1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помалку страшно од мракот на груевизмот, но сепак ужасно!

13 септември 2019

Дали Заев страхува од решеноста на Мицкоски да му ја „исече“ главата, макар платил и со сопствената? Дали Мицкоски има информации и валканици за таков потфат? Дали, како одговор на тоа, се заканува нов авторитарен ужас?

https://p.dw.com/p/3PW8F
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Последната рудна преговори помеѓу власта и опозицијата, политиката која преку дилови, договарања и натегања решава за нашиот правосуден систем, за минатите и за актуелните криминали, ми наликува на навестување на уште една отворена криза, во серијата латентни политички кризи кои Македонија ја тресат во последните 5-6 години.

Асоцијацијата и аналогијата која дури и прелесно ми се наметнува е дека се враќаме на почетокот, онаму од каде што тргнавме со политичко-преговарачкото уривање на режимот, без притоа тој суштински да биде демонтиран и без криминалите да добијат свој праведен и правосуден епилог. Но, постои една важна разлика. Денес преговарачите од двете страни се многу послични, многу поблиски отколку во Пржинската епоха.

Денешната опозиција не ја плати очекуваната цена за своите криминали и сега луѓе кои се обвинети, или осомничени, преговараат со луѓе кои се неспособни да го демонтираат системот. Што поради алчност, што поради ароганција, овие вториве се заплеткаа во свои криминални мрежи, од кои не знаат како да се отплеткаат. Денес, со должен респект кон одредени пропорции на криминогеноста, во суштина преговараат две криминални групи. Да беше поинаку, верувам и дека немаше да преговараат, односно да се договараат како секој да спаси тоа што може. Фактот дека не успеваат да се договорат, можеби говори за тоа дека едната страна е убедена дека има посилни адути од другата. Друго објаснување за оваа пат-позиција јас не гледам.

Двајца нервозни лидери во залудни преговори

Но, постои и суштинската разлика дека Македонија денес сепак не може да се окарактеризира како заробена држава, барем не по стандардите на груевизмот, па оттука власта сѐ уште има некаков кредибилитет, се разбира на стара слава, да глуми обиди за етаблирање на правната држава и да лажира дека се соочува и со криминалот во сопствените редови. Се разбира дека тоа е поза во која нема никаква суштина и вистинитост, но ете, можеби и тоа е некаков адут во рацете на власта. Со други зборови, власта има можност да делува како што ќе посака, но постои и ризикот дека што и да одлучи - дали тоа ќе бидат апсења и терање по свое, силување на институциите, или сѐ ќе заврши со некој нов договор - сето тоа во перспектива да се испорача по висока цена, дури можеби и повисока од онаа што ќе ја плати опозицијата.

Од преговорите, неколку работи ни стануваат кристално јасни. Првата е дека премиерот Зоран Заев е неверојатно нервозен, имајќи ја предвид можноста да тргне во напад. Втората е дека опозицискиот лидер Христијан Мицкоски очигледно од оваа неверојатно и срамно порозна институционална касаба собрал доволно информации, валканици и компромитирачки материјали, па се убедил дека може да му ја исече главата на Заев, макар за тоа платил и со сопствената. Но, нели, да се биде жртва или замислен херој е особина која мора да ја одглуми секој што аспирира на власт во оваа држава.

Затоа не е апсурдно што Заев е заглибен во минатото. Веројатно предобро се сеќава како тој избра да го урива режимот и да го преземе гнилиот систем, за да не почувствува дека истото можеби денеска му се случува токму нему. 

Премиерот нѐ потсетува за врските на ВМРО со Никола Груевски, замислете, како ние да сме заборавиле. Ние на тоа го потсетуваме - дека на неговата власт ѝ избега Груевски и дека немаше одговорност за тоа. Но, изјавата дека „Рекет“ водел до Мицкоски, како и онаа срамна и најверојатно нарачана анализа дека „Рекет" всушност бил државен удар како оној во Црна Гора, сериозно се коси со реалноста и ги издава намерите и слабостите на Заев.

Не дека странски служби немало, нив секогаш ги има (и за тоа напишав една колумна), но денес сум уште поубеден дека не станува збор за државен удар, туку за судир меѓу надворешни и регионални сили и опортунистички интереси, кои се кршат на наш грб, меѓу другото и поради сомнителни постапки, интереси и ветувања, направени од старата власт, како и поради речиси никаквата безбедноста култура и институционална заштита кај актуелната власт.

Засега и без „сабја“ и без добра приказна

Сега, кога на целата земја веќе ѝ е прејасна шемата со Боки, кога на сите им е прејасно што правеше оваа власт со неговата провладина и нелегална телевизија, кога сите имиња се познати, а опозицијата веќе не се ни плаши отворено да споменува имиња, секој со два грама мозок знае до каде одат пипците, додека во меѓувреме премиерот ни тропа и штанца неверојатни глупости. Неразбирливо е зошто премиерот толку силно се возбуди од неколку криминалци, од еден педер и од еден суетен новинар, кога ние сме биле мета на надворешно и домашно организиран државен удар да се урне неговата влада?! Како власта не се фатила веднаш за „сабјата, која самите сега си ја препишуваат како чудотворен лек, тогаш кога лидерот на опозицијата демек рекетирал, а тајни агенти на Путин ровареле низ цела држава?! Неверојатно е да се гледа една власт, која важеше за новата „надеж и правда“, како седи на маса со осомничени лица за 11 години епски криминал и се вади дека тие се вмешани во веројатно нивниот криминал.

Кој е овде луд, а кој збунет? Сево ова кажува дека нешто не се поклопува во шупливата приказна на власта за скандалите што ја потресуваат. Неспособни да наметнат сопствен пропаганден наратив во стилот на најлошото ВМРО, луѓето од власта испаѓаат смешни, слаби и разоружани во своите намери и стравови.

И сега, што останува? Договор најверојатно ќе нема и власта ќе си ги турка самостојно случаите преку Јавното обвинителство без епитетот „специјално“, на тој начин заглавувајќи во комплетна институционална блокада. Потоа, можно е да се случи препорачаната операција „Сабја" и дури да се направи грешката што дури ни Груевски не си ја дозволи - да се апсат опозиционери, не за старите криминали, туку заради заташкување на криминалите на актуелната власт и на нивните функционери или блиски лица.

Но, зарем некој мисли дека на Мицкоски или на ВМРО им е гајле дали со поседување прават, или со објавување ќе направат кривично дело, пуштајќи во јавноста којзнае какви компромитирачки материјали? Можеме само да замислиме што сѐ има во исказите на сведоците за случајот „Рекет“. Шпекулациите се дека луѓе од власта ќе имаат сериозен проблем со спомнатите имиња. Криминалците ќе играат криминално до крај, особено кога тој што требало да создаде услови за нивна казнивост и самиот најверојатно паднал во истата замка.

Други колумни од авторот:

(Thinker Tailor Zaev Spy) Зошто никој не го спасува војникот Заев?

Револуција каква што не заслуживме!

„Рекет“ е шанса да завладее правда и Заев да освои нов мандат

На патот од славата до трагедијата

Неверојатно е ова повторување на историјата, оваа потврда дека еднаш настапува како трагедија, а потоа како фарса. На Заев, со многу различности, но сепак доста поедноставено кажано, му се случува тоа што и самиот одлучи да го прави кога тргна да го урива режимот.

Веројатно за да ја објасниме оваа нова трагедија треба се повикаме на феноменот хибрис, деранжирајќи ги Есхил, Херодот и Аристотел. Но, несомнено, постои нешто епско во човекот кој со свои сопствени раце ја креира својата несреќа, превртувајќи го комплетно краткиот циклус на историја во која бил протагонист, и така преоѓајќи од слава во трагедија.

И тоа го прави затоа што е опседнат од страста да владее и да командува, до степен да ја трансформира власта во тотем кој мора да се освои во својата целост, и како симбол, и како суштина. Во таа смисла, според традицијата, хибрисот го претставува пречекорувањето на границата, излезот од законитоста, проекцијата на дозволеното и легитимното преку тоа што е правично или мудро. Тоа е искушението на претеризмот и немањето мерка.

Античките мудреци говореле за политичката дрскост како за еден вид горделивост која ги надминува среќата, успехот, победата, па како таква се претвора во вина во очите на боговите, кои потоа се одмаздуваат. Ароганција? Надменост? Во оваа душевна состојба од која се заразени нашите власти, всушност, можеме да евидентираме нешто и што не е толку очигледно. Тоа е бескрајното чувство на непотполност, дури и една недоволност, чувството на една кревка и кршлива моќ која наместо да владее и да се задоволи со демократските алатки, бара начини како да се успокои, да се утеши самата себеси, присвојувајќи нови сфери и простори на моќ, затоа што во општата збунетост чувствува дека не може и не знае во целост да ги употреби политичките инструменти кои ги поседува.

Поради овие карактеристи на нашата власт, би било подобро да се каже дека таа не предизвикува владина криза, туку поточно криза на системот, со самото тоа што паднала во вечната политичка замка не да владее гарантирајќи го поредокот, туку постојано расклопувајќи го и повторно составувајќи го според сопствените потреби и желби.

Системската криза се перпетуира

Власта, како и онаа претходната, е слична во една клучна работа. Не знае и не сака да се откаже од прерогативите кои не ѝ припаѓаат. Дали тоа се направило заради поголеми слики и интереси, или заради ниски страски и тесни интереси, веќе и не е важно. Тоа што е важно е дека нашата системска криза се перпетуира, дури и кога владее помалото зло.

Груевски тоа го правеше заробувајќи ја комплетно државата од партијата, инкарнирајќи ја целосно „народната волја", злоупотребувајќи ги националниот наратив и идејната хегемонија над општеството и политиката. Заев тоа го прави изедначувајќи се со интересот на државата, прогласувајќи се за бранител од надворешните и домашни сили, од мрчаторите и од педерите, од суетните новинари, правејќи ги Собранието и законите целосно потчинети на извршната власт и суштински на волјата на партијата камуфлирана во шарен караван за секој конвертит, апологет, или амнестиран послушник. Да, помалку е страшно од груевистичкиот тоталитарен метод, но ништо помалку апсолутистички ужасно.

Повторно, немаме влада, туку премиерат. Слично е на теоријата на Орбан: можно е да се почитуваат надворешните форми на демократијата, но притоа модифицирајќи ја нејзината суштина и оставајќи ја како празна школка. Далеку од диктатура, но преблиску до демократура.

Дали претерувам? Не знам, но во политичката теорија моќта која е ослободена од тежи и контратежи се нарекува апсолутизам. Моќта која ја институционализира харизмата и херојството се нарекува бонапартизам. Моќта која ги надминува своите граници се нарекува авторитаризам.

Можеби само грешам, и наместо сево ова, оваа власт е една празна власт и нејзината моќ е, всушност, испразнета од моќ. Единствено бездушноста знаеме да ја спротивставиме на режимот.