1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Името и натаму предизвикува поделби

БГ
25 октомври 2018

Швајцарскиот „Ноје цирхер цајтунг“ ги анализира последиците од спроведувањето на Преспанскиот договор во Македонија и во Грција. Се продлабочуваат политичките ровови во обете земји.

https://p.dw.com/p/37AS0
Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt  Zaev und Tsipras
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis

По правило, гласањето на парламентарците не ја прави неопходна полициската заштита. Македонија е поинаков случај, пишува во денешното издание Ноје цирхер цајтунг во текстот со наслов „Името и натаму предизвикува поделби“.

„Во Македонија неделава министерот за внатрешни работи Спасовски соопшти дека сите 80 пратеници кои гласале за компромис за името со Грција, добиле дополнителна заштита. Повеќе политичари добивале закани по гласањето“, пишува НЦЦ.

(...)„Исходот од гласањето ги продлабочи политичките ровови во Македонија. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ исклучи од своите редови 8 пратеници кои му помогнаа на премиерот Зоран Заев да го обезбеди двотретинското мнозинство. На интернет се шират фотографии на осумтемина политичари во кои тие се прогласени за 'предавници на Македонија'.

Уште пред гласањето, од ВМРО обвинуваа за поткуп. Јасно е дека владата изврши голем притисок врз опозициските пратеници. Притоа се случи и една извонредна коинциденција: имено куќниот притвор на тројца 'одметнати' пратеници им беше укинат токму во неделата кога требаше да се случи гласањето.

По референдумот, кој владата и покрај невалидноста го претвори во предлог за промена на Уставот, овие недоследности фрлаат дополнителна сенка врз процесот на решавање на спорот за името.

Во западните земји претежна олеснувањето затоа што е направен еден чекор напред. До спроведувањето на Договорот остануваат уште две гласања во парламентот во Скопје и едно во Атина“, пишува НЦЦ.

На другата страна, во Атина, компромисот предизвикува владина криза, продолжува весникот, потсетувајќи на кавгата меѓу министерот за одбрана Панос Каменос и шефот на дипломатијата Никос Коѕијас, која резултираше во оставка на Коѕијас.

„Компромисот за името меѓу Грција и Македонија надмина неколку важни пречки. Но политичката клима и натаму го труе проблемот на двете страни на границата“, заклучува швајцарскиот весник.