1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полјаците се караат околу бројот на мртви од корона

Моника Ширацка
22 јануари 2022

Официјално, во Полска од Ковид-19 починале преку 100.000 луѓе. Но, експертите сметаат дека реалната бројка е многу повисока.

https://p.dw.com/p/45Qry
Polen wird Hochrisikogebiet | Öffentlicher Nahverkehr in Krakau
Фотографија: Beata Zawrzel/NurPhoto/picture alliance

Од почетокот на пандемијата во Полска од Ковид-19 починале 100.254 луѓе, објави полскиот министер за здравство Адам Нидзилски на 11.01.2022 на телевизијата ТВН24. Но, Кржиштов Ј. Филипиак, ректор на приватната медицинска школа во Варшава, смета дека бројот мртви е многу поголем. „100.000 луѓе е погрешна бројка“, вели Филипиак во разговор за полскиот портал onet.pl.

Во релноста, од почетокот на пандемијата умреле преку 200.000 луѓе, смета тој. „Половина од тоа се потврдени случаи на Ковид-19, другата половина се непотврдени случаи или ‘колатерални случаи на смрт', кои можат да се припишат на парализата на здравствениот систем, изостанување на лечење на други болести, влошување на здравствената заштита и крахот на здравствениот систем“, вели Филипиак.

Тој укажува на тоа дека според наводите на ОБСЕ, Полска во 2020 година имала најлошо финансиран здравствен систем во Европската унија и дека имала најмалку вработени лекари на 1.000 жители – 2,4 лекари. Во Германија на пример има 4,2 лекари на 1.000 жители. Голем број од смртните случаи експертите ги објаснуваат и со слабата спремност на Полјаците за вакцинирање. Според наводите на владата, досега целосно се вакцинирани 21,3 милиони Полјаци, што изнесува 55 % од населението. Околу 7,7 милиони имаат примено и бустер доза, односно 18 %. Во Германија, целосно вакцинирани се 72 % од населението, а 43,5 % има примено бустер доза.

Од 27 членки на ЕУ, зад Полска според стапката на вакцинирани се само Хрватска, Словачка, Романија и Бугарија. Но, и покрај бројните апели на власта и на познати личности, многумина не дозволуваат да бидат наговорени на вакцинирање. По рекордните бројки на имунизирање на преку 650.000 луѓе дневно во јуни, бројот во текот на летото силно опадна, а во текот на есента 2021 година повторно малку  порасна, но ретко беа вакцинирани над 250.000 лица дневно.

Не се почитуваат ограничувањата

Лицата кои не се вакцинирани речиси воопшто не се плашат дека ќе бидат исклучени од јавниот живот. Додека на пример во декември секаде во Европа беа откажувани божиќните панаѓури, во Полска пазарите и штандовите со варено вино беа полни со луѓе. И дочекот на Нова година на бројни места се славеше масовно. Само новогодишното шоу на државната телевизија ТВП привлече 16.000 посетители.

Владата, за волја на вистината, редовно објавуваше „информации и препораки“ за ограничување на контактите, но ретко кој се придржуваше. Во ресторани, барови и кина дозволено е пополнување само на 30 % од местата, но тоа правило не важи за вакцинирани, стои на владината веб страница. Во пракса, во гастрономијата, во хотели или теретани само љубезно прашуваат дали некој е вакциниран. Тоа делумно е така зашто и правно не е сосем јасно дали угостителите или сопствениците на теретани смеат да проверуваат дали нивните гости се вакцинирани.

Waldemar Kraska
Заменикот полски министер за здравство Валдемар КраскаФотографија: Rafa Guz/PAP/picture alliance

Полски „ген на отпор“!?

Колку е поголем градот, толку луѓето се поспремни да се придржуваат на ограничувањата поради корона. Но, во туристичките места на Балтичко Море или во планините во јужна Полска, се гледаат полни ресторани во кои никого не го интересира вакцината, потврда за ковид или маска. Во источниот дел од земјата домаќините го исмеваат секого кој влегува со маска во продавница. Во тренд е доведување во прашање на постоењето на пандемијата.

Заменикот полски министер за здравство Валдемар Краска тука гледа „ген на отпор“ кој го имаат бројни Полјаци. Во разговор за радио РМВ во ноември 2021 година тој таа посебна предиспозиција ја наведе како аргумент против локдаун. „Ако ние (владата, н.з.), не ги спроведеме веќе постоечките ограничувања, тогаш ништо нема да користи ни ако воведеме дополнителни рестрикции“, изјави тој. Полјаците се „културолошки поинакви“ од луѓето на Запад, вели тој.

Фестивал на противниците на Ковид“

Па сепак, владејачкото мнозинство во полскиот парламент од партијата Право и правда, ПиС, смета дека е нужно воведување конкретни мерки против пандемијата, зашто бројот на инфицирани силно расте. Моментно се дискутира за закон со кој барем на работодавачитеби им се овозможило да ги проверуваат потврдите на своите вработени за вакцинирање. Предлог законот беше готов уште во ноември, но тогаш се чу критика не само од десно-екстремната опозиција, туку и од самата ПиС во чии редови не е мал бројот на противници на вакцинацијата.

На седница на Комисијата за здравство на 5 јануари 2022 беа повикани преку 60 сојузи и здруженија, од кои мнозинството се скептични кон вакцинирањето. Тие тој состанок го претворија во „фестивал на противниците на ковид“, како што коментираа зајадливо критичките медиуми. Не осврнувајќи се на тоа, и претседателот на државата Анджеј Дуда се изјасни за тоа да се сослушаат и противниците на вакцинирањето.

Мора да се разбере „дека оние кои не сакаат да се вакцинираат имаат свои стравови и сомневања“, изјави претседателот Дуда на крајот на декември за новинската агенција ПАП. „Човек смее да се сомнева и да се плаши“, вели Дуда. На прашањето дали ќе го потпише новиот закон откако ќе го прифати парламентот, тој одговори: „Тоа ќе биде многу тешка одлука“.