1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попова Шапка на пат кон стариот сјај

Свето Тоевски29 јуни 2014

Со првите активности за изградба на нова шестоседна жичарница, вредна 9,4 милиони евра, стартуваше и реализацијата на планот на враќање на Попова Шапка како туристички и планински центар на европските туристички мапи.

https://p.dw.com/p/1CRr2
Фотографија: Fotolia/auremar

Предвидени се вкупни инвестиции од 30 милиони евра во изградбата на повеќе капитални објекти. Во писмената информација на „Електрани на Македонија“, државна компанија и сопственик на центарот, за Дојче веле се наведува: „Италијанската фирма ’Лејтнер’ ќе ја гради оваа жичарница, која ќе се наоѓа на локацијата на сегашниот ски-лифт 'Мал Јелак'. Должината на трасата изнесува 1.420 м. Почетниот капацитет ќе биде превоз на 2.400 скијачи на час. По должината на оваа жичарница ќе бидат отворени три нови скијачки патеки со вкупна должина од пет километри, со кои должината на скијачките патеки во првата фаза ќе изнесува 18 км. Капацитетот на ски – терените ќе се зголеми од сегашните 1700 на 3150 скијачи. Ќе се инвестира и во изградбата на нов паркинг простор, осветлување и пристапен пат. Објавен е тендер за избор на најповолен понудувач. Позицијата на паркингот е во централното подрачје на Попова Шапка и со него целосно ќе се решат проблемите околу недостигот од места за паркирање, со кои се соочуваа посетителите во минатото.“

Интензивни развојно – инвестициони активности на Шапка во 2014 и 2015 година

Мастер-планот за развој е дел од плановите на Владата овој центар да стане една од привлечните туристички одредишта во Југоисточна Европа. Допрва ќе претстојат засилени инвестициони активности во рамки на владината стратегија за развој на овој скијачки центар, еден од најголемите во земјата. Заради обезбедување услови за долга скијачка сезона, планирана е изградба на отворен резервоар со капацитет од 30 илјади кубни метри вода и систем со топови за изработка на вештачки снег. Изградбата на резервоарот и системот треба да заврши во октомври 2014 година. ФИС – хомологираните патеки за велеслалом и слалом ќе бидат целосно покриени со вештачки снег. Една од новините, која ја најавуваат од „ЕЛЕМ“, е изградбата и на така наречен „Снежен парк“, како атракција за бордерите и скијачите. Предвидена е и реализација и на помали придружни проекти. Ќе бидат набавени и три нови ратраци - машини за подготовка на патеките. Ќе биде поставена и дополнителна инфо – сигнализација низ скијачкиот центар и ќе биде изградена зона за почетници.

Skifahrer Stefan Luitz
За професионалци...Фотографија: imago/GEPA pictures

„Ќе бидат потребни дополнителна поддршка и субвенционирање од Владата“

Каков е ставот на Стопанската комора за туризам на Македонија во врска со овие настојувања Попова Шапка да се врати на европските туристички мапи?

Во писмената изјава за ДВ, добиена од Татјана Перовиќ-Митрова, извршната директорка на оваа коморска асоцијација, се нагласува: „Остварувањето на инвестициите предвидени со мастер – планот ќе влијае позитивно, но за да се врати некогашниот сјај, кој го имаа планината и центарот, потребни се и други предуслови. Дел од нив се инфраструктурата и сите оние содржини, кои би требало да се развиваат, за да може да се достигне нивото на другите зимски центри во моментната силна конкуренција во регионот. Природните убавини, патеките и вкупниот потенцијал на Шар Планина се на четврто место во Европа, но, покрај предвидените инвестиции, ќе биде потребна и дополнителна подршка од Владата: промоција, субвенционирање и други форми, кои би ги заитересирале туроператорите од земјата и пошироко да ги стават повторно Шар Планина и Шапка во своите програми за планински и зимски туризам.“

Планирани се зафати и околу постојните два хотела на Попова Шапка. За едниот, истоимен, се разгледуваат две можности: или целосно да се урне и на негово место да се изгради нов модерен објект со 5 ѕвезди, или целосно да се реновира. Вториот хотел „Славија“, кој е веќе е реновиран ќе се доградува со уште едно ново крило, со што за 70 отсто ќе се зголемат сместувачките капацитети.

Generation Change
...и другите скијачиФотографија: Gilly Norton

Дали ќе може Попова Шапка по реализирањето на амбициозниот мастер-план, со новите жичарници, двата хотелски капацитета со 5 ѕвезди, паркинг-простор за 800 возила, другите придружни објекти и со врвно подготвени ски-патеки да им биде сериозен конкурент на реномираните балкански ски-центри Копаоник, Банско, Боровец?

Зоран Тунтев, експерт за туризам од државниот Факултет за туризам и угостителство од Охрид вели: „Попова Шапка заслужува најмногу внимание во споредба со сите други зимски центри и планини во Македонија, поради своите предности што ги има. Климатските услови и надморската височина од околу 1700 метри се оптимални и многу подобри од оние на Кожуф, Маврово, Крушево и Пониква. Шар Планина со должината на своите скијачки патеки има најповолни услови во Македонија за класичните алпски дисциплини, но и за „off road“, поточно, „off track“ – скијање, кое во Европа станува се повеќе популарно. Треба и локалната заедница и туристичкиот еснаф да препознаат добра основа за инвестирање на Шапка во хотели, викендички, ресторани, кафетерии и други мали објекти за сместување, забава, транспорт и одржување на патеките (набавка на снежни топови, ратраци и ски – санки), како и во продажба и сервисирање на скијачка опрема.“

„За втората и третата развојна фаза ќе се бара стратегиски партнер и инвеститор“

Тој предупредува: „За да може Шапка да се наметне како сериозна конкуренција во регионални, а подоцна и во пошироки меѓународни рамки, ќе и биде потребна и ефтина енергија за греење на хотелите и затоплување на базените, сауните и топлите бањи. Во недостиг на ефтин енергенс постои реална опасност туристичката понуда да биде сиромашна, или цената на услугите да биде висока и неконкурентна во споредба со оние во Банско, во Бугарија, или во Копаоник, во Србија. Покрај домашниот пазар, треба да се започне со афирмирање на понудата и во земјите од блиското опкружување. Треба веднаш да се настапи на регионалните саеми за зимски туризам, да се повикаат новинари и познати ’фаци’ од светот на скијањето и да се организираат ’FAM’ – тури со специјализираните туроператори и агенции за овој вид на туризам.“

Петре Димитриевски, директор на Друштвото за туризам и угостителство „Попова Шапка“ се осврнува на меѓународното туристичко работење: „Во последниве години имаме постојано зимски туристи од земјите од поранешните југословенски простори, како и значителен број гости од странство особено за екстремното скијање. Сега имаме аранжман со една фирма од Холандија, преку која ќе ни доаѓаат гости од оваа земја од 20-ти декември до 10-ти март. Преговараме со туроператори и од други земји од Западна Европа. Цел е во наредните години да имаме од две до пет илјади посетители дневно во текот на сезоната, да го достигнеме нивото на посетеност од 1998 година.“

Развојот и инвестициите на Попова Шапка ќе се одвиваат во три фази. Во првата од 2014 до 2017 година инвеститор ќе биде „ЕЛЕМ““. За втората и за третата фаза ќе се бара стратегиски партнер и инвеститор..