата на семјите од Балканот во ЕУ да не ги наруши традиционално добрите односи кои тие ги имаат со Русија. Наша желба е ова да биде почитувано и од Унијата, а релациите меѓу државите од регионот и Русија и во иднина да останат стабилни и онакви какви што ги имаме и денес“, изјави за ДВ амбасадорот Асимов.
Тој понатаму подвлече дек Русија има разбирање дека балканските земји се соочуваат со бројни економски и финансиски проблеми, дека тие се ориентирани кон помошта од организации како Светската бакна, ЕУ и други се обидуваат да придонесат и да им помигнат во решавањето на економските и социјалните прашања.
„Русија работи самостојно во развојот на билатералните односи со секоја од земјите посебно, со цел да се подобрат економските и трговските односи. Задоволни сме од воспоставените релации , но секако посакуваме натамошен прогрес и просперитет за Балканот. Се надевам дека Македонија, а и сите останати ќе успат да ги надминат актуелните предизвици и од сите овие кризи ќе излеат колку што е возможно посилни“, истакна за ДВ амбасадорот Анвар Асимов.

Sicherheit NATO Balkan Mazedonien Anvar Asimov
Анвар Асимов: Немаме забелешки на европскиот пат на земјите од Западен БалканФотографија: DW/S. Padori-Klenke
Ioan Mircea Pascu
Јоан Мирчеа Паску: Случувањата во Украина немаат директна закана за стабилноста на БалканотФотографија: presse