1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Попис во Германија 2022: нема планирање без податоци

Фолкер Витинг
14 мај 2022

Колку луѓе живеат во Германија? Има ли доволно станови, училишта, места за студирање? Одговор на овие прашања би требало да даде новиот попис на населението.

https://p.dw.com/p/4BG1f
Deutschland München | Fußgängerzone
Фотографија: Sven Hoppe/dpa/picture alliance

Каде, кој и како живее во Германија? Колку луѓе има воопшто во земјата и колкава е старосната возраст? Каде живеат посебно голем број самци или постари лица? Каде и колку има станови, болници, а каде ги има премалку? 

Пописот на населението кој се спроведува годинава во Германија е нешто како „инвентар во супермаркет“, вели Штефан Дитрих во разговор за Дојче веле. Дитрих е технички раководител на проектот за попис на населението 2022 во Сојузниот завод за статистика. Тој и неговиот тим од 50 луѓе се креатори на моделот за претстојниот попис на населението кој почнува на 15 мај.

Собраните податоци се наменети за откривање на економската,  демографскаи  социјална структура на  општеството во Германија  и пружаат информации за тоа каде постои потреба од политичко дејствување. Последниот попис на населението од 2011 година откри изненадувачки факти. На пример, покажа дека во Германија живеат околу  1,5 милиони луѓе помалку  отколку што се претпоставуваше.

Овој репрезентативен попис требаше да биде одржан ланската година, во планираниот десетгодишен циклус, но поради пандемијата на коронавирус, истражувањето беше одложено за 2022 година.

Попис за демократија

Податоците добиени со пописот не се важни само за градовите и општините, туку и за политиката генерално, објаснува Дитрих: „Треба да знаеме точен број на жители, на пример за формирање изборни единици и одредување на распределба на гласовите во Сојузниот совет, Бундесратот.“ Бројот места кои ги добива една сојузна покраина во тој „горен дом на германскиот парламент“ зависи од бројот на жители во неа.

Пописот се темели на европското законодавство, па затоа многу прашања се однапред дефинирани. За останатите одлука носи германскиот парламент, Бундестагот, „ а не статистичарите“, објаснува Дитрих.

Такво е на пример прашањето за животните услови. Во Германија не постои единствен регистар кој го бележи вкупниот број станови и згради. Затоа статистичарите, во име на политиката, сакаат да добијат подетални податоци на ова поле. Зашто, одамна е јасно – во Германија недостигаат станови.

Новост е што првпат се испитува и висината на станарината или причината и колку долго некој стан стои празен, како и видот на греење. „На сите им е јасна актуелноста на ова прашање и дека треба да помогне за подобро планирање во иднина, “ вели Дитрих.

Deutschland | Zensus 2022
Фотографија: Sascha Steinach/IMAGO

Кој ќе биде интервјуиран?

Ова не е целосен попис на сите 83 милиони луѓе кои живеат во Германија. Тоа не е потребно, зашто на статистичарите голем дел од потребните податоци им стојат на располагање во веќе постоечките регистри, како на пример оној за пријава на местото на живеење, каде е забележано каде кој живее. 

Германците стареат незадржливо

Подетално ќе бидат анкетирани околу 10,3 милиони луѓе, а на прибирање податоци ќе бидат ангажирани околу 100.000 анкетари. Но, Заводот за статистика се обидува анкетирањето на лице место да го намали на најмала можна мерка, објаснува Дитрих. Многу податоци испитаниците можат да испратат по електронски пат. Учеството во пописот е законски обврзно: кој ќе одбие, плаќа казна од 300 евра.

Притоа не треба да се даваат податоци на пример за состојбата на банкарската сметка или за навиките за гледање телевизија. Но, се бараат податоци како пол, брачен статус и датум на раѓање. Тука се и детални прашања за занимање, степен на образование, националност и станбената ситуација. Освен тоа, сите околу 23 милиони сопственици треба да дадат податоци за становите и зградите.

Скандинавците прават подобро

Но, зошто е воопшто потребно посетување на луѓе во нивните станови и чукање на врата во доба на дигитализација и сѐопфатно собирање податоци? Причината е што во Германија не се собираат сите важни податоци преку постоечките регистри. На тој план Германија е на средината во меѓународна споредба.

Најнапредни во тој смисол се скандинавските земји. Таму постои единствен матичен број: „Тоа значи – кога ќе дојдете во контакт со државата – на факултет, во матично одделение или при регистрација на автомобил - го давате својот личен идентификациски број“, објаснува економистот Дитрих од Сојузниот завод за статистика. Таму, исто како и во Австрија и Естонија, статистичарите само треба да ги споредат различните извори на регистри.

Германија пак има „мешовит модел“: покрај користење податоци собрани од некои регистри, потребна е и обиколка на анкетари.

Deutschland | Protest gegen dei Volkszählung 1987
Протест против пописот, Берлин 1987 годинаФотографија: Roland Holschneider/dpa/picture-alliance

Германците не сакаат попишување

Уште во 1980-те општиот попис на населението, кој го планираше тогашната влада, доведе до  насилни протести.  Од една страна, поради фактот што тогаш планираниот попис многумина ги потсети на систематско собирање податоци, како верска припадност, од времето на нацистите. Од друга страна, не беше доволно обезбедена заштитата на податоците. Во тоа време популарна протестна парола беше: „Само овци допуштаат да ги бројат!“

Протестот беше успешен: германскиот Уставен суд во 1983 година го запре проектот. Пред таа пресуда на пример беше можно собраните податоци од пописот да бидат испратени назад во општините. Тоа сега веќе не е допуштено. Општиот попис беше одржан дури во 1987 година според нов закон, иако и тогаш имаше големи демонстрации.

Денес веќе нема поголем отпор кон пописот на населението, веројатно и поради фактот што драстично се промени начинот на кој Гугл, Амазон, ПејПал и други компании се занимаваат со податоци. Воздржаноста во поглед на собирањето податоци е многу помала. „Посебно кога го споредувате она што го откривате за себе при купувањето на интернет, прашањата што ги поставуваме ние во рамките на пописот се прилично воздржани“, вели Штефан Дитрих од Сојузниот завод за статистика. Пописот на населението во Германија 2022 ќе чини околу 1,5 милијарди евра, а резултатите ќе бидат познати на крајот на идната година.