1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политички рамноправни, но помалку платени!

Силвера Падори8 март 2009

Денеска е 8 март, меѓународен ден на жената, кој е во знак на борбата за полова рамноправност. Но, жените во Германија, и денес добиваат 23% помала плата од мажите, а мал е бројот на жени на раководни функции.

https://p.dw.com/p/H7m2
Жените се помалку платени од машките колегиФотографија: AP

Во Параграфот 2 од членот 3 на германскиот Устав стои: мажот и жената се рамноправни. Иако во последниве 6 децении на ова поле е многу направено, во обичниот живот ситуацијата е малку поинаква. Особено, кога е во прашање заработувачката и раководните функции на коишто се наоѓаат жени.

Пред девет децении жените преку правото на глас бараа рамноправност со мажот. Пред половина век битката за рамноправност почна да се бие преку образованието. Пред дваесеттина години, за сметка на семејството и децата, кариерата стана врв на приоритетите на еманципираната жена. Сега, под ударот на демографскиот „сатар“ работите полека почнаа да се менуваат во друга насока. Се инсистира на професионална рамноправност, но со партнер кој подеднакво ќе се грижи за децата. Можно ли е ова во една Германија?

Економски потценети

Иако се вели дека во Германија е постигнато многу на планот на рамноправноста на половите, дефиците се фрапантни. Особено ако се има предвид колку жени, со одлични квалификации се на високи функции:

Angela Merkel
Германија има жена канцелар - Ангела Меркел, но многу е мал бројот на жени на раководни позиции.Фотографија: AP

„Споредено на меѓународно ниво, Германија не е на врвот. Поточно, се наоѓа многу подолу и е на ниво на земјите во развој, значително пониско од земјите на Унијата. Според актуелниот извештај на ЕУ, жените во Германија добиваат во просек 23 проценти помалку плата од своите машки колеги“, истакна Армин Лашет, министер за генерации и семејство од Северна Рајна Вестфалија. Сојузната министерка Урсула фон дер Лајен, пак уште поконкретна:

„Типичните женски професии систематски се пониско платени од типичните машки: негователките, медицинските сестри, фризерките, заработуваат помалку од работниците во магацини, авто-механичарите. Историски гледано, можеби порано машката работа барала и повеќе физичка сили. Но, денес, кога е се механизирано, нема основа еден транспортен работник кој користи механизација да биде повеќе платен од една негователка кога и за двете професии е потребно, да речеме исто време за образование“.

Жената и семејната политика

Рамноправноста на жената, според Фон дер Лајен, денес е тесно поврзана со семејната, економската и политиката на интеграција. Жените не се само мајки и ќерки. Тие се и партнерки. Долго време токму тука се инсистираше: „Кариера - да, деца не!“ Оние кои се одлучуваа за семејство и деца, ги губеа шансите за напредок на професионален план. Ваквата ситуација, според фон дер Лајен, сега се плаќа скапо. Има се’ помалку деца. Намалена е специјализираната работна сила и многу образовани жени, кои би сакале и да работат, остануваат далеку од пазарот на трудот.

Mutter mit Kind
Семејство или кариера?Фотографија: bilderbox.com

Поврзаноста на семејството и професијата, според Рита Зисмут, поранешен претседател на Бундестагот, е на дневен ред од 1965. Многумина во странство не можат да разберат дека за ова во Германија се’ уште се дискутрита. Таа смета дека на политички план до сега е многу направено. Но, и покрај тоа во секојдневието, жените малку чувствуваат дека нивните проблеми навистина се решени.